И Вес Мичел, кој замина од администрацијата на Белата куќа од лични причини и човекот кој доаѓа на негово место – Филип Рикер биле наши покровители во меѓународни релации
Во разговор пред камерите во една скопска телевизија непосредно пред Нова година, кога водителката ме запаша да изберам политичар кој ја обележал годината што изминува (2018), јас се определив за министерот за надворешни работи Никола Димитров. Реков дека многу поголеми земји би посакале да имаат таков министер на таа функција како и дека Преспанскиот договор е производ и на неговата ментална кондиција која ја покажа во многу сложени услови.
Тој ден еден колега, многу помлад од мене, како да ми префрли дека изборот не ми е добар и дека зад Димитров стои никој друг туку поранешниот амбасадор во земјава – Рикер! Немав такви информации а ниту сум во позиција да имам, дури едноставно сум заборвил на овој претставник на најмоќната држава кај нас во еден период на секогаш драматичниот период на нашето осамостојување.
Името на Рикер во нашата јавност деновиве го исфрли грчкиот весник „Катимерини“, кој објави дека споменатиот станува новиот помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, објави грчкиот весник „Катимерини“ без да наведе извор
Филип Рикер, кој беше амбасадор на САД во Македонија од 2008 до 2011, е новиот помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, објави грчкиот весник „Катимерини“ без да наведе извор. Според „Катимерини“, 54-годишниот Рикер ќе го замени Вес Мичел кој даде оставка, а на функцијата ќе стапи следниот месец. Рикер досега беше на функција во Европската команда на САД (ЕУКОМ) во Штутгард, каде е од 2017.
Медиумите деновиве потсетуваат дека тој станал амбасадор кај нас во периодот од септември 2008 година и авгут 2011 година. Ако добро пресметаме, тоа назначување доаѓа по неуспехот на американскиот претседател Буш јуниорот да не внесе во НАТО (април 2008) и кога Никола Груевски ја зацврсти својата власт, по што дојде до периодот на антиквизацијата. Битно е да се напомене дека пред да биде амбасадор, тој беше во Македонија – од 1997-99 беше во одделот за односи со јавноста на амбасадата на САД во Скопје. Од 2011, кога замина од кај нас до 2013 беше заменик-помошник на државниот секретар, одговорен за европските прашања.
Рикер е роден во Пенсилванија, а својата младост ја поминал во неколку делови од САД, како и во Австралија. Дипломирал на Јеил во 1986, а магистрирал на Тандербирд Факултетот за меѓународен менаџмент во 1991. Оженет е за Солвеи Џонсон Рикер, која исто така е член на Форин Сервисот. Рикер течно ги зборува македонскиот, унгарскиот и германскиот јазик.
Познавањето на овие јазици е врзано за неговата кариера. Претходно, во периодот, 1999 – 2000, Рикер беше директор за односи со медиуми во Стејт департментот. Од 1993 до 1996 беше помошник на советникот за информирање во Будимпешта, Унгарија, а од 1997 до 1999 беше советник за односи со јавност во Скопје, Македонија. Работеше како портпарол и за амбасадорот Кристофер Р. Хил и за Процесот Рамбуе (мировните преговори за Косово).
Не е можно да се врзуваат директни паралели меѓу Димитров и Рикер, со кого одново сме во ист ареал на интерес, бидејќи, новата функција е поврзана „географски“ и со Македонија. Димитров својата професионална кариера ја започнал во 1996 во Министерството за надворешни работи како советник од областа меѓународно право за правата на човекот. Бил назначен за заменик министер во 2000, а бил и советник за национална безбедност на претседателот Борис Трајковски. Во 2002 бил именуван за македонски амбасадор во САД доаѓајќи на местото на Љубица Ацевска. Со 32 години бил најмладиот амбасадор во САД, а за време на неговиот престој во 2004 САД ја признале Македонија под уставното име. Врските меѓу Димитров и американската администрација секако доаѓаат преку покојниот претседател Трајковски, кој имаше специјални релации со Буш. Во време на амбасадорувањето на Рикер, Димитров беше амбасадор во Холандија.
Мора да се признае дека токму Вес Мичел, кој даде оставка во јануари по 16 месеци на функцијата поради, како што објави, лични и професионални причини, беше многу активен при постигнувањето на Договорот од Преспа и дојде во Македонија пред референдумот за името.
Како дел од НАТО командата Рикер секако можел да влијае подиректно на остварување на нашите аспирации за влез во НАТО. Но можеби Грција да има и пошироки сознанија за некакво негово лобирање на страната на нашата земја. (Љ.К.)