Дубровнички летни игри, оваа лето се одржаа по 69 пат во традиционално време од 10. јули до 25. август. Во текот на 47- те фестивалски дена, на 30 различни сценски и амбиентални локации во градот Дубровник, околу 2.000 уменици од целиот свет изведоа 86 драмски, музички, танцови, фолклорни, филмски и други програми.
ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА
Фестивалите се места на нови доживувања, возбудливи средби и можности на слобода. Туристичките дестинации во регионот оваа лето со своите културни програми, манифестации и фестивали привлекоа голем број на посетители. Најстариот фестивал во регионот „Дубровнички летни игри“ , една од најистакнатите културни институции во Хрватска и европски престижен фестивал бележи бројка од 60.000 посетители, како домашни, така и странски. Дубровник е препознатлив по својата амбиенталност, која важи за една од најпосебните во светот. Сценските простори максимално се искористени за програмот на „Дубровнички летни игри“, на кој се испреплетуваат драмскиот, музичкиот и танцовиот програм. Така на терасата на тврдината „Ревелин“ фестивалската публика ги следеше танцовите претстави, меѓу кои и „Магбет“ на Битеф театар од Белград и кореографија на Милош Исаиловиќ, на островот Локрум беа изведени две представи а во Паркот на уметничкото училиште беше изведена минатогодишната фестивалска драмска успешница „Марин Држиќ – Викторија од непријатели“… Артијот пак на „Кнежевиот двор“ секогаш е добар избор за музичкиот дел од фестивалот. Програмот на фестивалот оваа година беше во фокусот на тематиката на иновативните културни пракси како на план на формативниот израз, така и во поврзана соработка на креаторите на тие програми.
„Дубровнички летни игри“ се препознатливи и по тоа што имаат сопствената продукција на претстави која останува и понатаму неизбежна рамка на драмскиот програм на фестивалот, потврдувајќи го националниот, културниот и историскиот идентитет кој фестивалот го гради во текот на своето долгогодишно постоење, со негување на моделот на Фестивалскиот драмски ансамбл како специфичност по која Игрите се единствени во светот. Во пракса се зајакнуваат и копродукциските модели за да се продолжи животот на претставите и после фестивалот. Меѓународните гостувања и прикажување на најдобрите рецентни драмски претстави на дубровничката почва го промовираат хрватското авторство во допир со европските театарски трендови.
Фестивалската публика оваа лето имаше можност да види три драмски премиери: „Микеланџело Буонароти“, „Одбројување“ и „Под Балконот“.
Јас се одлучив за првата фестивалска драмска премиера „Микеланџело“ според „Микеланџело Буанароти“ на Мирослав Крлежа, во адаптација и драматургија на Милан Марковиќ Матис и режија на Себастијан Хорват. Претставата е прва копродукциска соработка на Дубровнички летни игри со Хрватско народно казалиште Иван Племенити Зајц од Риека. Дуброввничката премиера беше на 27. јули, на сцената покрај рушевините на бенедиктинскиот самостан на островот Локрум, а риечката премиера е закажана за 21. септември.
Драмата „Микеланџело Буонароти“ е од циклусот „Легенди“, кој датира од 1918 година, и припаѓа на таканаречената експресионистичката фаза на Мирослав Крлежа, што го всцврстува на самиот врв на европската драмска литература. Во таа рана фаза на творештвото , па така и во „Микеланџело“, една од доминантните теми е идејата за натчовек, гигант, гениј , кој е во состојба повторно да го обмисли општеството или да му даде клучен поттик за отворање кон утописката перспектива. Во таа намисла и визија, големиот Микеланџело, кој драмата го прикажува во времето на неговото сликање на Систинската капела во Рим, судирите со предизвиците и поразите што ги донесува приземната реалност.
Оваа експресионистичка драма е прочитана од авторскиот тим (режија Себастијан Хорват, гост од Словенија и Милан Марковиќ Матис, гост од Србија) на еден многу интересен начин, кокетирајќи и со постмодернистичко и со пиранделовско изразување во кое се спојуваат разноразни уметници од различни регии делови на светот. Така одличен е изборот на режисерот на глумците од Риека, како и гостите Ракан Рушаидат (Микеланџело ) и Јерко Марчиќ ( алтер его на режисерот Себастијан Хорват ) од загрепскиот театар „Керемпух“ и дубровничкиот хор на Фанатици. Уметниците во претставата се обидуваат да постават дијалог со авторот и со полна одговорност на еден најдобар начин да видат кои се прашањата кои авторот се обидува да ги постави и каков е одговорот, секако во контекст на времеро во кое денес живееме на овие простори. Себастијан Хорват и Милан Марковиќ Матид претставата ја замислуваат во три дела и создаваат свој сопствен сценски израз во кој успешно се доловуваат мистичните прашања на авторот. Со помош на извонредниот сценограф и автор на видеата, Игор Васиљев, драмата се игра во Систинската капела во која сите Божји црнила ги испишуваат внатрешните сомнежи на сите главни ликови.
Првиот дел е визуелно и естетски најмоќен и претставува дијалог на Микеланџело со другите актери за неговите внатрешни борби. Актерската игра се одвива во кутија која има две нивоа која од предната страна е отворена и свртена кон публиката. Претставата започнува со појавување на сцена на Микеланџело ( Ракан Рушаидат ) и неговите исцрпувачки монолози. Облечен е модерно во фармерки и маица и зборува на микрофон. Сѐ сомнева во себе и жртва е на самиот себе. На сцената се појавуваат проекции од апстрактни цртежи, се слушаат морничави звуци, се појавуваат демони, помошници, луѓе од надворешниот свет, музи, жени и нивните внатрешни гласови. Тука се издвојуваат Тања Смоје како Беатриче, Лаура и Виториа Колона, потоа Александар Цветковиќ како Непознат и Оливера Баљак , која е одличен избор за улогата на Папата. Во оваа извонредна естетска игра се воведуваат и видео проекции од современите катастрофи, а секако за пофалба се и прекрасните костими на Белинда Радуловиќ, силната сценска музика на Кармина Шилец и одличните сценски движења на актерите кои ги имаат извежбано со Ивана Калц.
И кога започнаа да се гасат светлата и кога публиката започна да ракоплеска, повторно се запалија светлата и започна нова претстава од која дознаваме дека на скелите од Систинската капела е игран првиот прогон, првата театарска проба која го вклучува и режисерот и актерите во костимите, сценографијата и сите елементи на претставата која се создава и упатуваат на потребните измени. Актерот Јерко Марчиќ како Режисер е најдоминантен во овој дел од претставата. Тој води долги и инспиративни разговори за теоријата на театарот со драматургот на претставата ( Јасмин Мекиќ). Тука во својата игра истакнуваат и Никола Недиќ и Еди Челиќ, кои на одличен и духовит начин се појавуваат во улога на сценски работници. Овој втор дел стилски сосема се разликува од првиот и повторно ги отвара прашањата за смислата на уметничкото творештво, помеѓу идеализмот и економијата.
Третиот дел на претставата е некој вид на епилог, кој започнува со монолог на Никола Недиќ кој зборува за небитни работи, за неговите размислувања за културата, за малиот град без можности за творештво и креативност, кој треба да го напушти секој кој сака да остане жив и да не ги приметува небитните работи, како што тоа го направил неговиот пријател, а тој не, па сега и тој ги приметува небитни работи. Сето тоа е изговарено одлично и ненаметливо и многу вешто.
Оваа прва драмска премиера „Микеланџело“ на 69. Дубровнички летни игри е успешно одиграна во секој сегмент, но претставува тежок театарки проект, кој бара голема доза на интелектуално вложување на гледачот, сценско промислување и преиспитување. Изведена е во скоро мистична тишина на островот Локрум. На претставата публиката патуваше заедно, организирано со брод кој тргнуваше од старото дубровничко пристаниште. Самиот тој пат беше доживување, почеток на колективниот театарски чин, конкретни и метафорички потраги за одговори, во уметноста, но и животот.
На задоволство на публиката следуваа и 4 репризни изведби на минатогодишната драмска успешница „Марин Држиќ – Викторија од непријатели“, на Хрвоје Иванковиќ, во режија на Ивица Бобан и во изведба на фестивалскиот драмски ансамбл.На драмскиот програм на Дубровнички летни игри се најдоа и најдобрите рецентни хрватски драмски претстави. „Чрна мати земла“ на Томислав Зајец и во режија на Дора Руждјак Подолски, а во изведба на Загребачко казалиште младих е претстава со голем број на гостувања и има освоено повеќе од десет награди на различни фестивали, а дубровничката публика ја гледаше на островот Локрум. Успешницата на Хрватско народно казалиште од Загреб „Луѓе од восок“ на Мате Матишиќ, во режија на Јануш Кица го затвори драмскиот програм на Игрите во паркот Градац.