Како „неуспехот“, всушност, стана доследно спроведен политички проект – со поддршка од оние што најмногу ги погодува

ЏАБИР ДЕРАЛА
Додека на Минхенската безбедносна конференција премиерот Христијан Мицкоски зборува за „предвидлива европска иднина“ и потребата проширувањето на ЕУ да не биде процес без крај, пораката на прв поглед звучи разумно. И навистина, европските стандарди и самата политика на проширување не секогаш се конзистентни, а понекогаш се и отворено проблематични. Но суштинското прашање не е што бара Мицкоски од Европската Унија. Суштинското прашање е – што навистина прави за да ја приближи земјата до неа. И уште поважно: дали воопшто има намера да го стори тоа.
Обвинувањето дека премиерот „не постигнал ништо“ е погрешно. Не може да се зборува за неуспех кога целта никогаш не била успех.
Уште на почетокот, за Мицкоски напишав нешто што тогаш можеби звучеше провокативно: дека тој нема да потфрли. Поточно, по истекот на првите 100 дена влада, напишав дека „Мицкоски ги исполнува ветувањата: Напред кон минатото!“
На самиот почеток на владеењето на оваа националистичка и антизападна структура беше очигледно дека постои добар план, одлична координација и поддршка од добро познатите антидемократски и антизападни актери во земјата, во регионот и пошироко. Тој план беше внимателно креиран и постепено изграден врз пропустите, компромисите и клиентелизмот, со максимална блокада и злоупотреба на демократските институции и континуирана пропаганда уште во текот на владеењето на СДСМ и ДУИ, а по усвојувањето на европската рамка за преговори во 2022 – се спроведува со забрзано темпо.
Неполни две години по изборите на кои ВМРО-ДПМНЕ однесе повеќе од убедлива изборна победа, придружена со повеќе од убедлив пораз на социјалдемократите, јасно е дека не само што Мицкоски и неговата клика не потфрлија, туку доследно, методично и без двоумење го реализираат својот политички проект. За кој, впрочем, не е потребна креативност, туку дисциплина и послушност. За деструкција се потребни мускули, не памет, нели?
Иронијата е во тоа што и вмровските гласачи и пошироката јавност, а и дел од дипломатите кои пред изборите гледаа во Мицкоски со симпатии, всушност, го добија токму тоа што тој го ветуваше во јавноста. Не тоа што го зборуваше во амбасадите и резиденциите на дипломатите, туку тоа што го зборуваше на јавната сцена. Да, да, на јавноста ѝ е помалку познато дека тој на меѓународната заедница ѝ ветуваше дека ќе ги откочи евроинтеграциите за не повеќе од три месеци, колку што отприлика би траела постапката за уставните измени, односно внесување на бугарската заедница во Уставот.
Што се однесува до гласачите, тие го добија тоа што тој го ветуваше. Па и повеќе од тоа. Пропагандните наративи беа тестирани неколку години. Тие беа едноставни и прифатливи, па луѓето затоа и гласаа. Планот на Мицкоски – без оглед на тоа дали е формално синхронизиран со авторитарната оска чиј почеток е во Кремљ или не – дава резултати што целосно се совпаѓаат со неа. И се спроведува без поголеми пречки.
Тоа што некои велат дека се последици, всушност, е успех на оваа власт, а тоа е земјата да се задржи што е можно подалеку од ЕУ. Тоа не е грешка. Тоа е намера. Тоа е дел од планот. Мицкоски не ја врати државата назад случајно. Тој ја врати таму каде што отсекогаш сакаше да биде.
Најпрво, национализмот повторно стана официјална идеологија. Не како реторика за митинзи, туку како оперативна доктрина на власта. Албанците повторно се третираат како проблем и нужно зло, „племе“ на кое треба да му се покаже местото, но Мицкоски покажа дека „само оваа и ваква власт“ умее да го изведе тоа. Тоа и не беше така тешко. Политичките, правните и уставните решенија, усогласени и платени од меѓународниот фактор, никогаш не беа докрај и искрено спроведени.
Затоа, не беше воопшто тешко тие да се разредат со високо концентрирана политичка варикина – со презир и омраза, а каде што тоа е проблематично, со кодиран говор, процедурализам, рестриктивно читање на законите и со интервенции во Уставниот суд, па и злоупотреба на долгите процедури во Венецијанската комисија чии препораки и онака не се почитуваат или се читаат селективно. Се блокираат, делумно или целосно се укинуваат, или „се забораваат“ суштински правни и политички алатки кои имаат цел да обезбедат правична застапеност и рамноправност.
Меѓународните набљудувачи изразија отворена загриженост по одлуката на Уставниот суд кон крајот на 2024 година за „замрзнување“ и евентуално укинување на механизмот „Балансер“. ЕК предупреди дека без соодветна замена, овој потег би можел да ја поткопа правичната застапеност на етничките Албанци и другите малцинства во јавната администрација.
Советот на Европа забележа постојани проблеми со говорот на омраза на интернет и етничката нетолеранција, повикувајќи на поефикасна истрага и гонење на злосторствата од омраза. Во Извештајот за напредокот на ЕУ за 2025 година е забележано дека Комитетот за односи меѓу заедниците, кој ја надгледува примената на Бадинтеровиот принцип, не се состанал кон крајот на периодот 2024-2025 година.
И тоа се само дел од проблемите, регистрирани од странците, кои немаат увид во деталите и секојдневниот живот, каде што дискриминацијата е уште подлабока. Помалите етнички заедници, барем дел од нив, се во уште полоша ситуација.
Зошто тоа е добро за една ваква власт? Едноставно, затоа што дискриминацијата и сегрегацијата создаваат плодно тло за долготрајна нестабилност.
Паралелно со политичкиот блиц-криг против меѓуетничките односи, Мицкоски ја „стабилизира“ економијата. Како!? Да, точно прочитавте. Затоа што во светот на Мицкоски економска стабилност значи да ги задоволи апетитите на олигарсите. Државата повторно стана приватен сервис за мал број добро поврзани луѓе. Јавниот интерес? Тој се сведува на празна формула.
Мицкоски ја манифестира доследноста кон планот низ сите клучни сектори. Во политичкиот систем и односите меѓу етничките заедници – ресор што како министерска позиција беше воспоставен во времето на владата на Зоран Заев – задачата му е доверена на Иван Стоиљковиќ, политичар со јасно изразени националистички и проруски позиции, кој воедно има статус и на вицепремиер.
Во економијата – олигарсите и дел од бизнис-елитите што стојат зад Мицкоски се собрани во влијателни бизнис-политички кругови, поврзани со долгогодишни центри на моќ, меѓу кои значајна улога има и Бранко Азески – фигура што успешно ги премости различните системи, од социјализмот, преку транзицијата, до денешната концентрација на економска и општествена моќ. Овие кругови тешко дека би можеле да замислат такво ниво на профит и општествено-политичко влијание и контрола во услови на функционален европски пазар и јасни правила.
Работите стојат уште „подобро“ во надворешната политика – ресор што го води Тимчо Муцунски, кој, дури и да постои поинаква намера, структурно не може да ја придвижи земјата кон ЕУ, особено во услови на политичка линија што отворено ја блокира таа перспектива преку „епската борба“ против Бугарите – односно, да повториме, против европската интеграција.
Во фото албумите на владата ќе останат слики од чести и скапи дипломатски тури – додека голем дел од граѓаните животарат и истовремено ја одобруваат политиката што ги турка кон таа реалност.
(текстот и илустрацијата се преземени од civilmdia.mk)




