Последната метода која се користи на пазарот на валканици кај нас е да се уфрла сторија во која ќе се изгууби „оригиналот“, па се прави пинг-понг во кој авторството а со тоа и вистинитоста ќе изгуби на значењето. Приказната за наводната вила на Заев во Неа Мудања од пред пет години сега се „ребрендира“ со нови локација и покабаста цена. Мотивот е ист а ако можеме да забележиме и неказнивоста по објавувачите на веќе демантирани содржини
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Пред пет години имаше кампања со која лидерот на тогашната опозиција од страна на провмровски медиуми беше обвинуван дека има „хациенда“ во Неа Мудања. Документите од локалниот катастар, објавени и во рубриката Проверка на факти на Метаморфозис покажаа дека се работи за објект во сопствеништво на братучеди на Заев. Сега кампањата на медиуми од иста страна на улицата наоѓаат уште пораскошна вила која navodno му припаѓа на Заев, сега актуелниот премиер. Повикувајќи се непознат за јавноста бугарски сајт овие медиуми отидоа во крајно беспризорна кампања на која се надоврзаа портпаролите на ВМРО ДПМНЕ со констатацијата дека „еве како некои се збогатија за неколку години“. При тоа во дувањето на балонот во кој објективно нема ништо вистинито посебно се издвојува порталот „Курир“ кој објавува секој ден стории на оваа тема, иако уште првиот ден вистинитоста на сторијата беше убедливо демантирана. Некои денови имаше и повеќе од тие приказни, наредени на страницата на порталот а нивните автори /автор со филигранска упорност настојуваат да вратат истата форма на изгазената конзерва на вистинитоста.
Курир на 4 октомври започна приказна (https://kurir.mk/makedonija/vesti/infomaks-bugarskite-mediumi-otkrija-nova-ultra-luksuzna-vila-na-zoran-zaev-na-halkidiki/) која говори за луксузна палата на грчкото приморје на кракот Касандра на Полуостровот Халкидики, која е во сопственост на Зоран Заев, каде тој „според мештаните кои ги контактирал медиумот е чест гостин, а посетители му се и голем број македонски, косовски, но и бугарски политичари“. Наводно грчки брокери пресметале дека истата вреди 500 илјади евра а порталот е истиот кој открил дека Борисов има сличен имот во Грција. Се тврди дека Заев ја сменил својата вила во Неа Мудања (која апсолутно падна на испитот на вистинитоста пред пет години, за што напишавме погоре), едно големо петно во досието на фабрикантите на лагите.
Во оваа наводно пренесена вест нема да видите никаков линк кон „прернесениот“ текст.. Место тоа на понудените слики од наводниот објект на Заев се компјутерски изналепени со „плакатчиња“ на кои стои BIG 5, демек пронајдена форма да не убедуваат дека теркстот е само пренесен. Таа метода повеќе наликува на некаква распродажба со попуст на приложеното, Нема ни трага од разговор со мештаните или други лица од таа локација, ниту било каков доказ за тој објект, кој како што се гледа е туристичка населба со повеќе истовидни вили, што подоцна и ќе се открио, од љубители на текстови со докази кои се тие.
Истиот дена Курир објавува демант на Владата (https://kurir.mk/makedonija/vesti/od-vlada-demantiraat-deka-zaev-ima-vila-na-halkidiki/) каде се вели дека „медиумските содржини објавени во некои информативни гласила дека претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев поседува вила на грчкото приморје се лажни и тенденциозни“. Потоа се пренесува дека „ бараме сите медиуми коишто ја објавија лажната вест во целост да го објават овој демант, во спротивно ќе се преземат сите правни механизми во насока на зачувување на угледот на засегнатите страни“.
Дали со ова се става точка на „вдомувањето“ на Заеви во како што се вели „вилата-засолниште“ (демек премиерот има каде да бега)? Не, тоа е подготвувана сторија која треба да оди во низа и не смее бргу да се потроши. Следниот ден, на 6 октомври се појавува коментар на некој си анонимец потпишан како Бојкот, кој врз фотографии од вилите пуштил само коментар „Хациендата на Заев…Вие скенирајте фискални и купувајте домашно…“ – се вели во објавата на Твитер. (https://kurir.mk/makedonija/vesti/novi-fotografii-od-ultra-luksuznata-vila-na-zaevi-na-halkidiki-se-pojavija-na-tviter/).
Ова е веќе виден трик на шарените гласдила од овој тип – демек не сме ние, друг објавува, небаре тоа ги ослободува од вината за преносот на нешто што е веќе демантирано?! При тоа се оди во широчина, демек се шири бројот на гласила кои се заинтересирале за вилите на Заев (https://kurir.mk/makedonija/vesti/bogatstvoto-i-imotite-na-zaev-vo-grcija-predmet-na-interes-na-bugarskite-mediumi) а згора се лепи и приказната колку се богати Заеви, практично во ист ден (https://kurir.mk/makedonija/vesti/bogatstvoto-i-imotite-na-zaev-vo-grcija-predmet-na-interes-na-bugarskite-mediumi)/) Ама тука се разоткрива методот на кој се правени овие стории – како бугарски извор се споменува оној кој беше првиот кој ја допре оваа тема, ама тука тој не пледира на својата „оргиналност“. Така. веќе споменатиот „Big5.bg“ во текстот се повикува на некаков грчки весник „News. In“ а тој пак се држи до стории на македонски весници (не се кажува кои) што пишувале одново за онаа стара одамна демантирана сторија за куќата на Заеви во Неа Мудања. Каков е овој метод? Па, се прави атмосфера како да сме среде церемонија на правење на сунет, па со постојано вртење во круг ќе ни се сврти умот и полесно ќе го примиме ножот на лагата.
А што пишувавме во тој текст пред многу години? Да се потсетиме накусо (http://proverkanafakti.mk/recenzija-kako-zaevi-stanaa-sopstvenici-na-hacienda-na-halkidiki-od-tri-sprata-za-samo-110-000-evra-002/). Се работи всушност за серија на текстови кои се појавија на 15 март 2015 година. Беше тоа непосредно после бомбите кои ги објави Заев а кои требаа да најдат некое „омекнување“ со своевидна контра-пропаганда. Но, тогаш објавувачите на сторијата барем беа малку почесни и кажаа дека документите за вилата во Неа Мудања се на братучедите на актуелниот премиер. Прашањето на тогаш провладините медиуми беше „како Трајче и Бобан Заеви, братучеди на лидерот на СДСМ Зоран Заев купиле луксузна хациенда во Грција во Неа Мудања на Халкидики по цена која е неколку пати пониска од пазарната? Јавноста очекува одговор на прашањето кое веќе втор ден се наметнува во медиумите, на кој начин братучедите и бизнис партнери на претседателот на СДСМ во 2012 за сума од 110 000 евра станале сопственици на куќа на три спрата и двор од околу 300 метри квадратни на брегот на Егејското море.“
Зборот „хациенда“ беше клупчниот кој се користеше тогаша објаснивме дека под овој поим влегува куќа со двор во вкупна површина од 300 квадратни метри, која ја поседува секоја втора индивидуална куќа како површина и во нашата земја. Ниту во шпанските серии кои се емитуваат кај нас, приложениот објект не би можел да илустрира дом на некој особено имотен човек или семејство! Оттаму, користењето на зборот хациенда во прилогот е, секако, само дел од спинот. Особено што тој збор се користи и во десетина други медиуми?! А да не говориме дека описот „хациенда на три спарата“ само укажува дека оној кој „го измислил“ тој опис за масовното користење заслужува само потсмев.
Во овој обновен случај, како што се вели во серијата написи, каде овде-онде одново имаме користење на терминот „хациенда“ потсмевот не им гине на авторите.
Впрочем, мора да се каже дека и актуелното истражувањето на „Слободен печат“ лесно ја открива трагата на конструкторите на сторијата за вилите „што гледаат кон Ситонија“.
(https://www.slobodenpecat.mk/kako-lazhna-vest-od-nepoznat-bugarski-sajt-stana-glavno-oruzhje-na-opozicziskata-propaganda-protiv-zaev/). Дневниот весник лесно утврди дека се тоа вили кои ги нуди грчка компанија „Сузан Џејмисон“ која се занимава со продажба на недвижности, дека истите вили не се продадени (цената е 470 илјади евра по „парче“) и дека ги има на социјалните мрежи како комерцијална понуда. МОжете да ги видите, доволно е само да се јавите еден ден порано. Валидноста на изворот е многу спорна (порталот нема импресум и слично).
Оваа последна канонада од фабриката на измислиците е планирана како нешто што завршува кај портпаролите на ВМРО ДПМНЕ кои почнаа да говорат за богатството на Заев „стекнато во неколку години“ без осврт на демантот, што веќе ги внесува во зоната на казнивоста! А секако круната требаше да биде во онаа комуникација на Мицковски на Фејсбук со прашања на граѓаните. Вилите, топлото море, раскошот на Заеви би биле добредојдени за такви муабети ама плановите се расипаа – Мицковски не успеа да ги искористи спиновите, па си се врати на колоната на протест за скапата струја. Колку потрошена енергија за да една пропахандна тактика се фрли во Вардар! Јасно, за ваков журнализам еднаш треба да следат поравни консерквенци.