Во последно време главната реторичка матрица на екипата на Мицковски е дека Владата на Заев не е кадарна да се бори со корупцијата. Без оглед на блокадите што тие ги вршат во однос на законските промени во третата власт. На еден симболичен начин показната вежба „сакавте правда- еве ви ја“ уследи со приведување на еден куп на одговорни функционери од периодот 2006 – 2017, растени под шинелот на Милен Јанакиевски
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Постојаната „молитва“ на врвот на ВМРО ДПМНЕ во земјава да се почувствува посилно ангажирање на надлежните во борбата со организираниот криминал и корупцијата се гледа дека е послушана. Промтно,па дури вон границите. На еден метафоричен начин најпрвин тоа беше видливо и преку носењето на експремиерот и актуелен почесен претседател на оваа партија – Никола Груевски во еден будимпештански суд а ден потоа имавме и уште едно масовно апсење, иницирано од Основното јавно обвинителство против 11 лица, од кои неколкумина највисоки функционери, како и јавни службеници на одговорни места.
ВИЗУЕЛНО ЗАДОВОЛСТВО Првиот случај секако ни донесе едно визуелно задоволство. Јасно беше дека унгарската судијка Ева Вараѓи ќе го отфрли македонското барање на екстрадиција на азилантот Груевски во предметот за неговата клучна улога во упадот во Парламентот на 27 април 2017 година. Овој процес уследи по доаѓањето на унгарскиот министер за надворешни работи Сијарто во земјава, кога со потпретседателот на Владата Османи се согласија – тие нам ќе ни дадат максимална поддршка во евроинтегративните процеси (веќе тоа го прават максимално) а ние нема да им се мешаме во давањето на азил на разноразни бегалци. Тоа важи и за човекот од гепекот Никола Груевски, кој е обострано (од министерот Сијарто и од нашиот потпретседател на Владата Османи) прогласен за правен проблем. Па така, споменатиот бегалец се најде ескпресно пред надлежен судија и беше прогласен за политички проблем (!) – правосудството во Будимпешта само ја врати топката во дворот на Владата на Унгарија, со констатација дека за него е даден азил а тоа значи неиспорачување, без оглед на изнесените факти во катил-ферманот од страна на Министерството за правда на Северна Македонија!
ЧОВЕКОТ ОД ГЕПЕКОТ ВО ЛИСИЦИ Но, во таа комедија од процес, повеќе од утешно беше што добивме снимка во која се гледа како човекот со иронична насмевка, која не се симнува од неговите усни од кога го знаеме, се појави во суд со лисици на рацете. Велат дека се тоа посебни врвки за чевли, но дека и тие беа доволен мотив за бегалецот настанот да го третира како крајно непријатен за себе, па се обиде со облека да ги сокрие дланките и глуждовите, свесен дека ова се, макар и режирани сцени кои најсликовите го оцртуват неговиот профил во македонската историја! Со Мајбах очила и безбол капче, тој само ја поврза неговата навика да исчезнува од радарот одвреме-навреме и да замине белким онаму каде го чекаа „бизнис ориентид“ менталитетот со правната оценка на тие прошетки. Со малку фантазија можеме да замислиме дека секое наше барање за негова екстрадиција – а такви ќе уследат одново секако – тој ќе моа да ја оверува таа сцена исто толку пати. Со скапите очила и без нив тој останува криминалец кој ужива заштита во еден автократски режим и како таков ќе се втиснува во колективната меморија.
Ситуацијата со последните апсења на високи вмроовски и провмроовски функционери и јавни службеници ситуацијата е токму во стилот – сакавте правна држава, еве ви ја под носот.
На уапените минатата недела судијата на претходна постапка им определи 30 дена притвор и тоа на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, додека двајца осомничени добија мерки на претпазливост. Еден од обвинетите не беше најден во првите денови од „спектаклот“ во Кривичниот суд.
ВРВОТ НА ПАРТИЈАТА Меѓу покрупните имиња кои завршија во Шутка е Димитар Димовски, вработен во Министерството за транспорт и член на извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ и Дејан Митревски претседател на општински комитет на партијата во Аеродром. Според истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, ексминистерот Јанакиески им продал по багателни цени на бизнисмени државно земјиште за изградба на хотели во Скопје, овие не ги исполниле обврските од договорите, а тој не ги раскинал договорите и не го вратил назад во владение земјиштето кај државата. Со тоа, Јанакиески со помош на поранешни функционери и вработени во Министерството за транспорт и врски, од Катастар, но и со помош на нотар и поранешен заменик – државен правобранител, ја оштетиле државата за 2,64 милиони евра.
Новинарите секако најдобро знаат дека пропагандата на најголемата опозициона партија е само една превртена ракавица – сето она што ги обвинуваа социјал-демократите кога тие беа опозиција сега си го земаат вмроовците како „готов говор“. Едноставно како тие никогаш да не биле во власта, како нивни кадри да не ја згазиле правната држава, како да немало „тефтерче за подобни судии кај Гоца“ и така натаму, како да не беше приватизирана речиси целата економија од врвот на партијата а стопанствениците, кога ќе се сретнеше Груевски со нив, гледаа во врвот на чевлите. Нема настап на некој од екипата а да не ги слушаме папагалските рефрени што доаѓаат од Палачинката за власта, онаа на Заев, која не се бори против корупцијата. Во последно време оваа констатација за немар во битката со тешкиот криминал се врзува и за одложувањето на почнувањето на преговорите за влез во ЕУ или се бара поддршка во некои од настапите на амбасадорот на Франција во земјава, Тимоние.
СИ ГИ ГРИЦКА ЛИ МИЦКОВСКИ УСНИТЕ? Така, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во едно од последните интервјуа за емисијата „Клан дебата“ истакна дека „единствено нешто кое што блеска во моментот во Република Македонија е корупцијата, катастрофалната економија, здравство, како и немање стратегија и реформи од страна на Владата на СДСМ и Заев..
Блескаме само во речникот на Зоран Заев. Инаку блескаме во корупцијата, таму сме некаде на врвот во Европа по корупција со уште една или две европски држави, кои што за жал и двете се Балкански. Блескаме по неуспесите на оваа влада, блескаме по катастрофалната економија, блескаме по катастрофалното здравство, блескаме по катастрофалното немање на реформи, немање на стратегија како оваа држава да се развива“, вели Мицкоски. (не коригервме ништо – ова е текст на прес службата на партијата на говорникот).
Мицковски, како и другите гласоговорници од ВМРО ДПМНЕ веднаш штом некој од нив ќе влезе во кругот на осомничените или процесуираните ја менуваат плочата и место барање на енергична борба против криминалот посочуваат дека нивни членови се „жртви на политички прогон“.
ПОТСЕТУВАЊЕТО НА ВАНЕ ЦВЕТАНОВ Фактот дека еден од жртвите на претходниот систем – Ване Цветанов, инаку претходно сменет од високата функција на директор на Управата за спречување на перење пари – посочува дека сега уапсениот Димитар Димовски, инаку член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ е дел од врвната екипа преку која на организиран начин е спроведуван криминалот во Македонија. Димовски е инаку шумарски инженер од беровско, кој, според Цветанов, му помогнал на сегашниот лидер на партијата Хриситјан Мицковски да ја реализира идејата за изградба на мали хидроцентрали во неговиот роден крај. Тоа може да е почеток на едно долго пријателство, што би се рекло. Дури, во едно соопштение СДСМ тврди дека Димовски е деловен партнер во фирмата на Мицковски, откако овој му овозможил да добие поволно државнои земјиште во неговиот роден крај – Малешевијата Зборливиот Мицковски секако во овој миг не се чувствува добро, веќе веројатно си ја гризнува усната од која не ја вади корупцијата од вокабуларот. Повторното апсење и носење на еден од клучните чинители на врвниот криминал во државава – Миле Че, и овој пат секако на подолг рок, нема бегање, значи дека власта и обвинителството не сакаат да бидат на удар затоа што биле меки кон криминалците од голем маштап, на што потсетува и извештајот на ГРЕКО (Група држави против корупцијата). Мицковски и компанијата посебно се фати за овој документ во кој успехот на земјата во борба со криминалот и корупцијата навистина се оценува како недоволен. Но, за нивна несреќа, подоцна се испостави дека најголемата опозицона партија „се кладела на погрешен коњ“.
ГРЕКО Имено, според пресот на д-р Ана Данева, претставничката на Република Северна Македонија во ГРЕКО, извештајот е базиран пред се на сознанија за испитуваниот период 2013 – 2016 година. Ова секако е пресудно ако се прават било какви асоцијации со актуелните состојби. Впрочем доволно е да се посочат годините за кои се говори во аназлизата на ГРЕКО на примерот на Антикорупциска комисија. Па таа реално постои само од пред неколку месеци а претходни и сами знаеме што се случуваше во ова тело. На крајот и самото беше обвинето дека вршело злоупотреби! Слично важо секако за повеќе од видливата опструкција на работата на СЈО од страна на ВМРО ДПМНЕ и обидот, долг колку и постоењето на институцијата, да се избрише екипата на Јанева од позицијата која ја има. На ова неодамна ги потсети и холандскиот амбасадор во земјава со директно посочување со прст. Уследи реакција на оваа партија – понудиле нов пакет мерки за „средување“ на областа на обвинитлствата.
За жал кај нас се уште промените во средувањето на правната сфера се уште зависат од надворешниот фактор. Дали конечната појава на американската амбасадорка во земјава ќе внесе нов дух во промените во правосудството?