И проверката на домашните и на дел од светските медиуми кои известуваа од овие два настана, самитот на НАТО и самитот на ЕУ, го покажуваат истото: Македонија доби покана и за отпочнување пристапни преговори и за приклучување во одбранбениот сојуз на западните демократии
ТЕОФИЛ БЛАЖЕВСКИ
Портапролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, во изјава го пренесе ставот на партијата за евро-интегративните процеси на Македонија по вчерашниот министерски состанок на НАТО во Брисел:
„…Македонската дипломатија крахираше и за тоа мора да се понесе одговорност. Како што нема резултати во ниеден реален сектор во животот, нема во економијата, здравството, образованието, нема ниту еден напредок во земјоделието, така нема резултати ниту во интегративните процеси. Зоран Заев и неговата влада само нижат порази, нема ниту една победа.
Денеска Македонија не доби аплаузи, денеска Македонија доби шамари.
Токму затоа, како прв чекор на власта е оставка на Никола Димитров кој што заедно со Зоран Заев ја донесоа државата во ќорсокак…
Македонија не станува членка на НАТО, Македонија нема датум за почеток на преговори со Европската Унија…“
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Изјава на портпарол, датум: 11.07.2018]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ изнесен преку портпролот Наум Стоилковски за тоа дека македонската дипломатија крахирала и дека Македонија не станува членка на НАТО и нема датум за преговори со ЕУ е невистина.
Со едноставна проверка на документите и на пишаните текстови од двете организации од самитот на НАТО, којшто вчера и денеска се одржува во Брисел, како и од самитот на ЕУ што се одржа при крајот на јуни годинава, може да се констатираат фактите.
Во писмениот заклучок на самитот на НАТО, кој е донесен и усoгласен ден претходно на состанокот на министрите на земјите членки на НАТО и кој му е соопштен на премиерот Зоран Заев и на целата јавност, јасно стои дека Република Македнија добива покана да се приклучи на Алијансата, но процесот на приклучување ќе се реализира само откако земјата ќе го исполни својот дел од обврските од договорот со Грција, т.е. успешно референдумско прифаќање на договорот и промена на Уставот согласно одредбите за промена на уставното име и дел од членовите на Уставот.
Впрочем, и во поканата за датумот за отпочнување на пристапните преговори со Европската унија – дел од заклучоците на самитот на ЕУ – исто така се наведува овој услов, покрај другите три (Точка 44 од Заклучоците на Советот на ЕУ).
Дополнително, проверката на домашните и на дел од светските медиуми кои известуваа од овие два настана, самитот на НАТО и самитот на ЕУ, го покажуваат истото: Македонија доби покана и за отпочнување пристапни преговори и за приклучување во одбранбениот сојуз на западните демократии. Тоа што поканите и за двете организации се условени со исполнување на обврските од договорот со Грција, не го менува фактот дека покана и датум постојат.
А, бидејќи тоа постои, сосема е јасно дека не одговара на вистината дека дипломатијата крахирала, бидејќи после многу години барање и очекување и за едното и за другото (за НАТО од 2008 г., за ЕУ од 2006/2007 г.), конечно е направен пробив во евро-атлантските интеграции. Тоа е далеку и неспоивливо со оценката на ВМРО-ДПМНЕ, дека „денеска Македонија не доби аплаузи, денеска Македонија доби шамари“.
Поради погоренаведените аргументи може да се заклучи дека констатациите на ВМРО-ДПМНЕ, изнесени преку изјавата на портпаролот на партијата, се невистина.
(Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), Опремата е на Глобус)