СИЛВАНА ЖЕЖОВА
Изјавата на Стојанче Стоилов на прес-конференцијата по завршување на натпреварот со „Веспрем“, во која тој го поправи официјалниот спикер на Европската ракометна федерација ЕХФ дека името на државата е Република Македонија, а не Република Северна Македонија, дел од медиумите ја пренесоа како „триумф“ против власта
Ракометниот клуб „Вардар“ стана европски првак откако го победи „Веспрем“ во финалето на Лигата на шампиони во Келн. Но, овој голем спортски успех на клубот медиумите не го проследија само од спортски аспект, ставајќи акцент само на победата и успехот, туку повторно политиката ја замешаа таму каде што не ѝ е местото во спортот. „Манџата“ со информации, посебно во опозициските медиуми, беше зачинета со коментирање на лични ставови на ракометари во политички контекст, најмногу околу промената на името. Спортски успех на цел клуб и личен став на ракометар по одредени прашања не се поврзани, освен ако текстот, кој ги става во ист контекст не служи за подгревање на национализам и говор на омраза, што е спротивно на новинарскиот Кодекс.
ИЗЈАВАТА НА СТОИЛОВ ПРЕТСТАВЕНА КАКО „ТРИУМФ“ ПРОТИВ ВЛАСТА Изјавата на Стојанче Стоилов на прес-конференцијата по завршување на натпреварот со „Веспрем“, во која тој го поправи официјалниот спикер на Европската ракометна федерација ЕХФ дека името на државата е Република Македонија, а не Република Северна Македонија, дел од медиумите ја пренесоа како „триумф“ против власта.
Мислењето на јавните личности, спортисти е субјективно, но медиумите треба да внимаваат во однос на објективното пренесување на информациите, изјавите, нивно ставање во контекст и слично. Ова е сосема спротивно на Кодексот на новинари:
Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)
Медиумите, исто така, креираа непотврдени содржини во кои, наводно, „преку пријатели на Стоилов му порачуваа на премиерот Зоран Заев“ дека не е пожелен на прославата по повод победата на „Вардар“. Со тоа како да се алудира како премиерот да е во групата на предавници (бидејќи го сменил името на државата) и како таков нема зошто да биде во близина на „патриот“, кој се ушѓте го користи претходното име на државата. Во овој контекст, дел од медиумите сметаа за сходно во оваа прилика да го пренесат и ставот на Стоилов во однос на употребата на албанскиот и македонскиот јазик, потсетувајќи на моментот кога ракометарот напушти спортска манифестација поради употребата на албанскиот јазик. Упорното потенцирање и реобјавување на ваквите вести ги нарушува меѓуетничките односи и создава раздор кај етничките Македонци.
Успехот на „Вардар“ на европската ракометна сцена нема никаква поврзаност со личните ставови на еден од ракометарите со одредени политички прашања. Медиумите не треба политичките ставовите на еден поединец (без оглед на неговите заслуги во освојувањето на европската шанпионска титула) да ги ставаат на пиедестал и да ги поистоветуваат со ставовите на целиот тим. Ракометниот клуб го сочинуваат и други ракометари, главно интернационалци и оттука е непримерно нивниот групен успех да се става во политички контекст, само заради поединец, кој, пак, е легитмно да си има личен став.
ОДНОСОТ НА МЕДИУМИТЕ КОН ГОВОРОТ НА ОМРАЗА НА ПРОСЛАВАТА НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА Говорот на омраза, кој беше изразен од страна на навивачите и присутните на прославата на Плоштадот Македонија, кај македонските медиуми беше само нотиран. Но, во голем број од текстовите во медиумите на албански јазик се пишуваше за говорот на омраза и навредливите содржини од типот „Нека разберат клетите шиптари…“ и „Чиста Македонија“.
Апелот на Хелсинишки комитет за човекови права да се казни поттикнувањето на насилство и ширење меѓуетничка омраза беше пренесен од најголем дел од медиумите.
Говорот на омраза е кривично дело и и со себе носи казна со затвор од една до пет години за секој кој ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост врз некоја дискриминаторска основа. Тој причинува голема штета како врз конкретната индивидуа, односно група на која се однесува, така и врз општеството во целина. Нанесува емотивна и психолошка болка, влијае на општествената стабилност и просперитетот, а личните психолошките одговори на ваквите вербални напади можат да доведат до чувство на пониженост, изолираност, самоомраза и сомневање во себе си.
(Критинк)