Процесот на уставните измени е комплексен процес во политичка смисла. Наше е да одлучиме на кој начин ќе постапиме и дали тој контекст ќе го направиме прифатлива реалност или континуирана агонија. Одлуката е тешка, колку што е тешка секоја одлука која се носи во име на другите и за другите, со визија пред своето време, но со недостатоците од своето време
НИКИЦА КОРУБИН
Неразбирањето на процесот кој се води, за стабилизирање и нормализирање н државата е секогаш најголемиот проблем. Самото неразбирање дека најпрво ни треба држава, за потоа таа да биде правна, хумана, солидарна; со текот на времето стана предмет на манипулација, која резултираше со целосно разградување на вредносниот систем. Тоа неразбирање не доведе до фаза, модернизирањето на разбирањето што е тоа држава и како се обезбедува нејзиниот опстанок во современиот свет, да го дочекаме со страв и параноја, наместо со исчекување и надеж. И вината за тоа ја сноси секој оној кој го презира знаењето, но и реалниот капацитет кој го имаме. Оттаму очекувањата никогаш не може да бидат поголеми од можностите. Со овие можности, ние постигнавме неверојатен исчекор, ја напишавме историјата, ја исцртавме нашата иднина. Затоа што, договорот и компромисот е секогаш знак на цивилизираност, онаа која несвесно ја посакуваме кога велиме достоен живот за сите.
Процесот на уставните измени е комплексен процес во политичка смисла. Прилагодување на изворната „политика“ во Аристотеловска смисла, на контекстот што го имаме. Наше е да одлучиме на кој начин ќе постапиме и дали тој контекст ќе го направиме прифатлива реалност или континуирана агонија. Одлуката е тешка, колку што е тешка секоја одлука која се носи во име на другите и за другите, со визија пред своето време, но со недостатоците од своето време. Она што сите ќе го видат по извесно време во иднината, и она што ќе биде нормално и посакувано секојдневие е она што треба да се реализира сега, со сета агонија, гнев, недоверба; но пред се презаситеност од калкулантство и одбивање да се носат тешки одлуки, тогаш кога тоа се чини невозможно, а не тогаш кога се е извесно. Токму таков беше процесот на помирување со соседите, на договорот со Грција, кој од политички, добива димензија на историски договор за решавање на спор, кој треба да биде елементот што не обединува, а не раздвојува. И само тоа е зрело однесување на млада држава, која учи дека превземените обврски доследно се исполнуваат и пред светот, и пред граѓаните. Да ги исполниме нашите обврски до крај. И да покажеме дека знаеме да се грижиме за другите на ист начин на кој бараме другите да се грижат за нас.
Фасцинацијата од историјата е нормална појава. Човекот секогаш се потсеќа на „златното врем“, од минатото, личното или колективното сеедно, зависно од временскиот контекст во кој тој самиот живее. Дури и злоупотребата на историјата се наметна како „вообичаена“ појава во изминативе неколку века, слободно може да се навратиме до почетоците на ренесансата во западна Европа, првата голема инспирација или „превземање“ на туѓата историја, во просторен и делумно етнички смисол. Она што ние денес го знаеме како историја, во научна смисла, или археологија, историја на уметност е всушност перцепцијата за минатото на умовите и мислителите од западна Европа (Англија, Франција, Германија) од 15-16 век, наваму. Формирањето и вообликувањето на науката почнува од нивната позиција во тој момент во историјата, вклучувајќи ги нивните слабости, предрасуди, стравови, антагонизми кон одредени историски периоди и подрачја. А, ја вклучува се разбира и нивната асимилаторска и колонизаторска логика, во период на врвот на развојот, културната супремација и реална политичка и економска моќ. На тој начин тие историјата ја „креираат“ по сопствен терк, односно како тие го разбираат историскиот развој, гледано од нивен аспект, каде биле тогаш, а каде се сега. Во сиот тој повеќевековен процес, покрај изразениот расизам и борбата со него, културната супериорност и убеденоста во неа, не недостасувала и класична узрпација и присвојување на материјално и духовно културно наследство, и често пати хумористични обиди за „реинтерпретирање“ на историјата, односно прилагодување на сопствени потреби. Тоа е времето на настанувањето на „нациите“ кои се врзуваат за конкретна територија и државност, но за својата толку потребна духовна сатисфакција имаат огромна потреба од романтизирање, па дури и класично фалсификување на цели историски периоди. Тоа е времето на „повторното раѓање“ на антиката, тоа е всушност времето на современата хеленизација на Грција, времето на „појавата на словенството“; времето на стигамтизацијата на исламот и негова неприродна културна и територијална унификација; но и времето на бришењето на Византија и нејзиното ефемерно препуштање на „владение“ на Русија и руската еклектична културна сфера. Тоа е лабавиот и несигурен темел на поимите историја, археологија, историска вистина денес, кој својата сопствена реконструкција ја започнува во последните децении на 20-от век. Значи во историски контекст неодамна. Но, со сета инфраструктура меѓувреме изградена, почнувајќи од цели системи на универзитети, до поставени научни тези, па се до реално поседување на поединечни артефакти од културното наследство. И пред се изградената свест и пракса за тоа што е историја и како таа се толкува.
Постоењето во современиот свет се легитимира преку членство во колективните организации, Обединетите Нации, Европската унија, НАТО итн. Глобализацијат е до тој стадиум, што е невозможен физички, економски и политички опстанок без изградени здрави, зрели и нормални односи и членства со најголемите светски тела и колективи. Несериозна и незрела е тезата дека Македонија може да опстане независно од членството во Европската унија и НАТО, и конечно да го дефинира и финишира процесот на зачленување во Обединетите нации, преку завршувањето на уставните измени. И за прв пат во својата историја да не доцни зад светските текови, туку да биде дел од нив и креатор на нашата и заедничката иднина. Тоа е основата на се’, без завршување на овие процеси, не може да зборуваме за ништо друго. И тоа не е прашање на желба, туку прашање на можност. Како ќе имаме правна држава, ако немаме нормална држава? А, нормалната држава е колективна категорија, права, но и обврски, солидарност и вложување, таа е модел и репер за цивилизиран живот. Но, мал е чекорот од цивилизација кон варврство, од ред кон хаос, затоа крајно внимателно и одговорно, да пристапиме кон завршување на нашите обврски, без хистерија и параноја, со разум и здрава логика.
Дали ја разбираме, барем оваа последна историска етапа, што ја нарекуваме сегашност? Сега кога е во наша изведба и креација, па нема кого да обвиниме за историска недоследност. Дали сега од оваа дистанца разбираме што е тоа патриотизам, грижа за државата, негување на наследството, на различностите? Дека е тоа пред се разбирање на контекстот и неговата минливост. Дека е тоа и разбирањето што другиот го има за нашите проблеми и фобии, без разлика дали другиот е Грција, Бугарија, или пак нашиот сосед, сограѓанин. Велат дека секој ја креира соптвената судбина и дека нема предодредени нешта. Дозволете сами да ја креираме нашата судбина, со сето знаење, умеење, префинетост, неверојатна политичка умешност и чувство за духот на времето, која беше потребна за кратко време да стигнеме до тука. Да ја поминеме границата на конформизмот и сигурноста, и да го започнеме вистинскиот пат. Патот кон модерноста, кон организирана држава, во која секој ќе може да го препознае својот личен влог. Да, бидејки оваа одлука која ќе ја донесеме, се однесува на секој еден од нас. И ќе го одреди животот на оваа генерација, и многу други кои ќе дојдат. Бидејки, токму тоа е политиката, личниот влог во заедничкото добро. Да ја донесеме одлуката за сите, бидејки, сите тоа и го очекуваат од нас.