НИКИЦА КОРУБИН
И ако нешто ја одредува катастрофата на едно општество, тоа се недорасната луѓе за позициите на кои се наоѓаат, а уште повеќе нивната несвесност за целата цикличност и поврзаност на причините и последиците. Секоја поединечна уцена е влог во уништувањето на системот, за кој декларативно се ламентира и пропагира
Која е таа позиција на немоќ, што човекот го става пред ултимативниот потег: уцената? Дали е таа последната алатка или најлесната, за постигнувањето на лесната цел? Да се биде на местото кое не може да се достигне, со бенефитот кој е незаслужен, за интересот кој е секогаш лудо лукративен и болно хедонистички. Дали таа, уцената, е главното средство кој секој исход потоа го прави компромитиран сам по себе; или едноставно е легитимната нишка за недостаток на реален капацитет. Бидејќи, таа секако делува како последен избор, кога сите други форми на „целта сама за себе“ се исцрпени: додворување, молење, преколнување, заканување, коленичење и секако неговото величество подаништво. Таа некако доаѓа како завршница, на чудната игра на омраза и восхит истовремено; омраза поради чиста патолошка љубомора на позицијата на другиот, како лична споредба; и восхит поради недостижноста на истата поради личната недоветност, просечност и неписменост. И така лесно и лежерно се посегнува по неа, уцената, не водејќи сметка за околностите, а секако не за контекстот. Бидејќи, „уценувачот“ познава само еден јазик: јазикот на сопствената некомпететност.
Има повеќе форми и околности во кои уцената може да се јави. Но, едно е заедничко: таа секогаш доаѓа во комплицирани состојби и од неочекуваната страна, сопствената. Дали станува збор за лошо избрано опкружување или пак лоша проценка, што е тоа всушност заеднички интерес. Во кругот на уцената, општото и јавното се само нужна појавност, но не и суштина која бара тактичност и суптилност. Бидејќи секако уцената е брутална и еднонасочна сама по себе, не изненадува нејзината себичност. Таа постои за да задоволи исклучиво личен интерес. Ако, некој измамен или излажан се најде во нејзиниот круг, тоа се должи на неговата наивност или лековерност, а многу поретко на неговите чисти намери кои го превиделе системот на остварување на интересот како достигнување само по себе. Колку е посложена состојбата, толку е погруба уцената. Таа калкулира со се, со луѓе, со позиции, со моќ, со власт и со злоупотреба на истата. Затоа што таа нема морални дилеми и преиспитување, таа единствено цели на својата лична дилема: каде сум јас и каде е мојата позиција. Тоа е таа централна, суштинска извитопереност, таа накарадна бесмисленост, да се биде на местото на влијание, и тоа да се искористи за уцена. Врвна хипокризија и трагедија, погрешни луѓе на погрешни места.
Осветата на уцената е безмилосна. Инфантилна реакција на дете оставено без својата играчка. И тука се е дозволено, започнува истиот круг на емоции и перипетии: молење, закана, проколнување, манипулации, дискредитации, се до остварувањето на посакуваната цел; да се биде на незаслуженото место, на подарената позиција со замислената корист. Во прегратките на апсурдот, како реалност која се повторува секогаш кога вистинските луѓе ќе ја отстапат тешката позиција на моќ и влијание, лежерно и конформистички ,,незаинтересирани за политика,, на оние кои денот го започнуваат и завршуваат со безброј варијации на разни форми на уцени и изнуди, на ситни пакости и злоупотреби, на ефтина лакомост и бескраничен хедонизам, затоа што немаат никаква идеја што да прават со моќта која го дефинира општеството кое константно бега од својата одговорност. И не им останува ништо друго, освен уцената; како начин да го избегнат недостатокот на добра намера, интелигенција и знаење. Најдобриот начин, да ја скријат суштинската неспособност и неразбирање, добиената моќ е за другите, а не за нив самите.
Амбиентот секогаш е одраз на поединците, и нивното однесување како група. Во колективот, каков и да е, општество, држава, систем, институционалност, поединечниот влог ја креира општата слика. Секој има влијание од дадената позиција, но важно е позицијата да биде соодветна на капацитетот и реалната можност. Во односи на доверба и почит, уцената станува смешна алатка на суштинска иманентна неспособност и недокажаност. Таа ја има силата само во односи на принуда и неминовност, вешто криејќи се зад неопходниот и секогаш потребен компромис. Бидејќи за него потребна е вештина на отстапки и мудрост, на тактичност и суптилност, која е основниот недостаток на малиот човек и затворениот дух, кому уцената му е главната алатка во функционирањето. Оној кој тежнее по искористувањето на моментумот, за лична бесцелна корист, секогаш ќе посегне по уцената, бидејќи неодговорноста и недоветноста за последиците по другите, се главниот репер за недораснатоста на позицијата што ја носи. И ако нешто ја одредува катастрофата на едно општество, тоа се недорасната луѓе за позициите на кои се наоѓаат, а уште повеќе нивната несвесност за целата цикличност и поврзаност на причините и последиците. Секоја поединечна уцена е влог во уништувањето на системот, за кој декларативно се ламентира и пропагира.
Уцената не е замена за договор, бидејќи тој се гради со доверба. А, довербата е клучна во стабилноста на системот. Довербата во добрите намери, довербата во туѓата почит, довербата во заедничката цел. И никогаш не може нешто да биде легитимно, само затоа што лошата пракса тоа го вели. И не, политиката не е зло сама по себе, туку таа е таква какви што се луѓето и нивната намера. И ниту една стигматизација и генерализација нема да помогне политиката да стане подобра. Тоа ќе го направат луѓето со сопствената позиција на моќ и влијание. Која ќе се (зло)употреби зависно од искреноста на намерите. Добро за себе или добра намера за сите? Уцена во форма на отстапка, уцена во форма на закана, уцена во форма на критика или пофалба, уцена во форма на објавување или затскривање; никој не е исклучен, ниту амнестиран, бидејќи таа уцената поприма најразновидни форми на најразновидни нереализирани амбиции; кои апсолутно секогаш го исклучуваат заедничкото добро. И затоа, не е прашањето колку уцената има влијание, туку дали ја разбираме ситуацијата на уценетост? Од каде доаѓа и каде води? За некои работи треба и самите да се потрудиме. Со интелектот кој го имаме, да ја разбереме ситуацијата која бара толеранција, разбирање и почитување, не за личната цел изнудена со уцена, туку за општата цел која уцената ќе ја направи беспредметна. Во време кое ја мери нашата способност да ги согледаме нашите вистински интереси и да ја препознаме уцената скриена насекаде помеѓу нас.