Учебната година во основните училишта со децении наназад почнува на 1 септември а завршува на 31 август 2017 година. Наставната година започнува на 1 септември 2016 година и завршува на 9 јуни 2017 година. Некој проценил дека може да се погрува со чувствата на учениците ширејќи страв дека децата сега ќе седат цело лето на училиште
На Фејсбук се појави пост, кој претставува линк до вест со наслов „Учебната година ќе трае до 31 август 2021 година“. Во веста, пак, се вели дека „Владата донесе одлука учебната година да трае до 31 август 2021 година.“
Вака како што е објавен овој пост, но и насловена веста, се сугерира дека учениците кои денес, на 1 октомври, ја започнаа новата школска година, ќе ја завршат на 31 август следната година. Иако тоа не е стриктно потенцирано, кај родителите и кај самите ученици се создава впечаток како тие цело лето да ќе бидат врзани за училиштето, односно дека ќе им биде одземен летниот распуст. Ова уште повеќе што годинава, заради пандемијата, доцнеше почетокот на школската година.
Како доказ за констатацијата изнесена во веста, е пренесен сегмент од Одлуката на Владата на РСМ од седница одржана на 27 септември, а која се однесува на започнувањето и завршувањето на учебната година..
Проблемот е што овде не се прави разлика меѓу учебна година и наставна година. Учебната година редовно трае до крајот на август, односно до 31 август. Но, редовната настава, односно наставната година, традиционално завршува на 10 јуни. Одлуката на Владата, врз која се темелат постот и веста не говорат ништо за било какви измени во однос на наставната година.
Читателите можат да се уверат во ова ако погледнат како гласи одлуката на оваа тема ако погледнат Службен весник во година без Ковид-19, на пример, оваа, објавена на 15 август 2016 година (страна 7), каде во членот 2 стои дека
„Учебната година во основните училишта почнува на 1 септември 2016 година, а завршува на 31 август 2017 година. Наставната година започнува на 1 септември 2016 година и завршува на 9 јуни 2017 година“.
– Одлуката која е донесена по однос на учебната 2020/2021 е идентична како и за сите изминати години, со тоа што овој пат таа започнува на 1 октомври, наместо на 1 септември. Како што е познато, стартот беше одложен поради потребно дополнително време за ангажман за организирање на истата – вели портпаролката во МОН, Ирена Смиљанска. Портпаролката нагласува дека скусена е наставната година, а дека учебната година си останува иста.
Траењето на учебната година и во текот на јули и август е врзана за обврските на наставничкиот персонал, но и на учениците кои имаат слаби оценки и кои треба во тој период да ги поправат истите за да можат, во случај на позитивен исход, да се запишат во следната учебна година.
Оттаму, овој пост, а и написот до кој води линкот во него, наведуваат на носење погрешен впечаток и внесуваат забуна и немир меѓу читателите, пред сѐ, кај учениците и нивните родители.
(Vistinomer)