Треба да го дочекаме 21 декември, кога ќе се објават потесните листи за филмови номинирани за Оскар. Да се најдеваме дека одново ќе видиме име на македонски автор на неа
„Вознемирена земја“ (Disturbed Earth), чија корежисерка е Кумјана Новакова, се квалификуваше за номинација за Оскар за најдобар долгометражен документарен филм. „Вознемирена земја“ е копродукција на Шпанија, БиХ и Северна Македонија. Автори се Новакова и Гилјермо Карерас-Канди, а снимен е во периодот од 2014 до 2020. Филмот влезе во наградата на американската Акдемија за филмска уметност и наука откако освои Гран при на 14. Фестивал на документарен филм ДМЗ Докс во Кореја.
Светската премиера на „Вознемирена земја“ беше на Сараевскиот филмски фестивал во 2021, кога беше во конкуренција за наградите Срце на Сараево, Награда за човекови права и Специјално признание. Документарецот, како што вели екипата, е поетско-есеистичка приказна за сегашноста, но и за минатото на Сребреница.
„Сребреница е тивко место во кое минатото ја заробило сегашноста. Чекор по чекор, колективната болка влегува во пејзажот, просторот и градот. На крајот, таа влегува во нас. Сребреница станува стварност на денешницата и наша сопствена стварност“, велат авторите.
На годинашниот Фестивал на креативен документарен филм Македокс во Скопе, „Вознемирена земја“ имаше македонска премиера и доби специјално признание со образложение: „Филмот претставува поетски есеј за еден ’пејзаж на вината‘. Овој филм создава едно кинематографско искуство на тишина и време, на трауматично минато кое едвај се крие во сегашноста.“
Листите со потесен избор за најдобри документарци и странски филмови ќе бидат објавени на 21 декември, а номинациите за Оскарите ќе се објават на 24 јануари 2023. Свеченото доделување на 95. награди на Академијата за филмска уметност и наука е закажано на 12 март 2023.
„Најсреќниот човек на светот“ на режисерката Теона Стругар Митевска е македонски кандидат за најдобар странски филм, за кој одлучува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ). Филмот имаше светска премиера на 2 септември во програмата Хоризонти на Венецискиот фестивал.
„Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска лани на 22 ноември ја освои Големата награда на фестивалот на документарен и краток филм ЗИНЕБИ во Билбао, Шпанија и со тоа се квалификуваше за кандидат за Оскар 2023, бидејќи според правилата, за кандидатура во 2023 се квалификуваат сите кратки филмови кои победиле на оскаровски фестивали во периодот од октомври 2021 до септември 2022. Филмот на Апчевска имаше светска премиера лани на Канскиот фестивал и беше во официјална селекција за Златна палма.
Македонскиот документарец „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов во 2020 имаше историски две номинации, за најдобар документарец и за најдобар странски филм, за првпат и во македонската, но и во историјата на Оскарите. Претходно, во 1995, „Пред дождот“ на Милчо Манчевски имаше номинација за најдобар странски филм.