СЕФЕР ТАХИРИ
Анкетата на ИПИС вели дека три до четири пратеници би добила и Алијанса на Албанците, а оваа партија од трети февруари е поделена. Во анкетата, АА е третирана како унифициран субјект. Нејзиниот симбол е двоглавиот орел, а веќе има двајца челници. Објавувањето на ваков начин на резултатите е голем методолошки пропуст и изгледа како да е дел од политичко партиски инженеринг
Време е да се спроведе една анкета за анкетарите односно колку народот верува во анкетите на јавното мислење, бидејќи како што се ближат изборите сѐ повеќе ќе се објавуваат „еднострани“ и фаворизирачки резултати.
Последните објавени резултати од анкетата на ИПИС (Институтот за политички истражувања) на познатиот аналитичар Владимир Божиновски наместо да даваат објективна слика за расположението на гласачкото тело пред избори, создадоа конфузија. Во делот на албанскиот политички блок сигурно.
Анкетата на ИПИС вели дека освен другите политички партии, три до четири пратеници би добила и Алијанса на Албанците, и тоа еден во изборната единица број пет и два до три во изборната единица број шест. Оваа анкета иако е објавена на 20 март оваа година за потребите на јавниот сервис, ниту нарачателот (иако има законска обврска за тоа), ниту реализаторот не објаснија за публиката дека Алијанса на Албанците е третирана како унифициран политички субјект. Оваа партија одамна веќе не е тоа!
Таравари уште на 3 февруари на Фејсбук лично објави дека се приклучува кон албанскиот опозициски блок во кој членуваат и Демократското Движење на Изет Меџити, Движењето Беса на Билал Касами, Алтернатива на Африм Гаши и претставникот на Движењето Самоопределување од Косово во Северна Македонија, Беким Ќоку.
Алијанса на Албанците, како некогашната Партија за Демократски Просперитет во 1993 и почетокот на 1994 година е поделена во два блока. Таа како симбол го има двоглавиот орел, а веќе и партијата е со двајца челници.
Судот уште не донел одлука, но и да донесе, легитимитетот на една партија не зависи од судската одлука или кој го има печатот. Точно е дека на Балканот постои хумористичен скеч со прашањето: Каде е печатот?
Уште повеќе симптоматично е како една искусен институт не земал предвид дека Алијанса на Албанците е поделена, а последната анкета е спроведена кон крајот на февруари и почетокот на март на репрезентативен примерок од 6.069 испитаници.
Еден дел го води претседателот на оваа партија, Зиадин Села, кој е во преговори за коалиција со ДУИ, односно за приклучување кон фронтот на Ахмети „Да за Европа, не за Русија“. Исто така, не земал предвид дека еден дел на чело со доскорешниот претседател на партијата, Арбен Таравари е приклучена кон опозицискиот блок, кој веќе не се нарекува Движење за европски промени (ДЕП), туку коалиција ВРЕДИ (на албански е VLEN). На кратенката ДЕП е додадено В, како симболика за партијата Самоопределување (на албански Vetëvendosje).
Како може Таравари во анкетата да се третира како претседателски кандидат на ВРЕДИ, а коалицијата да се третира без крилото на неговата партија? И разликата меѓу неговите гласови и на коалицијата е голема, околу 1.3%, бидејќи за ВРЕДИ се изјасниле 4.4%, а за Таравари 5.7%, што при ваков квантум на гласови е голема разлика! Иако и Бујар Османи од ДУИ со 7% анкетен рејтинг има предност од 0.7% пред неговата партија. И кај другите кандидати резултатите со рејтингот на партиите е речиси идентичен.
Секако дека при симулирањето на пратеничките мандати со земање предвид на овие факти резултатите би биле поинакви.
Објавувањето на ваков начин на резултатите е голем методолошки пропуст и звучи како да е дел од политичко партиски инженеринг со пропагандистички цели и фрла сенка не само врз оваа, туку и врз сите анкети кои се спроведуваат за мерење на јавното мислење пред избори. Во тридеценискиот период не се „промашиле“ дел од анкетите, туку цели анкети, и затоа не е ниска довербата само кон политичките партии, медиумите, туку и кон „анкетарите“.
Никој нема право да ја изместува демократската волја на граѓаните и затоа во иднина анкетарите (кои работат за пари) треба да бидат внимателни при изборот на методологијата за истражување на јавното мислење односно да ги земаат предвид сите околности од стварноста. Методологијата не ја диктира стварноста, туку стварноста методологијата.
(Проф. д-р Сефер Тахири е универзитетски професор).