Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ФАТАМОРГАНА НА ПРАВДАТА

March 10, 2026 Filed Under: Македонија

Како измените во КЗ го трасираат патот за слобода на Артан Груби

ПРАВДА Измените на КЗ ќе донесат уште една голема амнестија на елитата

ДЕЈАН ТРАЈКОВСКИ

Изминативе денови јавноста со будно внимание ја следи ситуацијата околу доброволното појавување на бегалецот од правдата, Артан Груби. Новинарите со драматични вклучувања од пред истражниот затвор известуваа за секој негов чекор – од неговата здравствена состојба и „цимерите“ во ќелијата, па сè до информацијата за негово префрлање во домашен притвор. Паралелно, министри со помпезни обраќања го коментираат неговото „апсење“, кое во суштина е само обично враќање во земјата преку граничен премин.

Додека многумина бараат скриен контекст и политички пазарења со власта, наједноставното објаснување веројатно е и најточното: Груби веќе нема потреба да се крие. Откако ќе се спушти медиумската прашина, тој најверојатно ќе излезе од дома како целосно слободен граѓанин, бидејќи со новите законски измени, правниот основ за негово гонење е речиси избришан.

За потсетување, за Груби беше распишана меѓународна потерница поради спорната набавка на апарати за коцкање во време кога ја извршуваше функцијата прв вицепремиер. Ова дело се гонеше според членот 353 од Кривичниот законик (КЗ) – Злоупотреба на службената положба и овластување, особено во контекст на јавните набавки.

Сепак, хронологијата на законските измени открива зошто Груби е спокоен. Во септември 2023 година беа усвоени контроверзни измени на КЗ кои ги намалија казните и доведоа до застарување на бројни предмети за корупција. Во јануари/февруари 2026 година, по налог на Уставниот суд беа донесени нови измени. Иако формално казните се зголемија за да се спречи лесно застарување, суштината на револтот кај граѓаните лежи во бришењето на став 5 од членот 353-в (поврзан член).

Со бришењето на оваа одредба, која експлицитно ги опфаќаше највисоките функционери (министри и директори именувани од Владата), се создаде правен вакуум. Иако казните на хартија делуваат построго, описот на делото е толку стеснет, што дејствијата на функционерите повеќе не се вклопуваат во законските рамки за кривичен прогон. Ова претставува ФАКТИЧКА АМНЕСТИЈА ЗА ЕЛИТАТА.

Новиот опис на членот 353 практично декриминализира многу форми на корупција при јавните набавки, како што се фаворизирање на фирми, прилагодување на тендерски спецификации и склучување договори без реална потреба. Токму склучувањето договори без реална потреба е делото за кое се сомничи Груби во врска со Државната лотарија, а сега е во сивата зона на законот.

Дополнително, второто дело што му се става на товар, наводното противзаконско посредување кај судија, според сите проценки е веќе застарено. Неговите адвокати со сигурност го предвиделе овој епилог, што го објаснува неговото самоуверено враќање во земјата и експресното заминување во домашен притвор.

На крајот, мора да се истакне суштинското: делата за кои сега се гони Груби се минорни во споредба со договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на 104 километри автопатишта, а за што воопшто не е гонет. Со овој договор, на државата ѝ се наметнати прескапи проекти без претходни физибилити студии и кост-бенефит анализи. Ова претставува класичен пример на договор без реална економска потреба, што порано можел да се гони според чл. 353 од КЗ.

Досега се исплатени речиси една милијарда евра, а работите не се завршени ниту 30%. Проценките велат дека трошоците може да достигнат фасцинантни 5 милијарди евра (според гувернерот Славевски), што ќе ни донесе долг што ќе го рефинансираат многу генерации македонски граѓани, не добивајќи за возврат речиси ништо.

Во суштина, новите измени на КЗ не се направени само за да се спаси Артан Груби за апаратите за коцкање, туку за да се осигура неказнивоста за милијардите евра кои допрва треба да се исцицаат од државната каса преку „стратешки“ проекти.

Актуелната власт нема интерес за вистински прогон на Груби за овој мега-проект, бидејќи и самата подготвува сличен штетен договор за брзата пруга од Табановце до Гевгелија, тежок најмалку 3,5 милијарди евра, вклучувајќи ги каматите, како и најмалку една милијарда евра за пругата кон Бугарија, исто така со вклучени камати. Доколку Груби биде гонет за штетни договори, тоа би поставило опасен преседан за сегашните функционери во иднина, што тие нема да го дозволат.

Затоа, најверојатното сценарио е веќе напишано. Груби набрзо ќе биде на слобода, покриен со правни образложенија, додека јавноста ќе остане со привид дека правдата била задоволена преку неколку дена домашен притвор.

(Текстот е објавен на неговиот Фејсбук профил. Илустрацијаа е на Глобус)

 

Filed Under: Македонија

ТОНИНО ПИЦУЛА: МОЖНО Е РАДИКАЛИЗИРАЊЕ НА ОДНОСИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН
ЕУ САКА ДА ЈА ИЗБЕГНЕ НОВАТА УНГАРИЈА: ЦРНА ГОРА КАКО „ТЕСТ ПОЛИГОН“ ЗА НОВИОТ ДОГОВОР ЗА ЧЛЕНСТВО
ОВА НЕ Е ОГРАНИЧЕНА ВОЕНА ОПЕРАЦИЈА, ТУКУ ВОЈНА НА ДВЕ ДРЖАВИ КОН ТРЕТА
СОЛИДАРНОСТ: АСАНИ МУ ПОМОГНАЛ НА АШКОСКИ ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ИРАН
ИРАНСКАТА НАФТА ИМА АЗИСКИ МУШТЕРИИ

Најново

  • ТОНИНО ПИЦУЛА: МОЖНО Е РАДИКАЛИЗИРАЊЕ НА ОДНОСИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН
  • ЕУ САКА ДА ЈА ИЗБЕГНЕ НОВАТА УНГАРИЈА: ЦРНА ГОРА КАКО „ТЕСТ ПОЛИГОН“ ЗА НОВИОТ ДОГОВОР ЗА ЧЛЕНСТВО
  • ОВА НЕ Е ОГРАНИЧЕНА ВОЕНА ОПЕРАЦИЈА, ТУКУ ВОЈНА НА ДВЕ ДРЖАВИ КОН ТРЕТА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet