Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ФАТМИР БИТИЌИ ЗА НОВИОТ ЦЕНОВЕН УДАР И МИНИМАЛНАТА ПЛАТА

March 18, 2026 Filed Under: Македонија

Владата нема антиинфлациона стратегија, нема сериозна политика за заштита на куповната моќ, нема сериозен одговор на ценовните шокови, нема храброст да се застане зад работниците

БИТИЌИ Никој од Владата не искоментира, дека индустриското производство во јануари паднало за 6,6% на годишно ниво, преработувачката индустрија за 8,0%, а извозот на стоки е понизок за 8,27%

На полноќ, 10 март започна нов ценовен удар, откако се разбудивме со поскапи горива и со нов притисок врз секојдневниот живот. Дизелот поскапува на 85,50 денари за литар, бензините на 79,50 и 81,50 денари, што значи просечно зголемување на цените на нафтените деривати од 14,27%. Ова ќе значи директен удар врз транспортот, производството… односно врз сите трошоци што подоцна се прелеваат во цените на производите и услугите што граѓаните секојдневно ги плаќаат – истакна пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи на денот кога една навидум далекчна војна пристигна и кај нас и тоа најнапред на бензинските пумпи..

И токму во пресрет на овој нов ценовен шок, власта се обиде да ја смири јавноста со податокот дека месечната инфлација во февруари, во однос на јануари, изнесувала само 0,2%, иронично констатираше Битиќи. Но тоа е тесен статистички пресек што не ја отсликува целосната ценовна реалност на животот. Бидејќи кога февруари 2026 се споредува со февруари 2025, трошоците на живот се повисоки за 2,9%, храната и безалкохолните пијалаци за 3,9%, а цените на мало за 1,6%. Тоа значи дека животот веќе бил поскап и пред овој нов удар, а поскапувањето на горивата од полноќ е само дополнителен импулс што уште повеќе ќе ја засили скапотијата во наредниот период.

Кога власта се обидува да ги „мери“ трошоците на живот на начин што ќе звучат помалку страшно, најрелевантна статистика е онаа која произлегува од касите, таму каде што се плаќа. Синдикалната минимална кошница за февруари достигна 67.382 денари, што е 969 денари повеќе од јануари, а само трошоците за храна и пијалоци се зголемиле од 24.211 денари во јануари на 25.156 денари. Во исто време, минималната плата изнесува 24.379 денари, што значи дека за покривање на една синдикална минимална кошница се потребни околу 2,76 минимални плати. Дури и по најавеното мартовско зголемување на минималната плата на 26.046 денари, за покривање на истата кошница и натаму ќе бидат потребни околу 2,59 минимални плати. Основните животни трошоци растат побрзо и потешко од она што Владата сака да го признае.

И не треба да се кријат зад квартален раст на БДП, кога првите сигнали од 2026 година се лоши. Да, Државниот завод за статистика објави раст на БДП од 3,8% во четвртото тримесечје од 2025 година, но само неколку дена подоцна објави, но никој од Владата не искоментира, дека индустриското производство во јануари 2026 паднало за 6,6% на годишно ниво, преработувачката индустрија за 8,0%, а извозот на стоки во јануари е понизок за 8,27%. Тоа е вистинската слика, портретирана од слабеење на реалниот сектор, притисок врз производството и нов грч за економијата уште на самиот почеток на годината.

Владата нема антиинфлациона стратегија, нема сериозна политика за заштита на куповната моќ, нема сериозен одговор на ценовните шокови, нема храброст да се застане зад работниците…

Македонија не живее подобро затоа што статистиката е попристојна. Македонија живее потешко затоа што Владата е економски пасивна, политички самозадоволна и социјално несензитивна.

БИТИЌИ Никој од Владата не искоментира, дека индустриското производство во јануари паднало за 6,6% на годишно ниво, преработувачката индустрија за 8,0%, а извозот на стоки е понизок за 8,27%

Овој несомнен економски експерт се задржа и на темата – зголемувањето на минималната плата на 600 евра. За таа цена на трудот тој истакна дека не е никаков каприц, туку барање за социјална нормалност, а без оваа законска интервенција, оваа нормалност може да биде само политичка привилегија. Кога велиме 600 евра минимална плата, ние не велиме државата да продолжи да биде пасивен набљудувач и работите во економијата да се движат по инерција. Бараме платата да се зголеми, а Владата да си ја преземе одговорноста, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната комисиска  расправа во Собранието за предлог-законот за зголемување на минималната плата.

Битиќи остро ја критикуваше Владата за продлабочувањето на сиромаштијата, слабата контрола врз цените и отсуството на вистински социјален дијалог околу минималната плата од 600 евра. Тој предупреди дека растот на трошоците директно ја нагризува куповната моќ на граѓаните.

„Оваа динамика ни кажува едноставно дека куповната моќ се јаде одвнатре, односно постои изразена тенденција сиромаштијата системски да е толерирана. Во овие услови, Владата нема право да зборува за одржливост кога се отвора темата за плати, а да молчи за сопствените институционални потфрлања што директно ја гушат економијата“, појасни Битиќи.

Тој посочи дека наместо да преземе одговорност, Владата го префрла товарот врз работниците и синдикатите.

„Се соочуваме со последователно множество на институционални слабости што го креваат стопанството на колена, а потоа Владата им држи лекција на работниците и фирмите да се договорат, праќајќи порака дека од нејзината страна нема простор за достоинствени плати.“, рече пратеникот на СДСМ.

Во однос на социјалниот дијалог, Битиќи беше дециден:

„Трошоците на живот растат, синдикатите бараат решение, а одговорот што го добиваат е одложување, игнорирање и политичка острина кон барањата на работниците. Во таква клима, социјалниот дијалог не се одржува, туку се задушува. 600 евра минимална плата е линија под која државата не смее да се повлече. Цените и трошоците веќе покажаа дека сегашните политики на Владата произведуваат работничка сиромаштија. Да не го оставаме работникот сам да се бори со инфлацијата и слабата контрола на државата. Достоинството не се одложува, туку мора да се гарантира.“, заклучи Фатмир Битиќи.

Filed Under: Македонија

ФАТМИР БИТИЌИ ЗА НОВИОТ ЦЕНОВЕН УДАР И МИНИМАЛНАТА ПЛАТА
ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА: НАМАЛЕТО ГО ЛУКСУЗОТ И ЌЕ ДОЈДЕМЕ ДО МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА
ДВЕ МАРИИ, ТРИ АНИ, ТРИ МАРИИ … КАКО ДЕЛ ОД НАСЛЕДСТВОТО НА СЛАВКО ЈАНЕВСКИ
ННАЈНЕПОПУЛАРНАТА ВОЈНА ВО САД
ЗОШТО ЕПМАТИЈАТА Е СЕЛЕКТИВНА?

Најново

  • ФАТМИР БИТИЌИ ЗА НОВИОТ ЦЕНОВЕН УДАР И МИНИМАЛНАТА ПЛАТА
  • ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА: НАМАЛЕТО ГО ЛУКСУЗОТ И ЌЕ ДОЈДЕМЕ ДО МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА
  • ДВЕ МАРИИ, ТРИ АНИ, ТРИ МАРИИ … КАКО ДЕЛ ОД НАСЛЕДСТВОТО НА СЛАВКО ЈАНЕВСКИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet