Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ФАТМИР БИТИЌИ: НА МАКЕДОНИЈА И ТРЕБААТ „ЛУДОСТА“ НА ВМРО И ПАМЕТОТ НА СДСМ

September 25, 2026 Filed Under: Македонија

На прашањето дали линеарното зголемување на пензиите е подобро решение од системското усогласување, Фатмир Битиќи вели дека надвор од првите две линеарни зголемувања, во секое следно линеарно покачување пензионерите се оштетени

БИТИЌИ Нема соодветен раст на минималната плата, зад тоа стои друга политичка агенда

ЉУБИША НИКОЛОВСКИ

Доколку наскоро има предвремени парламентарни избори, како СДСМ ќе бидеме конзистентни како и секогаш, ќе ветиме добри политики што вистински носеле развој, а стопанствениците не можам да ги излажам, да им кажам сега ќе ве направам да бидете Елон Маск, но ќе кажам дека ќе продолжи поддршката и ќе имате соговорник од другата страна, вели Битиќи.

Поранешниот вицепремиер во Владата на СДСМ Фатмир Битиќи во интервју за „Слободен печат“ уверува дека тогашната Влада и покрај кризата со ковидот и војната во Украина, подобро се справувала со економските предизвици и значително го подобрила стандардот на граѓаните.

– Во програмата за 2024 година останавме конзистентни дека минималната плата до 2028 година мора да биде 36.000 денари. За просечната плата, со предуслов да ги продолжиме преговорите со ЕУ, зацртавме цел од 60.000 денари, а во првите години од членството во ЕУ да достигне меѓу 1.300 и 1.400 евра – вели Битиќи.

Упатувајќи критики за Владата, Битиќи оценува дека сега нема соодветен раст на минималната плата. Се сомнева дека зад тоа стои друга политичка агенда — класата на луѓе што добиваат минимална плата да не се задоволува со домашни работници, туку со работна сила од надвор.

Според него, минималната плата мора да биде знак за достоинствен живот, а едновремено таа врши притисок врз растот и на просечната плата.

На прашањето дали линеарното зголемување на пензиите е подобро решение од системското усогласување, Фатмир Битиќи вели дека надвор од првите две линеарни зголемувања, во секое следно линеарно покачување пензионерите се оштетени.

Преку моделот на усогласување што им го оставивме, вели тој, тие на долг рок би добиле повеќе, и додава дека „поголемиот проблем е одржливоста“.

– За две години оваа власт го удвои дефицитот на пензискиот фонд. Во наше време, дефицитот го намаливме на 32 проценти, а денес тој е 48 проценти, односно дупката порасна од 500 милиони на 1 милијарда евра – рече Битиќи.

Според него, тоа се случува затоа што платите во реалниот сектор не растат доволно, а сивата економија во изминатите две години е зголемена за 3,2 проценти.

Ако се слушаат реакциите на компаниите, вели тој, тие се алармантни. Се враќаме во 19 век. Во градежништвото, на пример, фрапантен е податокот дека дури 70 отсто од работите се плаќаат преку компензација – стан за работа, кола за работа – затоа што нема пари и нема ликвидност.

– Минатата година ја завршија со 8 проценти помали приходи во буџетот од планираното. Тоа се над 500 милиони евра помалку собрани пари, а разликата меѓу трошењата и приходите е околу 900 милиони евра – додава Битиќи.

Според него, актуелната власт се враќа на популистички наративи и мерки познати од времето на Никола Груевски, наместо да гради одржливи и долгорочни политики.

Притоа, тој тврди дека прикажаниот раст на БДП се должи првенствено на нискоградбата (градење автопатишта, паркови и тротоари) и на зголемената приватна потрошувачка предизвикана од инфлацијата и повисоките цени, а не од реална додадена вредност во економијата.

а прашањето како да се премости длабоката политичка и општествена поларизација во земјата, Битиќи апелира за враќање на искрената патриотска посветеност и ставање на домашниот интерес пред сите надворешни влијанија. Тој ја дефинира својата визија за оптимален национален модел како специфична комбинација од клучните капацитети на сите општествени чинители.

– На државата ѝ е потребен синергиски спој од прагматичноста и лудоста на ВМРО во спроведувањето на капиталните инвестиции, паметот и институционалниот капацитет на СДСМ за градење на државноста и на нејзините системи, како и искрената љубов на сите други етнички заедници кон зачувување на Македонија како унитарна и стабилна држава – вели Битиќи.

Во однос на позициите на СДСМ доколку наскоро има предвремени парламентарни избори, тој тврди дека ќе бидат конзистентни како и секогаш, дека она што ќе го ветат и ќе го исполнат како и во минатото.

– Ќе ветиме добри политики што вистински носеле развој, а стопанствениците не можам да ги излажам, да им кажам сега ќе ве направам да бидете Елон Маск, но ќе кажам дека ќе продолжи поддршката и ќе имате соговорник од другата страна, и дека нема да молите за поврат на ДДВ, како што не молевте во наше време, а сега молите, а не го добивате. Дека долгот кон стопанството, од 1 милијарда, ќе го намалиме постепено по анализите, до 0, и така натаму, и така натаму. Тоа е конзистентно, тоа сме го правеле. Нема тука лажење. А граѓаните имаат избор, да веруваат сè уште на политичари кои што лажат, и даваат лажни ветување и политичари кои што се обидуваат пред граѓаните да донесат еден нов начин на креирање на политиките, а тоа е конзистентност во ставовите – вели Битиќи.

Filed Under: Македонија

ПРИВИД НА ЕКОНОМСКИ РАСТ СО ПРАЗНА ДРЖАВНА КАСА И ДОЛГОВИ
Бројките на ПИОМ отвораат дилеми за идното финансирање на пензии
МАКЕДОНСКО ЗЛАТО ВО АВСТРИЈА: БЛАГОЈ ГУГИНОВ ГО ОСВОИ ЕВРОПСКИОТ КУП
ЕВРОПА ИМА ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ, БУГАРИЈА – ГОЛЕМА ЗАДАЧА
ПРОБИВАЊЕ НА ОГНЕНИОТ ЅИД

Најново

  • ПРИВИД НА ЕКОНОМСКИ РАСТ СО ПРАЗНА ДРЖАВНА КАСА И ДОЛГОВИ
  • Бројките на ПИОМ отвораат дилеми за идното финансирање на пензии
  • МАКЕДОНСКО ЗЛАТО ВО АВСТРИЈА: БЛАГОЈ ГУГИНОВ ГО ОСВОИ ЕВРОПСКИОТ КУП

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet