Засега не се објавуваат имињата на оние против кои се води постапката, но се знае дека се работи за пет лица
Се знае кои се јавните институции поврзани со критиките од ЕУ за наводни злоупотреби на европските пари, но, тие нема да бидат откриени додека не завршат предистражните постапки кои се во тек. По конечните одлуки, ќе им се намалат средства од редовните програми и ќе се бара лична одговорност од луѓето кои ги раководеле.
Како што рече денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, тоа што е увидено како евентуална злоупотреба не е ништо спектакуларно и е под пет отсто од средствата што се користат.
– Тоа што е увидено како евентуални злоупотреби е во рамки на просекот на тоа што се увидува во секоја земја-членка на ЕУ и во земјите потенцијални кандидати за членство во ЕУ, ништо спектакуларно морам да признаам. Тоа е дури под пет отсто од средствата што се користат. Тоа што беше најавено минатиот период е на ниво на информации и покренати постапки, се уште нема исход од ниту една од нив, дали ќе треба да се вратат средства. Во ЕУ постои механизам, т.н. офсетинг, според кој, ако се увиди дека има неискористеност или искористеност на средства на ниво на непланирани и непризнаени трошоци, тие или се намалуваат од други програми или се бараат од крајниот корисник. Во овој случај, тоа се јавни институции и веројатно, штом добиеме одлука за која било од нив, ќе им се намалат од редовните програми и ќе се бара лична одговорност од луѓето кои ги воделе институциите во тој временски период. Се знаат институтциите, но бидејќи има предистражни постапки, не би сакале да ги обзнаниме. Кога ќе има конечен исход, ќе бидат соопштени, истакна Битиќи по панелот „Економските придобивки од интеграцијата во ЕУ за компаниите и граѓаните во Северна Македонија“, во рамки на кампањата на Владата на Република Северна Македонија „Европска иднина, поблиску од кога било“.
Оваа тема беше одново покрената откако Управата за финансиска полиција во декември до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против пет физички лица поради постоење сомневање за злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 и измама на штета на средствата на Европската заедница по член 249-а и за несовесно работење во служба по член 353-в и против едно правно лице – деловна банка поради постоење сомневање за сторено кривично дело измама на средства на Европската заедница по член 249-а став од Кривичниот законик.
Пријавените физички лица спротивно на кредитната политика, без знаење на кредитобарателите, со намера да ги искористат средствата кои потекнуваат од кредитната линија наменета за зголемување на енергетската ефикасност во Македонија и намалување на потрошувачката на енергија и емисиите на CO2 обезбедена од GGF, Green for Growth Fund основан како јавно – приватно партнерство од страна на Развојната банка KfW на Германија и Европскиот инвестициски фонд, во прилог на поднесените барања за одобрување на еко кредити изготвиле и приложиле про-фактури со невистинита содржина. Кредитобарателите се јавиле дека вршат набавка на демит фасада од правно лице од Битола, иако знаеле дека парите ќе бидат искористени за нивни лични цели. Потоа, врз основа на решенија за одобрување на кредитни барања биле склучени 36 договори за еко кредити, по што биле исплатени девизни средства во вкупен износ од 15.449.023 денари, соопшти Финансиската полиција.