ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ
Проблемот што во Европа мошне јасно се лоцира во однос на релативизирањето на историските факти е дека будењето сеништа од Втората светска војна не нудат продуктивна перспектива во натамошниот развој на евроинтеграциите
Факт е дека е неопходно идеолошките аргументи постојано да се развиваат и дискутираат во однос на новите политички ситуации. Вкучувајќи ја и појавата на фашизмот, како од историски така и од современ аспект. Веќе подолго време европските капиталистички елити развиваат кампања за ревизија на историјата од Втората светска војна, а со цел тоа да се вклопи во карактерот на денешните интереси и односи на моќта.
Токму во оваа област се заговара потребата Европската Унија да изгради поцврст заеднички пристап за да се справи со несериозни историографски толкувања. Еден предлог во таков контекст е да се соберат реномирани историчари во Европа во рамките на подолготрајна семинарска дејност, со цел подетално да се разменат и усогласат мислењата и ставовите околу најфлагрантните и несериозни обиди за искривување на историјата.
Бугарското настојување за бришење на печатот на сопственото фашистичко минато се провлекува како константа во однос на историските „изгубени територии“ и нивното „ослободување и администрирање“, а кое, според гледиштата на бугарските политички лидери и акедемици, не би требало да се карактеризира и нарекува како класична окупација. Таквиот пристап Софија очигледно го фаворизира и денес во однос на развојот на соседските односи со Македонија.
Прашањето што од своја страна, пак, го актуелизира премиерот Заев, дека на фашизмот не треба да му се припишува национална одредница, во конкретниов случај на „бугарскиот“ фашистички окупатор, бидејќи тоа е навредливо кога денес се зборува за бугарската нација во целина. Но тоа сепак во основа може да се сфати како непотребно релативизирање на упорните историско-ревизионистички обиди на Софија околу сопствената фашистичка и окупаторска улога во Втората светска војна, а што би било можно само доколку со давање предност на лесни политички квалификативи би била избегната сериозна академска, но и политичка расправа, во односите меѓу двете земји и пошироко во регионот.
Проблемот што во Европа мошне јасно се лоцира во однос на таквиот начин на релативизирање на историските факти е дека будењето сеништа од Втората светска војна не нудат продуктивна перспектива во натамошниот развој на евроинтеграциите.
Скандинавските историографски толкувања и анализи, како, на пример, на Институтот за историја при една од најзначајните високобразовни институции во Скандинавија, Универзитетот во Лунд, јасно ја дефинираат улогата на Бугарија во хитлеровата фашистичка коалиција, односно дека нацистичка Германија ѝдозволила на Бугарија да „окупира и администрира“ поголем дел од територијата на денешна Македонија. Во текот на бугарската окупација, односно во бугарската „окупациска зона“, како што тврди еден од најзначајните авторитети на историската наука во Шведска, професор Дик Харисон, се извршени низа воени злосторства, вклучувајќи ги и депоратациите на еврејското население, „со исклучително мал број преживеани“.
Такви историографски факти доминираат насекаде во историските записи во Европа. Тоа е окупација која, со благослова на фашистичка Германија, ја спроведувала и „администрирала“ бугарската фашистичка држава, а не накоја друга.
Историјата не може да се „разубавува“ во интерес на обидите за оживување или повампирување на големодржавни идеи и претензии, со цел за наметнување политичка волја и доминација врз оној што се смета за послаб во меѓудржавните односи. Оттаму е и неопходно да се потенцира дека неспорните историски факти не можат да бидат предмет на какви било нејасно дефинирани преговори, дури и по цена на прогрес, чиј бенефит може да биде согледан во контекстот на идните (добро)соседски односи.
На мрачното наследство од ерата на фашизмот и обидите неговите последици да се релативизираат во контекстот на новите политички односи и реалности, особено се укажува при изборите за ЕУ-парламентот, од кои се очекува да создадат претпоставки за изградба на прогресивни алијанси и едновремено да функционираат како јасна противсила на фашизмот, неговото повампирување или историско негирање.
И на Бугарија и на Македонија воопшто не им е потребно бришење од учебниците или ревидирањето на јасно потврдените историски факти околу фашизмот и бугарското фашистичко минато, туку она што се чини е најпотребно е прогресивен политички пристап во организирањето на луѓето и на политичкото дејствување околу вредностите какви што се демократијата и еднаквоста. Формулирањето на идеолошката критика мора да најде начин да излезе од традиционалните политички застранувања и манипулации, кои, со полна уста лажни и дволични фрази за меѓусебното почитување, низ историска перспектива, постојано ги продлабочуваат поделбите на Балканот.
Смислата на борбата околу историграфските толкувања, поврзани со Втората светска војна, не треба да води кон таков резултат што ќе претставува копање и „закопување“ во нови историски ровови. Бидејќи, со она што го предлага Заев во форма на своевидна историска козметика, во врска со карактерот на бугарското фашистичко минато, и покрај добрите намери за расчистување на спорните прашања во меѓудржавните односи, тешко може да најде оправдување дури и во онаа познатата на Орвел – дека „оној што ја контролира историјата, ја контролира иднината“. Овде сепак станува збор за билетарелен спор, кој според многу нешта што го карактеризираат, во преден план не е свртен кон барање излез кон иднината, напротив, се заканува со натамошно замаглување на и онака затемнетиот историски хоризонт.