Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ФЕНИ E ВО ЦЕЛОСЕН ЗАСТОЈ, ИЛЈАДА КАВАДАРЕЧНИ СЕМЕЈСТВА БЕЗ ЕГЗИСТЕНЦИЈА

December 2, 2025 Filed Under: Македонија

Тезата на премиерот дека „едни си доаѓаат, други ќе дојдат“ засега не држи. По низата напуштања на странските инвеститори на економската зона Бунарџик, се случи уште една загуба на колосален кпацитет. „Фени“ е во целосен застој, пропаднаа ветувањата на власта

СТАРА ПРИКАЗНА Проблеми околу носење на нов инвеститор во кавадаречкиот гигант имало постојано ама со последната власт н видовме ниту некаков напор да се задржи последниот

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Ни требаше многу време да научиме нешто за берзанските производи. Дека тие, на пример, имаат имаат циклични падови и скокови, многу динамични и противречни по своите ефекти. Фероникелот – кој требаше да биде нов поттик за развојот на Македонија, во што целата некогашна југо-република вложи многу пари и пропаганда, просто падна во кома веднаш по отворањерто, некаде на стартот во 80-тите. Еден од најголемите штрајкови на кои сум присуствувал, а сум бил сведок на многу, па и на оној најдолгиот во историјата на тогашната федерација што се случи во Кратово, покажа дека многу елементи во конструкцијата на овојј металуршки комбинат биле погрешни. Најпрво квалитетот на рудата од која треба да се произведува конечниот производ бил просто зголемен, само идејата за Кавадарци како идна база на индустријата во земјава да не пропадне! Рудата инаку се носеше на преработка со подвижна лета од планинското наоѓалиште. Потоа, во мигот кога објектот беше планиран, енергијата која требаше да се користи беше евтина. Се работи за мазутот кој требаше да е дел од производството на струја во специјално направената термоцентрала во соседно Неготино, термоцентрала која набргу престана со работата кога цената на сите нафтени производи енормно скокна! Плус, нафтата и нафтените деривати ги добивавме во компензација во економската соработка со СССР, па некако се воспостави слика која сепак по пуштањето на објектот ги разлеа своите бои на платното. По овој чин ССР полека станува само должник и на крајот не ни ги исплати долговите или ги исплати некому и некаде а јавноста да не знае?! Штета на сите страни.

Класична слика на доцниот социјализам беше превработеноста – таму плата требаше да земаат 4.000 работници а се покажа, многу подоцна и со многу турбуленции дека истата работа може да ја вршат и 800!

Математиките беа многу лоши и тогашното раководство во републиката, на чело со Драгољуб Ставрев, реши да оди на радикални чекори – објектот да се затвори или конзервира, бидејќи, републиката требаше да отпочне да ги враќа странските кредити кои не беа мали а беа условени во исплатата – се започнува со враќањето кон кредиторите кога „Фени“ ќе стартува. Поволноста, ако така може да се каже, беше дека се додека кавадаречкиот капацитет е во изградба кредитот ќе мирува. Во она време, кога практично со амандманите кои Уставот на федерацијата ги претрпе во периодот 1972/ 74 година секоја република си имаше своја девизна сметка и мораше самата да си води сметка како ќе се справува со долговите. А Ставрев отворено велеше дека долгот на Фени, кога би се отплаќал не би можел да се враќа со сите пари кои би ги имале на девизната сметка! Нашиот целиот извоз не би би бил доволен да се сервисира долгот по основ на кредитот.

Постоеше силен политички судир тогаш, бидејќи во она време со СКМ раководеше тиквешката кадровска струја (Мојсов горе во Белград, Чемерски и Андов во републиката) а Ставрев имаше поддршка главно од српските медиуми, печатените кои беа изразито моќни во она време Зошто, тоа е посебна приказна, но главно се движеше околу тезата дека Македонија не е самоодржлива! . Практично сите големи комбинати во она време, кога реалната економија стануваше на своите пионерски нозе кај нас, први почнаа да пропаѓаат. Тоа беа гигантите од тој тип како Рудници и железарница Скопје, Југохром од Јагуновце …

Малата Македонија во годините потоа требаше на своите кревки плеќи да го издржува социјалниот товар на тоа општо пропаѓање. Да се вратиме на почетокот на текстот – едно време свативме дека фероникелот е предмет на игра на големите „слонови“ во економијата кои можат да издржат скокови и падови при нестабилната берзанска цена на фероникелот. Дури тие и вештачки правеа да ја предизвикуваат – ќе го сопрат производството и ќе чекаат, па кога заради недостигот на суровината, битна во многу други гранки, побарувачката ќе ги скокне и цените, тие производители ќе станат доходовни ќе го обноват производството! Во меѓувреме оние малите капацитети просто ќе пропаднат, па конуренцијата се намалува. Но тоа се компании со финансиска моќ да пливаат во такви ризични води – ќе ги пуштат работниците дома на некаков минималец, ќе се одржуваат печките за да не згаснат и кога ќе се стекнат поволни околности ќе го почнат производството.

Па затоа се започна со барање на таков моќник и за „Фени“. Во време на владеењето на двоецот Георгиевски – Тупурковски, на почетокот на векот ФЕНИ како класичен загубар во 2001 година е продаден со посебен напор на министерот за економија Борко Андреев. Тоа не беше крај – доаѓа и си заминуваа инвеститори кои не беа поготвени за опстојување во време на берзански луњи – сакаа да добијат ама не и да овозможат притајување во време на непвоолните ситуации на меѓународниот пазар. Што се вели – „не го родила ФЕНИ нивна мајка“…

За ФЕНИ да работи рентабилнио треба цената минимално да изнесува околу 10.000 долари за тон фероникел, иако има анализи според кои ако се подобри процесот на производство, се зголеми ефикасноста и се направи оптимизација на фабриката, тогаш ФЕНИ би бил рентабилен и со цена нешто под 10 илјади долари на светските берзи.

Бугарските стопански кругови доста често биле заинтересирани за овој објект од голем „калибар“; едно време за него се интересираше бугарскиот Енекод, практично производител на електрична енергија икој си нашол сметка преку сопствен „дотур“ на електрична енергија да се изравнува и профитира со продажба на фероникелот. Имено, имал сметал да не ја подигнува толку цената на струјата (која е негова) како влез во производството за да биде поевтин во производството, може да биде притабилен на пазарот на крајот. Овој инвеститор го спречи стечајот (се работеше за три наши банки) и во преговори со доверителите некако успеа процесот восудовите да се стави во позиција на мирување.

Во тој миг инаку се фрлаа дрва и камења против претходната фирма која го зема под свое „Фени“ – „Кунико“.Доверителите сметаат дека сомнително се работело, дека три години немало ниту завршна сметка (инаку ни,а на доверителите им се должи сума од 40 милиони евра), наводно се злоупотребувале резервите и за средствата за ликвидност.

Но „Енекод“ си замина во 2017 година кога не ги уплати оние срества кои велеше дека ќе ги вложи и така се заврши, да речеме една од епизодите на „оживување“ на Комбинатот. Повеќе донесе политичка штета (имаше обвинувања од Софија дека македонија не сака да допушти влез на бугарски капитал. Иако објективно, освен губење на време таков капитал не влезе!

„Фени“ или по ново – „Еуроникел“ беше купена во 2019 година од страна на ГСОЛ, Global Special Opportunities Ltd. (GSOL). Потоа се јави  „Јилдирим груп“ пред две години која е присутна во 56 земји на пет континенти со повеќе од 25.000 вработени ширум светот. Таа преку своја холандска испостава го купи делот на Комерцијална банка, како главен доверител лани во мај.

Од сето тоа ја имаме денешната ситуација – печката за производство на фероникел во фабриката ФЕНИ е сепак изгасена. Новиот инвеститор нема намера да ја рестартира фабриката, што значи дека таа останува во целосен застој. Ова на неодамнешна прес-конференција го кажа Вуко Мелов, советник и преетседател на ОО СДСМ од Кавадарци, посочувајќи дека со тоа пропаднаа сите најави на власта за наводен рестарт на компанијата.

Ова, како што додаде, претставува сериозна штета за економскиот развој на градот и силен удар за работниците од тој регион.

„Власта ги остави работниците буквално на цедило. Иако во предизборието власта даваше ветувања дека компанијата ќе ги исплати сите плати на работниците, ќе ги исплати сите доверители и ќе започне за брзо со произвоство, а со тоа ќе ги врати работниците на своите работни места, тоа во најголем дел не се случи“, рече Мелов.

Според него, комбинатот е оставен да пропаѓа, а ВМРО-ДПМНЕ, на централно и на локално ниво, не презема апсолутно ништо.

„За Христијан Мицкоски веројатно пропаста на уште една компанија, нема да е крај на светот, но за голем број кавадарчани и компании, ова е сериозен економски удар. Ова ја покажува неспособноста на власта, која не може да привлече нови, ниту да ги задржи постоечките инвестиции“, кажа тој.

Кавадарци може да живее од виното ама и да ги преџвакува аферите како онаа со Аца Лукас.

Filed Under: Македонија

МИЦКОСКИ ТРЕБА ДА ГО СПАСИ СУДСТВОТО ОД МИЦКОСКИ
ФЕНИ E ВО ЦЕЛОСЕН ЗАСТОЈ, ИЛЈАДА КАВАДАРЕЧНИ СЕМЕЈСТВА БЕЗ ЕГЗИСТЕНЦИЈА
ХРВАТСКА: ЖИВОТOT ВО ЗЕМЈА ВО КОЈА ЦЕНИТЕ РАСТАТ „БЕЗ ВРСКА“
СTАНКО ЦРНОБРЊА: БАЛКАНОТ Е ВО ПОСТОЈАНИ ПРВИРАЊА
ПУТИНОВИОТ ПОКЕР ИЛИ РУСКИ РУЛЕТ (155): ДАЛИ Е МИНИСТЕРОТ ЛАВРОВ ВО НЕМИЛОСТ?

Најново

  • МИЦКОСКИ ТРЕБА ДА ГО СПАСИ СУДСТВОТО ОД МИЦКОСКИ
  • ФЕНИ E ВО ЦЕЛОСЕН ЗАСТОЈ, ИЛЈАДА КАВАДАРЕЧНИ СЕМЕЈСТВА БЕЗ ЕГЗИСТЕНЦИЈА
  • ХРВАТСКА: ЖИВОТOT ВО ЗЕМЈА ВО КОЈА ЦЕНИТЕ РАСТАТ „БЕЗ ВРСКА“

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet