МИРОСЛАВ ПЕНДАРОВСКИ
Ве поздравувам сѐ додека не ве изгубам штом претерам со желбата да ве имам! А вие, вие погледнете си во утробата и видете дали е губитник оној што изгубил некого или оној што дозволил да биде изгубен од некој за кого вредело да се биде добивка?!
Да изгубиш нешто значи секогаш, отсега натаму, макар во оваа позната форма, да го немаш! Значи, да изгубиш е како да чувствуваш дека нешто ти недостига, дека веќе го нема, дека исчезнало, или само за тебе исчезнало. Да изгубиш нешто ил некого е како да си дропка која од вчера повеќе не е цела, која се издробила на поситни делчиња, од кои едното засекогаш е изгубено од твојот грижливо соткајуван мозаик.
Да изгубиш е она чувство дека нешто во твоите џебови исчезнало и оставило простор кој не се доживува како ослободување, ами како тежина. Чуден е парадоксот на губитокот, добиваш тежина од нешто што си заминало! Нели?! Како празнината од изгубеното повеќе да тежи од тешкото бреме додека нештото сѐ уште било тука и си го носел. Како човек после губитокот да осознава дека тежината за време на постоењето на сега веќе изгубеното е ништовна во споредба со тешката празнина која во душата остава мачен и црн простор по губитокот на некогаш иманото. Како долготрајна меморија дека нешто некогаш на некој начин, некако и негде, било во тебе, живеело до степен да си го навикнал и никогаш, ама никогаш не си помислил дека може да биде изгубено.
Да, такво е чувството бидејќи субјективноста и маленкоста човекова го прави слеп во миговите додека го живее она за кое верува дека никогаш нема да се потроши, угасне, изумре, срози. И тоа е така само и само поради сосема човечката искрена верба дека ете, нешто сепак ќе остане засекогаш овде. Во часот на збиднувањето на феноменологијата на мигот како да се заборава најпроклетото време од сите – идното. Да, да, драги мои губитници, идното, бидејќи само тоа е непознато и далечно. Толку неизвесно и невидливо, а толку СЕГА присутно токму поради примамливата идеја дека некогаш нештата ќе бидат подобри, поубави, полесни. И тоа ви е како фатаморгана, како ѝ се приближуваш, сликата исчезнува.
Со секој наводен иден чекор кон посакуваното ние од миг на миг губиме по малку од истото, сѐ додека не остариме од потрагата по тоа што се нарекува утре. А, утрето никогаш не доаѓа, не… утрето еднаш ќе биде вчера и тоа токму тогаш кога мислиме дека ете го, на дофат на нашата свесност е и овде во нашите отапени сетила. Исто како сенката, исто како ветрот и оганот. Или ќе ги бркаш цел живот или ќе се изгориш и ќе ја добиеш заслужената лекција, трето нема.
Најважната димензија на идното која е најблиска до поимот губиток е очекувањето. Очекувањето е сегашна концепција со иден хендикеп. Тоа значи дека умираме сега токму поради примамливоста на идното во надеж дека еден ден тоа ќе биде сегашно. Полесно ќе беше обратното, да умревме утре од тоа што денес го имаме! Ама ние не сме свесни дека тоа што сега е тука еден ден секако ќе го изгубиме или тоа ќе нè изгуби нас, едно те исто. Ако ништо друго, губитокот еден ден е неминовност во вид на смртта која виси над нашите глави оневозможувајќи ја видливоста токму на неа, на иднината.
Имам чувство дека луѓето под поимот губиток секогаш или скоро секогаш имаат идеја дека тоа е нешто кое е изгубено во секоја смисла. Најчесто дека губиток е кога некој ќе умре, кога ќе го снема сè дури и црвите од земјата не го потврдат истото, дека го нема. Многу ненамерници го имаат концептот дека тоа е губиток, еднаш засекогаш, аш, го нема, не се враќа, си отиде, згина!
Многу ретко мислиме на другите форми на губиток, оние поневидливите за голото и глупаво око на црно-белиот проценувач на животот. Делумните губитоци, кои најчесто се еднострани. Менталните и емоционалните губитоци поради нечија невротична неспособност да си го осети телото, чувствата и да си ги разбере мислите. Депресивниот губиток како чувство кое не секогаш е поврзано со губиток. Фројд би потврдил дека за многу губитоци не е и никогаш не ќе биде докажано дали навистина се случиле или, пак, се само производ на нашата фантазија и имагинација. Исто како и со прималната сцена, за која немаме докази дали детето ја посведочило или, пак, неговиот идно-невротичен ум ја произвел само за да ја надополни конфабулираната фалична меморија преполна со субјективни искривувања. Исто како да речеме дека е изгубено нештото бидувајќи свесни дека го ручаме катадневно во нашите мисли и чувства.
Забораваме на губитоците од коинциденција, од неќеница, случајни, несакани, одненадежни. На пример, дека некој си отишол во краток период некаде далеку без да нè извести или да побара амин и благослов од нас. Или пак нечиј губиток поради некаква болест, најчесто невролошка од која го изгубил умот, а со тоа, како најмал негативен нуспроизвод, нè изгубил нас. Во тој случај ние сме само колатералната штета предизвикана од многу поголемата траума за оној што веќе го бевме изгубиле. И ние тогаш како по традиција го жалиме него.
А нас кутрите кој да нè жали кога одеднаш мора да се помириме дека до нас седи некој кој веќе е изгубен за нас иако неговиот телесен корпус е присутен. Кој ли да го жали човекот кој мора да бдее над полуприсутното тело на некој до вчера толку живо достаточен, а денес веќе идно изгубен или тешко повратлив?! И, да, сè се тоа губитоци, драги мои барачи на сопствениот губиток и толку присутно отсутни во својата несвесност за тоа што вреди, а што не вреди да се изгуби.
Сепак, една форма на губиток од емоционален и интелектуален аспект е најтешка. И тој губиток е како менталните болести, мораш прво да ги исклучиш сите органски фактори за да го дијагностицираш. Поминува многу време во барање нешто што веќе се изгубило. И, тој губиток ги исклучува сите наброени видови губитоци. Ниту се работи за неповратен телесен губиток во вид на терминално престанување на срцето да чука, т.е. смртта, ниту се работи за губиток поради болест, патување, несвесност или што и да е друго. Не, тој губиток е сосема инаква форма на губење за кој однадвор никој не може и не умее да посведочи дека е овде. Нешто слично на поимот жив мртовец. Невидена оксиморонска творевина проткаена со причинско-последична метафизика на нејзината егзистенција.
Парадоксален Франкенштајн кој во себе истовремено ги содржи и смртта и животот. Супстанција подложна на секакви влијанија, а сепак отпорна на какви било надворешни поддршки. Нешто како фактот дека и пердувите ако се многу на број, создаваат тежина со текот на времето, колку и да се лесни. Тоа ви е исто како да гледате во нешто што не можете да го видите бидејќи отпорот да го исперципирате како отсутно е толку голем што сите други слепци околу вас веќе гледаат дека сте го изгубиле! Тоа е губитокот на она што постои!
Да, да изгубиш нешто што сѐ уште е живо и онде, блиску до тебе. Да изгубиш нешто што знаеш дека таму некаде за некого е добивка на нешто во чие создавање си вплеткал прсти и си го стоворил без и фала да ти каже. Тоа е она чувство дека нештото ти се лизнало од раце колку и квалитетно да си го држел. Да, тој губиток е најтежок од сите зашто значи да се помириш со немањето додека сè уште иманото егзистира и живее за други луѓе, за други раце, за други мисли и емоции. Тоа е како да знаеш дека љубовта на твојот живот постои на две улици од тебе или на еден блок во загадениот град. Дека ги минувате истите улици, ама чекорите ви се разминуваат за секунда, едни по други сте минале на истото место, ама туѓо ви е, оти чекорите не ги валкаат чевлите на некогаш иманиот лик. Ех, ете сега разбравте ли што е вистински губиток?
Да, најтешко е неповратно да изгубиме некого испраќајќи го кај големиот Бог со различни имиња, или во црвливата земја, ма како и да се викала територијата на која се наоѓа. Но, тој губиток неминовно еден ден ќе се прифати како нешто што не зависи од нашата волја. Вистинскиот губиток е како да ти доаѓа да си гризнеш од г…т бидејќи се прашуваш – можев ли повеќе да направам?!
Како да ти доаѓа да го обвиниш светот за најнебитното за него нешто – твојот губиток, прашувајќи се – зошто?! Како да ти се кине душата со секоја помисла дека точно е оти суетите го убија човекот во луѓето. Да, точно е дека ова е најсрамниот губиток од сите на овој свет! Губитокот кој слободно може да го именуваме – губиток додека нештото сѐ уште дише! Ете тоа е најстрашниот губиток од кој животот си го претвораме во секојдневно лудило со секој нов чекор од кој и онака тешките нозе стареат и гнијат додека крвта ни смрзнува додека мислиме – каде ли некој сега некому е нечија главна добивка. Ех, лузери мои драги. Сфатив дека е тажно, болно, бедно, неодговорно и ништовно да го умреме, изгубиме, осакатиме она што сега го имаме, а не сакаме да го изгубиме.
Потажно од ова е само едно нешто – да се уверуваме дека тоа е патот на нашата иднина и оти така мора да биде! Нема иднина ако го изгубиме оној од чија крв и срцевина сме створени како битијата што сме сега. Нема душевен мир со отпуштање на нештата и луѓето за кои страданието вредело, оти, на крајот од денот, страданието е гаранцијата дека нешто и постоело… а она што не постоело, не може ниту да се изгуби…
п.с. Ве поздравувам сѐ додека не ве изгубам штом претерам со желбата да ве имам! А вие, вие погледнете си во утробата и видете дали е губитник оној што изгубил некого или оној што дозволил да биде изгубен од некој за кого вредело да се биде добивка?! Нека секој од вас си ја види сопствената слика во огледалото на сопствената одговорност… А дотогаш?! Дотогаш јас ќе знам барем дека сум се обидел… да не ве изгубам…