Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ФЕНОМЕНОТ НА НЕВИДЛИВОСТ НА ЕДНА БЕГАЛКА ОД ПРАВДАТА

October 16, 2026 Filed Under: Македонија

Нема многу дилеми околу прашањето зошто јавноста има чувство дека нашата граница е просто налик на решето. Таа леснотија кај бегалците со право се смета како дел од еден коруптивен систем кој ги овозможува таквите настани преку намерни или лефтерни пропусти од многу институции во третата власт и на самиот надзор на границата. Проблемот со Бугарија произлегува од тоа што тие не ги враќале бегалците од кај нас ако имале и бугарско државјанство, а се знае дека таквиот бегалски потенцијал кај нас изнсува можеби и 200 илјади во земјава!

ЧЕТВРТИОТ ЊУТНОВ ЗАКОН Ива Михајлова снимена после претворањето на невидливот потенцијал во физичка реалност

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Во некогашните вестерни одметниците од правдата секогаш бегале од американска потера преку Рио Гранде, реката која наспроти името било лесно да се премине со тогашното основното превозно средство – со коњот. Откако ќе ги потрошеле парите од некоја ограбена банка одметниците се враќале назад за да дојдат до некој нов сеф со долари.

Во Македонија бегалците од правдата по правило, ако се од албански етнитет, бегаат во Косово и од таму или не се враќаат (не ни ги испорачуваат), како што стана во случајот со обвинетите за убиство на невинтеи риболовци кај Железарското езеро во 2012 година. Ако има поврат на избеганите тоа е само кога тие главно самите се предваат на границата, откако претходно ќе направат веројатно некако мунасип со власта кај нас, како што се виде во случајот со поранешниот врвен државен службеник Артан Груби.

АФЕРИМ ОД МОЌНИЦИ Бегствата на лица кои се огрешиле на законот на доста потаинствен начин од страна на закоравени криминалци или и од почетници кои направиле дури претходно и ужасно злодело, се вршат претежно во Србија и за тоа каде минале и кој им помогнал не се знае многу. Но јасно е дека тоа не се прави без аферим од некаква моќна структура во власта или правосудството а за граничната контрола да не говориме. Не многу одамна, како пример, одвај полнолетен наш сограѓанин – Матин Силковски  осуден за убиство на 8 години затвор во судење од прв степен, пуштен е во куќен притвор (!) а тој набргу по стигнувањето дома инкогнито заминува за Белград, за да стане многу бргу (опред една година) жртва за потребите на тамошното подземје; тој настан има силни примеси на можно поттикнување од политички мотиви за кои дојденецот и не бил свесен – правел неук бомба и загинал од неа. Има дузина примери како белградски и црногорски кланови искористуваат наши момчиња од Кисела Вода или Ѓорче Петров за убиства на лица за кои месните шефови на подземјето не сакаат да си ги валкаат рацете или тој чин е преризичен за нив

Ниту на јужната граница не отсуствуваат „дупки“ низ кои бегалците од правадата се измолкнуваат од потерата. Еде попознат случај е оној кога

во јули 2017 година во Грција заминуваат Горан Грујоски, поранешен началник на Петтата управа на МВР и Никола Бошковски од УБК, непосредно пред тогашното СЈО да поднесе обвиненија за случајот „Таргет Трдина“ а по објавените прислушкувања  на нивните разговори. Во октомври 2017 година тие се уапсени од солунската полиција кога со лажни (бугарски) пасоши сакале да побегнат во трета земја. Како интересни лица за Грција тие останале на плажите на оваа земја наводно на Крит и до ден-денешен.

БЕГСТВА ВО БУГАРИЈА ВО НИЗА Кога веќе ја споменавме Буггарија, големи нервози произлезе од борбата на гевгеличанката Спаска Митрева за добивање на право на родителство за својата ќерка, која претстујваше во затворот Идризово и го изгуби спорот со сопругот а почина од тешка болест. Ова стана повод за политичка мелодрама во која се вклучи дури и тогашниот премиер на источниот сосед.

Но има и поактуелен случај кој може да се нарече „беггства во Бугарија во низа“! Првиот активен учесник е Симеон Михајлов кој е осуден кај нас на 12 години и шест месеци затвор за обид за убиство на Драган Стојменов. Потенцијалната жртва (полициски случај Детонатор) требала да загине со активирање на поставена бомба а тој бил и дел од поголема банда која рекетирала. На судење во земјава од пред 13 години се потсетивме деновиве кога сега неговата ќерка Ива Михајлова побегна во Бугарија додека судењето за предизвикување на сообраќајка со смртни последици беше во тек. Околу ова бегство сега се подигна многу прав и не без основ. Во Бугарија на доста високо ниво од вакви случаи се прави рамка во која веднаш се вмешува политиката и се настојува да се притисне правдата во земјава.

На судењето во Кочани на Ива Михајлова, која има македонско и бугарско државјанство, за предизвикување на сообраќајка со смртни последици најпрвин дојдоа двајца пратеници од бугарската партија „Преродба“. Потоа бројот на политичари се зголеми на шестмина. Првите дојденци објавија фотографии со кои потврдија дека присуствувале на судското рочиште во Кочани за 23-годишната Ива Михајлова. Станува збор за Крсто Врачев и Ангел Георгиев, кои имаат важечка забрана за влез во Македонија врз основа на судска одлука. Врачев и Георгиев се меѓу 27 лица опфатени со пресуда на Основниот суд во Битола, со која им е изречена едногодишна забрана за влез во Македонија, бидејќи во јуни минатата година нелегално ја преминале македонско-грчката граница и потоа нелегално престојувале во земјата. Овие политичари биле најпрвин пропуштени на границата, иако таму постои одлука на суд што е правен основ за нивно непропуштање.

Внимавајте за ова не дознавме дали е покрената дисциплинка во МВР.

СИТУАЦИЈА „ШТО НИ МОЖЕТЕ“ Бугарски пратеници на кои им е забранет влезот ама сепак дошле преку нашите гранични потенцијали на судењето во Кочани

РЕФЛЕКС ЗА ВМЕШУВАЊЕ ВО НАШЕТО СУДСТВО Пратениците кочоперно влегоа во судницата и си правеа селфи во стилот „што ни можете“. Имаше реакција од колегите новинари кои известуваа бидејќи за нив важат строги правила како и што може да се слика при судење и тоа со јасна дозвола од судијата! Гостите од соседството не ни побарале да добијат било каква дозвола!

Ама се чини дека за секое судење на лице кое има и бугарски пасош додека стои пред нашата судска порота се јавува условен рефлекс на одбрана и тоа од што е можна повисока политичка функција. Имаше и протести пред нашата амбасада за случајот на Ива Михајлова на кои немало никогаш повеќе од десеттина лица. Излезе на крајот – повеќе бугарски пратеници дојдоа во кочанската судница отколку што нивни „поданици“ беа на на протестите во Софија.

Адвокатот кој ја бранеше Ива Михајлова тврдеше дека на неговата клиентка и треба итна лекарска интервенција која не може да и се даде во земјава, што требаше да послужи како класичен пресврт. Без било каква јавно објавена лекарска дијагноза констатацијата станува за миг – дефинитивна. Адвокат од Бугарија – без било каква акредитација за слулчајот – доаѓа во Кочани, ја зема Михајлова од едно кафуле (постои снимка за нејзиниот престој на тоа место и покрај наводната болест) и тргнува кон границата со уште еден соучесник. По кусо време со штитеничката дава изјава на бугарската страна на границата пред дузина камери ….

ГРАНИЧАРИ СО ЗАВРЗАНА КРПА НА ОЧИТЕ Она што е релевантно да се каже е дека бегалката вели дека границата ја минала со лична карта (пасошите и се земени претходно) како и тоа дека за овој случај се разговарало меѓу нашиот министер за надворешни работи и неговата колешка во Софија, по што следи изјава од наша страна дека нема проблем Михајлова да биде прегледана од бугарски лекари. И се чинеше дека тука ситуацијата ќе се смири ама случајот преку ноќ прилично се компликуваше.

Почнува домашниот рашомон за тоа како се гледа на овој случај на преминување на границата кога нашата држава има завиткана крпа на очите.

Најпрвин СДСМ побара оставка од Тошкoвски заради бегството на Михаjлова. Како ја напуштила земјата ако ѝ се одземени двата пасоши? – прашуваат на Бихаќка. „Панче Тошковски ја пушти Михаилова, сè се работи под маса откако ВМРО-ОК е на власт“ – се додава.

Овој случај се третира како договор под радарот (ова го тврдат и од Левица) на министерскиот состанок меѓу Муцунски и неговата колешка по функција Венцислава Петрова Чамова на Собир кој имаше поинаков поод. Требаше да се разговара за Коридорот осум.

Но, Муцунски рече дека имало разговор за случајот Михајлова а дека таму нашата страна дозволила бугарска визита околу здравјето на обвинетата Ива.

ПРЕМНОГУ ФАНФАРИ Но звучниот пречек по минување на границата на таа девојка говори дека постоело готово и успешно изведено сценарио. Просто се насетува дека преносот на телото на Михајлова од точка А во точка Б се одвивало во атмосфера на очекувана леснотија на бугарската страна – видлив е свечен дочек со црвен тепих и камери на граница како пренос на уште една победа на софиската политика после онаа кавалкада со останките на царот Самоил! Не јасно како телото на девојката одеднаш станало невидливо како во некои СФ филмови?! Ја нема во евиденцијата – вели нашиот министер за внатрешни. Од Кочани до границата дошле тројца. Двајца се регистриани а Михајлова била или во гепекот или поминала по некоја соседна ливада. Јавноста не ја прифаќа туку така приказната за исчезнување на телото меѓу две гранични рампи.

Впрочем, што претходеше на овој настан за тој да има таков „хепиенд“

за политиката на соседската надмоќ – најпрвион имаше пуштање од затвор. Имаме потоа заминување во куќен притвор, па фактичко ослободување. Бугарскиот амбасадор во Скопје, повикан во МНР вели на излегувањето од пиењето кафе кај нашиот министер дека „не го одобрува бегството како начин ама има разбирање за позицијата на Михајлова“. Но додава а тоа е клучно во целиот случај – Бугарија не ги предава своите граѓани во рацете на „туѓа правда“ иако е јасно дека таа е киднапирана од рацете на третата власт на соседот. И тоа од бугарски граѓани. Што е секако тежок меѓународен проблем, како и да се земе.

И додека семејството на Михајлови е сега на собир (мајката претходно заминува за Бугарија, сопругот да не е осамен) и ужива во светлата на пропагандниот шатор на источниот сосед.

Па добро – нам и поранешен премиер ни побегна на речиси идентичен начин само што место бугарски адвокати со него биле припадници на унгарската тајна полиција и што во тоа беа замешани чеитири влади за тој да се стигне до фаза на добивање на азил. Па нашата царина и полиција не усопеа да види пет тони дрога која што помина на една пијана Василица на граница со Србија. Претходните две тони исто таква дрога дури и не е регистрирана наша страна на границата иако министертот за внатрешни од преку плотот Дачиќ признава дека тоа се слулчило во август минатата година!

ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА СО ШИРОКО ОТВОРЕНИ ПРОЗОРЦИ Кочани е необично место кога се работи за чување на осомничени или осудени лица – нарко дилерот Цуната побега од прозор од полициска станица во овој град. И потоа стана невидлив за јавниот интерес а министерот за внатрешни тогаш не гостуваше да се брани во Сител. Тогаш како и кај преминот на марихуаната нашите органи беа невлидиви – по месеци истрага нашето обвинителство поднесе кривични пријави ама само против  шоферите во ланецот на трговијата со огромно количество опијати – никаде ги нема ниту цариниците а ниту полицајците. Па мајку му само еднаш годишно е Василица. За следната пијанка треба да почекаме, најпрвин во соседна Србија одново на изборите да победи нашиот омилен пријател, во меѓувреме ќе му испорачаме потребен број на гласови за негова победа. Побарувачката за стоката е најмала секирација.

Она што секако се гледа како и многупати до сега така и во случајот со Ива Михајлова е дека државата со оваа власт просто сака да ја остават на раат. А тоа што кај нас имаме можеби и 200 илјади потенцијални бегалци од правдата кои ако заминат во членката на Унијата – Бугарија и ќе станат најпрвин невидливи а потоа и неказнети, не треба да го нарушува владиниот теферич.

Filed Under: Македонија

ФЕНОМЕНОТ НА НЕВИДЛИВОСТ НА ЕДНА БЕГАЛКА ОД ПРАВДАТА
КИРЈАС: И БЕЗ ВЕТО, НE СМЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ
ТРИ ГОДИНИ ПОСЛЕ 7 ОКТОМВРИ: ИЗРАЕЛ СЕ СООЧУВА СО КРИЗА НА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ
НОВО ЧИТАЊЕ НА ХОМЕР: „ОДИСЕЈА“ КАКО ПОЛИТИЧКИ МИТ
НOБЕЛИТИС: МЕГАЛОМАНИЈАТА НА НЕКОИ ДОБИТНИЦИ НА НОБЕЛОВАТА НАГРАДА

Најново

  • ФЕНОМЕНОТ НА НЕВИДЛИВОСТ НА ЕДНА БЕГАЛКА ОД ПРАВДАТА
  • КИРЈАС: И БЕЗ ВЕТО, НE СМЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ
  • ТРИ ГОДИНИ ПОСЛЕ 7 ОКТОМВРИ: ИЗРАЕЛ СЕ СООЧУВА СО КРИЗА НА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet