Реч на Златко Теодосиевски на промоцијата на книгата „Ослободувањето од Македонија”
Во вакви прилики човек мора да биде искрен, па следствено ќе кажам дека поканата на г-дин Тричковски да бидам еден од промоторите на неговата најнова книга колумни – ме изненади. Пријатно, се разбира, и ми укажа несекојдневна чест. И ме фрли во мисла со што всушност ова сум го заслужил, односно што имаме заедничко со г-дин Тричковски? Немам членска карта од „Корзо“, со вискито одамна сум раскрстил, не го познавам ни Мајло …? А сепак, заедничка ни е онаа опасна алатка наречена Фејсбук – и, се разбира, општите ставови за нештата кај нас кои најчесто ни се поклопуваат. Некои – не, се разбира, што е добро. Но, во извесна смисла работите ми ги појасни и самиот Тричковски, неодамна, велејќи, повторно на оној Фејсбук, дека на 13 јануари, „излегува од ѓаволскиот број на годините што ги има – 66“, а и јас оваа година ќе му избегам на тој број, па можеби заедно ќе ја дочекаме онаа 2618 година, со трите шестки? Којзнае, ќе видиме.
И бидејќи веќе го спомнав Фејсбукот, а оваа книга е безмалу директно поврзана со него, ќе кажам дека фасцинацијата со и користењето на оваа социјална мрежа за пцуење и плукање кај нас достигнува неверојатни размери. А само замислете кога сите овие луѓе кои висат по Фејсбукот, некогаш и по цел ден, така здраво би се зафатиле со некоја сериозна работа? Каде би била оваа држава? Впрочем, тука и ја гледам ѓаволштината на оваа алатка односно нејзината субверзивност особено контра малите култури како нашава. А можеби тука прсти имаат замешано и големите сили, оние што континуирано заговорнички се против оваа држава? Зјапајќи во Фејсбуков не видовме дека и името ни го сменија!
Но, има разлика, и тоа голема, во висењето на Фејсбук и неговото освојување. Зашто, целодневното висење на таа конструктивно деструктивна социјална мрежа значи дека таа ве освоила вас, ве заробила, ве обвиткала со нејзината магија и ни глава не можете да кренете. А тоа не е за фалење. Од друга страна, малкумина се оние кои успеале во обратниот процес: да ја освојат, да ја заробат и, конечно, да ја контролираат Мрежата. Тричковски е еден од нив, еден од малкуте посветени на таа возвишена константна борба со неа, борба до поробување! Наш македонски Кијану Ривс во бој со „Матриксот“! Неговата контрола над Мрежата е константна, континуирана – целодневна (како замена за поимот секојдневна) зашто Тричковски не ја остава раат, не и’ дава да дише ни минутка, дури ни кога спие. Тој или Мрежата, сеедно. Искрите на неговиот цинизам и сарказам, на неговата љубов или омраза, на неговата луцидност и познавања, на неговиот вербален еквилибризам гарниран со по некоја сочна пцовка ја држат Мрежата нон-стоп под напон. Стратегиски и тактички ја држат под постојана опсада во стилот на протоглобалистичките источни походи на нашиот братучед Александар Македонски кон Персија и Индија. Просто, не знаете дали е во прашање љубов или омраза, односно што превладува. Зашто, во принцип, неговото мислење за Мрежата не е сјајно, напротив, а особено за Македонците на Мрежата. Во текстот „Фејсбукот е дрво за бесење на Македонците“, Тричковски вели: „Македонците на социјалните мрежи се како бомбаши самоубијци: шетаат од профил на профил и експлодираат од незадоволство со Македонија. Тоа се вика автотероризам: остварување невозможни политички цели, од невозможен културен материјал, во невозможни услови, со насилни средства против себе“. Ги користи војсководецот Тричковски сите дозволени и уште повеќе „недозволените“ борбени стредства во неговата епска битка за правото и правдата контра власта, која и да е’, контра неправдата, неморалот, криминалот и корупцијата. На мигови, неговата битка, како впрочем и на сите нас, потсетува и на залудноста на еден Дон Кихот, иако неговиот Мајло никако не би можел да го глуми Санчо Панса, ама омилената му Моника Белучи секако може да биде неговата Дулчинеја. Или, да парафразирам еден наслов од неговава книга: Мрежата може да преживее само ако умре!
И заради сето ова често си мислам: да беше Тричковски главниот наш преговарач во Преспанскиот процес на пример, со неговата упорност – да не кажам тврдоглавост – јужниот сосед одамна ќе капитулираше и ќе си го сменеше името во Јужна Македонија!
Книгава пред нас е резултат на тој негов освојувачки поход контра Мрежата, контра нашата глупост, провинцијализам, простотија, криминали од сите видови, клиентелизам и корупција на сите нивои. И таа е резултатот од само две години од неговата борба: 2016 – 2018 година. Тоа му доаѓа како некаква негова Седма офанзива контра „непријателот“, која што, како и другите, ќе стане задолжителна лекција во македонските учебници по социјална, културна, образовно-воспитна и секаква друга историја. Впрочем, имајќи предвид какви се’ идиотштини учат нашине деца од сегашните учебници пишувани од „елитните експерти“ на минатата криминална гарнитура, ова четиво ќе им дојде како Хаузер да седнал да напише нова социјална историја на македонската култура.
Некој можеби ќе ми приговори дека Тричковски најмалку пишува за културата, што не е точно. Секој збор на Тричковски говори за нашата (не)култура разбрана во нејзините најшироки рамки: политичката (не)култура, дипломатската (не)култура, јазичната (не)култура, образовната (не)култура, културната (не)култура … Барем јас така ги доживувам неговите текстови и коментари.
Да, знам дека сега би требал да посочам неколку цитати од текстовите на Тричковски во оваа книга. Ама нема тоа да го направам, ќе ве оставам самите да си читате и да уживате во изборот по личен ќеф. Но нема да пропуштам да посочам на нешто друго, на она што не е застапено во книгава, а тоа се оние негови куси коментари – мали литерарни минијатури, бисери на неговиот остар ум кои што секојдневно ги филуваат актуелните случувања со неизбежната Тричковска доза на комично-трагичен остен во нашата реалност. На пример, неколку за мене антологиски коментари, како оној (меѓу последните) наречен „Рамка за оставка“:
„Пред малку ми се јави Заев, целиот вознемирен, вика, Тричко, а, бе, овој Мицковски утре ќе бара да си поднесам оставка, што да правам со тоа барање, човеку, целиот сум во паника?!
Врамете го во „Грал“!
Така му реков, а тој ми одговори дека веднаш ќе ја прати Шеќеринска да одбере некоја убава рамка“.
Или, на пример, неговата препорака за изборот на консензуален претседател на Македонија, каде што вели:
„На кандидатите за претседател им се фрлаат крст и полумесечина во Вардар, па кој прв ќе го фати еден од двата симбола, тој станува консензуален кандидат!
Поштено, попоштено здравје!“.
И, се разбира, и оваа:
„Мицковски: оставка од Заев, техничка влада, парламентарни избори!
Келнерот: Дали е тоа се’, господине?!“.
И човек во вакви прилики и по ваков повод не може а да не внесе и полична нота. Гледајќи го застрашувачкиот формат на оваа книга од 641 страница, не можеш а да не се запрашаш: како овој човек успева сето тоа да го сработи? Спие ли некогаш, јаде ли, пие ли …? Звучи малку патетично? Можеби, ама ако само еден ден ги следите сите негови активности на оној Фејсбук, ќе видите дека во овие прашања нема нималку патетика!
И впрочем, си мислам: не треба ли можеби, барем во Македонијава, Фејсбуков да го прекрстиме во – Тричбук?