Констатирано несоодветно спроведени контроли при процесот на препишување и издавање лекови, пропусти при исплата на надоместоците за породилно отсуство, но и нереално прикажана состојба во дел од финансиските извештаи се само дел од пропустите во работењето на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) кои се утврдени со ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2021 година
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/02/fond-za-zdravstvo-1024x469.jpg)
Државниот ревизор утврдил пропусти и во постапката во која осигурените лица се упатуваат на лекување во странство, при што во целост не се обезбедила соодветна правна заштита на барателите, а не бил воспоставен ниту систем за контрола на успешноста на лечењето во странство
Несоодветно спроведени контроли при процесот на препишување и издавање лекови, пропусти при исплата на надоместоците за породилно отсуство, но и нереално прикажана состојба во дел од финансиските извештаи се само дел од пропустите во работењето на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) кои се утврдени со ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2021 година.
Во извештајот од ревизијата на финансиските извештаи на ФЗО, ревизорот изразил мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2021 година.
„Со ревизијата беше опфатено и спроведувањето на препораките дадени во конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2020 година, презентирано како прилог кон овој извештај, при што е констатирано дека три препораки се во тек на спроведување, три се делумно спроведени и девет препораки не се спроведени“,
се наведува во извештајот на ДЗР.
Како дел од неправилностите кои ги утврдил ДЗР во ФЗО, меѓу другите, се и несоодветно воспоставени или спроведени контроли при остварување на правата од здравственото осигурување, а несоодветно спроведување на контролите било утврдено во процесот на препишување и издавање лекови. Тоа, како што посочуваат од ДЗР, може да доведе до ризик од плаќање на лековите во вид и обем различен од реалниот.
Државниот ревизор утврдил пропусти и во постапката во која осигурените лица се упатуваат на лекување во странство, при што во целост не се обезбедила соодветна правна заштита на барателите, а не бил воспоставен ниту систем за контрола на успешноста на лечењето во странство.
„При одобрување и реализација на условниот надоместок во ЈЗУ кој се користи за набавка на лекови кои не се на листата на лекови утврдена од страна на Фондот, утврдени се недоследности во контролите кои треба да ги спроведува Фондот, што може да влијае на остварување на целта на условниот надоместок“,
се наведува, меѓу другото, во извештајот од спроведената ревизија во Фондот за здравствено осигурување.
Неправилности во работењето на ФЗО за 2021 година се утврдени и во исплатата на надоместоци за породилно отсуство, при што тие се исплаќале и во случај кога осигурениците добивале плата за ефективни часови на работа.
Слабости се утврдени и во функционирањето на ИТ-системот на Фондот, а дополнително, пропусти биле утврдени и во нерегулираниот имотно-правен статус на дел од објектите на ФЗО.
„Состојбата на дел од обврските во финансиските извештаи е нереално прикажана, а пописот на средствата, побарувањата и обврските е нецелосно спроведен“, се додава во ревизорскиот извештај на ДЗР за ФЗО.