На тендерот на Министерството за здравство за набавка на 22 амбулантни возила се пријавиле само двајца понудувачи, но со драматично различни понуди во цената. Поевтината била дисквалификувана, па де факто е избрана поскапата – истражување на „360 степени“
Фирмата што не ги исполнила барањата на тендерот на Здравство е, всушност, истата која неодамна победила на тендерот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, која купи 7 амбулантни возила и ги подари на скопската Итна помош. Возилата кои ги купи ЕУ и возилата кои сака да ги купи Здравство се разликуваат незначително во медицинската опрема, но разликата во цена е огромна
Помина еден месец откако Европската Унија донираше седум амбулантни возила на скопската Итна помош. Не е тајна дека беа добредојдени, бидејќи постојните се стари.
„Ова е партнерство. Кога помагаме, очекуваме и надлежните да испорачаат. И граѓаните го очекуваат тоа“,
изјави амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, на 7 февруари 2024 година.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, кој во име на ЕУ ги предаде возилата, не случајно одлучи да испрати и критика – дека донациите од Брисел во медицинска опрема честопати остануваат неупотребени.
Доби ветување дека возилата набрзо ќе се најдат на скопските улици.
На тендерот на ЕУ седум, на тендерот на Здравство само двајца понудувачи
Во периодот кога ЕУ ги набавуваше седумте возила за донација, тендер имаше и во Министерството за здравство – за набавка на други 22 амбулантни возила. Се уште не е објавено дека е потпишан договор, но тие секако ќе бидат платени со пари на македонските даночни обврзници.
Ако на тендерот на ЕУ имало седум пријавени фирми, од кои шест странски, на тендерот на здравство се пријавиле само две. И од тие две, понудата на едната компанија била отфрлена со што де факто бил направен изборот.
Набавката не би била во наш фокус, ако целиот случај и сите детали од него не стигнеа пред Комисијата за жалби по јавни набавки. Таа ја потврдила одлуката на Министерството, но независно од тоа, тендерот отвора дилеми.
Во крајна линија, од решението на Комисијата и информациите кои ги собравме дополнително, испаѓа дека дисквалификуваната фирма на тендерот на Министерството за здравство е најдобрата избрана на тендерот на Делегацијата на ЕУ. Што е последицата? Едно возило купено од Здравство ќе чини околу 90 илјади евра без ДДВ, додека оние што ги купи и донираше ЕУ, иако имаат незначително помалку медицинска опрема, чинеле драматично поевтино – околу 63 илјади евра по возило.
(Не)возможни димензии
Но, да одиме по ред. На 12 декември 2023 година, Министерството за здравство распишува оглас за јавна набавка на 22 амбулантни возила со надоградена медицинска опрема. Рокот за поднесување понуди е 5 јануари 2024 година, за кога е закажано и отворањето на понудите.
На 6 февруари е објавена одлуката за избор на најповолна понуда – онаа на Аутомобиле СК, овластен увозник на визила „фиат“ во земјава. На таквата одлука се жали единствената друга фирма која се јавила на тендерот – Еуроимпекс, овластен увозник на „пежо“ во земјава.
Клучен момент во жалбата на дисквалификуваната Еуроимпекс се димензиите на возилата. Во тендерската документација се бара возилото да биде со должина од најмалку 5410 мм, меѓуосовинско растојание од најмалку 3450 милиметри, ширина од најмалку 2000 мм и висина од најмалку 2530 милиметри.
Аутомобиле СК понудиле возило „фиат дукато“ со должина 5 413 мм, меѓуоскино растојание 3450 милиметри и висина од 2539 милиметри. Но, од Еуримпекс тврдат – возило со такви димензии не постои.
„Понудениот модел „фиат дукато“, кој има должина од 5413 мм, меѓуоскино растојание од 3450 мм и е презентиран во точка 1,8 од техничка спецификација на понудувачот Аутомобиле СК има висина од 2522 мм, а не 2539 мм, како што стои во нивната техничка спецификација. Висина од 2539 мм се однесува на моделот со должина од 6363 мм и меѓуоскино растојание од 4035 мм“,
пишува во Решение на Државната комисија за жалби по јавни набавки со број 8-224/24 од 28.2.2024
Ваквото тврдење Еуроимпекс го темели на два извора. Првенствено, во јавно достапните каталози за возилата „фиат дукато“, навистина, нема верзија која истовремено има должина од 5413 и висина од 2539 милиметри.
А тоа го знаат добро во Еуроимпекс, од едноставна причина што и „фиат дукато“ и возилото што тие го понудиле, „пежо боксер“, се едно исто возило, само со различна значка.
„Возилата „фиат дукато“, „пежо боксер“, „ситроен џампер“ и „опел мовано“ се произведуваат во Stellantis – SEVEL S.P.A фабрика за автомобили во Атеса, Италија… Двата модела „фиат дукато“ и „пежо боксер“ се разликуваат само во заштитниот знак поставен на предната хауба и во називот на моделот поставен на задната врата. Сите останати карактеристики се идентични: каросериска изведба, димензии на возилата, вградените мотори“,
одговорија од Еуроимпекс на прашањата на „360 степени“ по Решението на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Големата разлика покрај овие навидум ситни разлики во милиметрите е цената во евра.
ЕУ плати 63 000 евра, а Здравство ќе плати 90 000 за исто возило со речиси идентична опрема
На тендерот на ЕУ, на кој, потсетуваме, се барало незначително помалку медицинска опрема, Еуроимпекс бил избран за најдобар понудувач со цена од 63 400 евра без ДДВ по возило. На тендерот на Министерството за здравство, дисквалификуваниот Еуроимпекс понудил цена по возило од 70 570 евра без ДДВ. Понудата на единствениот преостанат понудувач на тендерот на Здравство, Аутмобиле СК, е значително повисоки 90 000 евра без ДДВ по возило.
Ако се земе предвид дека се купуваат 22 возила, тоа значи дека вкупната понуда на Еуроимпекс за тендерот на Министерството за здравство изнесувала 95 480 000 денари или 1 552 500 евра. Понудата на Аутомобиле СК, пак, изнесувала 122 026 146 денари или 1 984 165 евра. Интересна коинциденција е тоа што предвидениот буџет за набавката во Министерството за здравство го одредиле на 122 033 89Па, дисквалификуваните Еуроимпекс прашуваат:
„…Како Министерство за здравство… донесе Одлука за спроведување на јавна набавка… при што утврди дека за реализација на предметната набавка и се потребни 122.033.898 денари без ДДВ… и при тоа утврдиле и одлучиле на седница на Владата на Република Македонија, дека лошата состојба во јавните здравствени установи за укажување на брза помош ќе се подобри со набавка на количина од 22 амбулантни возила, наместо 28 возила кои реално би се набавиле согласно пазарните цени?“,
велат од Еуроимпекс.
Здравство: Евалуацијата е согласно документацијата
„360 степени“ се обрати со прашања и до Аутомобиле СК и до Министерството за здравство. Од Здравство одговорија:
„Договорниот орган ја спроведе евалуацијата согласно доставената документација од страна на економските оператори, врз основа на кои е утврдено дека понудата на компанијата АУТОМОБИЛЕ СК, во целост ги исполнува условите од тендерската документација“,
одговорија од Министерството за здравство на прашањата на „360 степени“.
Како аргумент дека направиле правилен избор, од Здравство подвлекуваат дека набавката поминала и управна контрола, а одлуката ја издржала и жалбата пред Комисијата за жалби по јавни набавки.
8 денари или 1 984 291 евра. Тоа е безмалку идентично со единствената понуда која на крај останала валидна.
Така, независно од аргументите на жалителот Еуроимпекс дека не постои возило со должина од 5413 милиметри и висина од 2539, од Министерството остануваат да го сметаат за релевантен документот на најдобриот понудувач Аутомобиле СК во кој пишува дека возилото кое го нудат е со бараните димензии.
На нашето прашање – дали висината на возилата, без светлата за ротација, ќе биде контролирана при техничкиот прием, од здравство велат:
„Договорениот орган во оваа, но и во секоја јавна набавка на стоки, секогаш во моментот на приемот на предметот на набавка, во присуство на Носителот на набавката, записнички констатира несоодветен квалитет, несоодветна форма или други отстапувања од барањето за испорака и понудата, со што се врши контрола на стоката која се испорачува и дали спецификациите на испорачаната стока соодветствуваат со наведените спецификации на стоката во доставената техничка понуда на избраниот понудувач“,
одговорија од Министерството за здравство.
Новите амбулантни возила, донација од ЕУ, кои чинат по 63 000 евра без ДДВ, веќе се на скопските улици. Така велат од Здравствениот дом Скопје.
Во моментов, не се знае кога на улица ќе се појават речиси идентичните возила купени од Министерството за здравство, кои чинат 90 000 без ДДВ по парче. Целата јавна набавка беше спроведена во време на претходниот министер за здравство, Фатмир Меџити, кого Собранието го разреши бидејќи остана верен на Арбен Таравари. Остана само потпис на договорот, за кој сега е надлежен новиот министер Илир Демири.
Од Еуроимпекс најавуваат дека битката ќе ја продолжат пред Управниот суд што, сепак, не го одложува спроведувањето на набавката. Еве вака се трошат нашите пари.