Во интервју за „Независен“, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговори на прашањето за можната соработка со партиите од албанскиот блок, со посебен акцент на ставот кон ДУИ. Пренесуваме дел од тоа интервју
Новинарот праша дали СДСМ би ја разгледала можноста за соработка со ДУИ или со други партии од албанскиот политички спектар, особено во контекст на коруптивната стигма и етничките тензии што ги носи политиката на ДУИ.
Филипче јасно ја отфрли можноста за поврзување со ДУИ и ја нагласи потребата од политики кои обединуваат, а не делат. „СДСМ никогаш повеќе нема да дозволи да биде ставен во истата рамка или да биде подреден на било која партија, особено не на ДУИ. Коруптивната стигма која со години ја носи оваа партија е нешто од што јасно и недвосмислено се дистанцираме. Нивната реторика и постојаното подигање на етнички тензии како алатка за политичко делување е неприфатлива и опасна. Таквите политики немаат место во нашето мултиетничко општество,“ изјави Филипче.
Тој ја обвини ДУИ за политички практики кои го спречуваат напредокот на Македонија. „ДУИ продолжува со овие практики, а ВМРО-ДПМНЕ само профитира и ја подгрева ситуацијата. Иако јавно ги осудуваат и тврдат дека се во конфликт, нивната неформална соработка е повеќе од очигледна. Претходните заеднички гласања во Собранието, како и мистериозното бегство на Артан Груби, за кое добивме смешни објаснувања од МВР, само ги потврдуваат сомнежите дека имаат задкулисни договори,“ рече тој.
Филипче истакна дека оваа соработка создава политичка нестабилност и ги нарушува меѓуетничките односи. „Последните настани, како инцидентите на Денот на албанското знаме, се директен резултат на ваквата политика на поделби и провокации. Ова не е патот што Македонија треба да го оди. Наместо да зборуваме за економски напредок, интеграција во ЕУ и подобар живот за граѓаните, постојано се враќаме на теми кои создаваат тензии и конфликт,“ додаде тој.
Во однос на идната соработка со албанските партии, Филипче подвлече дека ќе се базира на заеднички вредности и транспарентност. „СДСМ ќе работи со партии кои ги споделуваат нашите заложби за транспарентност, реформи и градење политики кои ги обединуваат граѓаните, а не ги делат. Нема да дозволиме етничките прашања да се користат како алатка за прикривање на корупцијата или неспособноста,“ – заклучи тој.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, тврди дека најголем дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ во кампањата останале само празни зборови. Во интервју за „Независен“ за тоа што ја очекува Македонија во 2025 година, Филипче вели дека кампањата на сега владејачката партија била базирана на лаги и дека граѓаните веќе почнувале да ја „чувствуваат тежината на тие лаги“. Тој нагласува дека досега не разговарал со премиерот Христијан Мицкоски за начинот како Македонија би излегла од ќор-сокакот околу уставните измени и дека е подготвен да разговара за тоа. Филипче одговара на прашањата зошто работниците на последните избори се оддалечија од СДСМ, за дистанцирањето на партијата од ДУИ, за политиките на Владата во изминативе седум месеци, за промените во СДСМ и тврди дека доминатната позиција на премиерот Мицкоски во политката ќе ја парализира демократијата во државава.
Што очекувате од 2025 година? Mинатата година беше тешка за СДСМ, по поразот избра и ново раководство. Дали проблемите оваа година ќе бидат поголеми за вашата партија или за државата?
– Посакувам 2025 да биде подобра година на секое поле. Што се однесува до владата, моите очекувања се скромни. 2024 беше година на застој и назадување на речиси сите полиња. Владата на ВМРО-ДПМНЕ не само што не ги исполни своите ветувања, туку покажа целосна неспособност да ги адресира клучните предизвици со кои се соочуваат граѓаните.
На економски план, 2024 година беше обележана со целосно неконтролирани зголемувања на цените во маркетите, што претставуваше силен удар врз финансиите на граѓаните. Наместо да реагира и да ја заштити куповната моќ на македонските семејства, Владата дозволи овој „грабеж“ да се одвива пред нејзините очи и тоа со целосна поддршка и пасивност на премиерот Христијан Мицкоски. Се проценува дека десетици милиони евра се одлеани од џебовите на граѓаните во интерес на големите трговски синџири.
Наместо економска стабилност и подобрување на животниот стандард, граѓаните добија стагнација на платите, зголемување на трошоците за живот и длабока економска несигурност. Ова е јасен показател за неспособноста на Владата да управува со економијата во интересна граѓаните, туку со своите политики служи на интересите на малцинството – на бизнисите кои профитираат на штета на обичните граѓани. Платите, кои постојано растеа седум години по ред, сега застанаа, а разликата меѓу приходите и трошоците на граѓаните никогаш не била поголема.
Во останатите области, сликата е исто така е лоша. ВМРО-ДПМНЕ која дојде на власт со големи ветувања за деполитизација и департизација, во пракса спроведува сурова окупација на институциите. Наместо компетентност, на чело на клучни институции гледаме партиски кадри, братучеди и блиски роднини. „Мерит системот“ на Мицкоски е всушност партиска книшка како главна квалификација за било какво вработување. Во здравството и образованието, состојбата е исто така алармантна.
На крајот од годината, јасно е дека најголем дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ останаа само празни зборови. Кампањата што ја водеа беше базирана на лаги, и граѓаните веќе почнуваат да ја чувствуваат тежината на тие лаги. Ако Владата продолжи со истите политики во 2025 година, состојбата само ќе се влоши.
Што се однесува до СДСМ, минатата година беше година на големи промени. Поразот на изборите беше аларм дека мора да се смениме – и тоа го направивме. Консолидирањето на партијата, кое го завршивме во декември, беше првиот чекор. Сега СДСМ започнува офанзива за враќање на довербата кај граѓаните.
Пред нас е важен период во кој ќе работиме напорно за да покажеме дека сме подготвени за вистински промени. За мене, најважно е да го промениме начинот на комуникација со граѓаните. Ќе бидеме присутни, ќе слушаме и ќе работиме за нив и верувам дека резултатите ќе дојдат.
Некои поранешни партиски функционери изразуваат големо незадоволство од состојбите во СДСМ. Колку тоа влијае во партијата?
– Во изминатиот период најголем дел од мојата енергија и време ги посветив на лични разговори со сите поранешни партиски функционери, членови и луѓе кои некогаш биле важен дел од СДСМ. Партијата е најсилна кога сите сме обединети и работиме заедно за заедничка цел. Токму затоа разговарам со сите за да најдам начин за соработка – не заради мене, туку заради доброто на СДСМ и граѓаните кои ја поддржуваат нашата визија.
На сите им е подадена рака и е отворена вратата за дијалог и соработка. Драго ми е што мнозинството од поранешните функционери ја прифатија оваа иницијатива и сега работиме заедно на зајакнување на партијата. Имам исклучително добра соработка со многумина и тие докажуваат дека личниот интерес не е поважен од доброто на партијата.
За жал, има мал број поранешни функционери кои одлучиле да стојат настрана. Некои од нив се надеваат дека СДСМ ќе оствари лош резултат на локалните избори, па тие ќе можат политички да профитираат или да бараат одговорност од актуелното раководство. Овој пристап е нечесен, нефер и пред сè штетен – не за мене или раководството, туку за партијата и сите граѓани кои ја поддржуваат СДСМ.
Оние кои решиле да не помогнат во најтешките моменти и да стојат настрана заради свои лични калкулации, прават голема грешка. Одговорноста за евентуалните последици нема да падне на оние кои работат и се борат за успехот на СДСМ, туку токму на оние кои одлучиле да ја поткопуваат партијата од внатре.
Мојот повик останува ист, заедно сме посилни и само преку единство можеме да го вратиме СДСМ на врвот. Сите кои искрено сакаат да придонесат се добредојдени, а времето ќе покаже кој бил посветен на интересите на партијата, а кој на своите лични амбиции.
Резултатите од последните избори покажаа дека СДСМ изгуби два големи сегменти од избирачите – работниците и луѓето од ниската и стандардната средна класа. Минималната плата беше значајно зголемена, просечната плата растеше со стапки непознати последниве 15-ина години, недела беше озаконета како неработен ден… Па, сепак, работниците во најголем дел не гласаа за СДСМ. Разбравте ли зошто партијата отиде во празен од во однос на работниците?
– Не треба да заборавиме дека СДСМ ја водеше државата низ еден од најтешките економски периоди во модерната историја, кога економиите низ целиот свет се соочуваа со криза и колапс. Во такви услови, успеавме да го заштитиме стандардот на граѓаните со искрени и одговорни политики кои беа насочени и кон работниците, но и кон компаниите. Зачувавме десетици илјади работни места и покажавме дека нашата главна цел е секој граѓанин да биде економски заштитен.
Од денешна перспектива, станува јасно колку нашите политики беа суштински различни од сегашните на ВМРО-ДПМНЕ и верувам дека дури сега граѓаните ќе препознаат колку сме вложиле во нивниот стандард. Нашите мерки беа насочени кон граѓаните, додека политиките на ВМРО-ДПМНЕ се целосно насочени кон богатење на елитите. Едноставно е неверојатно дека денес, кога сите големи економски кризи се зад нас, Владата на ВМРО-ДПМНЕ на „чист економски терен“ спроведува политики што буквално ги осиромашуваат граѓаните.
За жал, СДСМ можеби не успеа доволно да го комуницира концептот на системски раст на платите и пензиите што го воспоставивме. Седум години работевме на создавање модел на деполитизиран и одржлив економски раст преку јасна методологија. Тоа значеше дека платите, пензиите и социјалната помош ќе растат независно од тоа кој е на власт. Ова беше вистинска реформа, вистинска деполитизација.
И што направи Мицкоски? Едноставно го уништи тој систем. Наместо одржлив раст заснован на јасни правила, сега се враќаме на праксата на изборно купување гласови. Пензии и плати ќе се покачуваат само кога ќе му биде политички удобно, без никаква методологија или систем. Тоа го направи со пензиите, и тоа ќе го прави со платите. Ова е клучното економско назадување што го видовме во овие седум месеци.
(поголемиот дел од интервјуто можете да го прочитате на https://nezavisen.mk/vmro-dpmne-raboti-na-bogatenje-na-elitite-intervju-so-venko-filipche/)