Иако доби грст на престижни награди на многу фестивали ова дело не влезе меѓу 15-те номинирани во категоријата на странски филмови
Откако во ноември од Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) соопштија дека филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ќе биде нашиот кандидат за „Оскар“ во категоријата за најдобар долгометражен филм за 2021 година, филмот, сепак, не се најде на официјалната листа објавена од Академијата за филмски уметности и науки (АМПАС).
Од академијата соопштуваат филмови од 93 земји биле квалификувани во категоријата – најмногу во историјата на Оскарите од кои само петнаесет филмови ќе се пласираат во следниот круг на гласање во категоријата меѓународни играни филмови.
Еве ги филмови кои се во оваа конкуренција:
„Another Round“ (Данска) во режија на Томас Винтерберг
„Better Days“ (Хонг Конг) во режија на Дерек Цанг
„Charlatan“ (Чешка) во режија на Агњешка Холанд
„Collective“ (Романија) во режија на Александар Нанау
„Dear Comrades!“ (Русија) во режија на Андреј Кончаловски
„I’m no Longer Here“ (Мексико) во режија на Фернандо Фриас
„Hope“ (Норвешка) во режија на Марија Содал
„La Llorona“ (Гватемала) во режија на Хајро Бустаманте
„The Mole Agent“ (Чиле) во режија на Маите Алберди
„Night of the Kings“ (Брегот на Слоновата коска) во режија на Филип Лакот
„Quo Vadis, Aida?“ (Босна и Херцеговина) во режија на Јасмила Жбаниќ
„Sun Children“ (Иран) во режија на Маџид Маџиди
„Two of Us“ (Франција) во режија на Филипо Менегети
„A Sun“ (Тајван) во режија на Чунг Монг-хонг
„The Man Who Sold His Skin“ (Тунис) во режија на Каутер Бен Ханија
Инаку, филмот освои многу награди. На пример делото на Милчо Манчевски ја доби наградата Најдобар филм на фестивалот во Синеквест, Калифорнија. Ова е главната награда на Синеквест што ја доделува меѓународно жири, а „Врба“ е претставен како „филм што нема да го заборавите“. Ова воедно беше тогаш и американската премиера на филмот.
Успехот на „Врба“ е многу значаен за претставувањето пред американската публика, затоа што Синеквест е еден од најголемите и најреномираните независни фестивали на американскиот континент, а се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската долина, седиште на најголемите технолошки гиганти како Фејсбук, Епл, Твитер, Нетликс, Зум, Линкедин.
Овогодишното јубилејно 30-то издание на фестивалот место во март, поради пандемијата се одржа онлајн од 1 до 14 октомври, со програма од 154 филмови од САД и светот, учествуваа вкупно 950 артисти, а се одржаа и 95 специјални настани поврзани со филмската работа. Фестивалската програма за кратки и анимирани филмови се квалификува и за Оскар.
Потоа „Врба“ ја имаше и шпанската премиера во конкуренцијата за награди на фестивалот во Валенсија. Впрочем, „Врба“ доживеа големи интернационални успеси: Во септември беше избран во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како Европски Оскар, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм Рејнденс во Лондон.
Ова е втор пат филм од Манчевски да влезе во селекцијата за европските филмски награди, откако во 2011 година селектиран беше и неговиот „Мајки“.
„Врба“, шестиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски, го започна своето патување со светска премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше забележан со исклучително позитивни критики. По македонската премиера, филмот играше в кино два и пол месеци и ги сруши рекордите на гледаност. „Врба“ беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, Синеквест во Калифорнија, Софија, Истанбул, Клуж-Напока, Сараево, Пекинг.
Најпознатото филмско списание на светот „Варајати“ објави извонредна рецензија за „Врба“: Суптилен, длабок портрет на мајчинството по кое се копнее, помножен со три“, во која меѓу другото се вели: „Три приказни за македонско мајчинство одекнуваат низ вековите во моќната, евокативна и прекрасно одглумена драма на Милчо Манчевски“. Дали знаеш како вистински да сакаш? Приказна стара колку времето, е љубовта на мајката кон детето – пишува во една рецензија.. Наративната плетенка од една врба и три жени, Донка (Сара Климовска), Родна (Наталија Теодосиева) и Катерина (Камка Тоциновски) ја плете нивната тешко остварлива желба да имаат принова. Манчевски ја започнува својата приказна во средновековен период, кога Донка ќе биде приморана да замине. Таа пет години спасот за проколната утроба ја бара насекаде. Критиката посочува тука на користењето на дијалект, па така гледачите имаат можност подиректно да го доживеат македонскиот архаичен јазик полн со народни умотворби, баења, клетви и магии. Делото било снимано низ пејсажите на мариовски села Штавица, Дуње и Зович, Трескавец и Преспанскиот Регион.