НИКИЦА КОРУБИН
Дали филхармонијата во случајот со новоформираната национална установа „Оркестар за џез музика” се третира само како зграда, каде што тој треба да биде времено сместен? Всушност, целата јавна дебата „виси во воздух” и се сведува на допадливост или не за еден музички жанр
Пред неколку години Донка Барџиева Трајковска, имаше извонреден текст со наслов „Музејот не е зграда”, во која ја допре сржта на опсесијата со појавноста и фасадата на сметка на суштината на институција каква што треба да биде еден музеј, реферирајќи се на некои објекти на проектот „Скопје 2014″. И тоа ми е првата асоцијација деновиве, ако се следи случајната и намерна преписка околу формирањето на една (од низата) нови национални установи, која предизвика најголемо внимание. Па, оттаму насловот е „позајмен”, затоа што конотацијата е слична: дали филхармонијата во случајот со новоформираната национална установа „Оркестар за џез музика” се третира само како зграда, каде што тој треба да биде времено сместен?
Всушност, целата јавна дебата „виси во воздух” и се сведува на допадливост или не за еден музички жанр, или блискост или не со членовите на конкретен музички ансамбл. И тоа ја прави прилично субјективна. А, за нејзината субјективност, најголем виновник е самото Министерство за култура, кое не само што не ја образложи одлуката за формирање на нова национална установа, согласно законот по кој постапува, Законот за култура; како што не ги образложи одлуките и на другите четири национални установи; туку ја донесе во ад хок манир на индивидуално решавање на социјален, а не само уметнички статус. Затоа што, во спротивно, ќе треба да ја информира јавноста, согласно кој стратешки документ или било каков план, е формирана оваа и било која друга национална установа?
Согласно актуелниот, стар закон за култура, бидејќи новиот „исчезна” и од собранието и од самото министерство; Министерството за култура се грижи за националниот интерес во културата. И тоа го прави преку неколку чекори, последователно поврзани еден со друг, во низа, кои функционираат како една целина, а не како изолирани случаи. Па, така најпрво:
– согласно член 9, заради остварување на националниот интерес собранието донесува национална стратегија, за период од 4 години, по која министерството постапува;
– во согласност со таа стратегија, според член 61 Министерството донесува годишен план за остварување на националниот интерес;
– па, според тоа и финансирањето на националниот интерес, односно годишниот конкурс, е во согласност со годишниот план, кој нели е во согласност со националната стратегија;
– за на крајот, според член 24 кога се основаат нови национални установи, кои треба да го остваруваат националниот интерес, тие да бидат во согласност на линија: национална стратегија-годишен план-годишно финансирање на национални установи, но и на други невладини корисници.
И целиот овој „муабет” паѓа во вода, кога се знае дека нова национална стратегија собранието нема донесено, откога целосно беше игнорирана претходната национална стратегија 2018-2022 година, каде имаше сосема други приоритети и пристап кон целиот сектор култура, ревизија и реформа пред било што друго.
Врз основа на што тогаш Министерството за култура и последователно владата, ја донеле одлуката за формирање на оваа и другите четири национални установи? Имаат ли сите „седиште”, законска обврска, кој се јави како главен (појавен) проблем, иако има уште многу други непоставени и неодговорени прашања?
Затоа што по оваа логика, без јасна, законски определена и обврзувачка процедура, има и многу други профили на културна дејност, индивидуални судбини, и потребни институции, кои треба да бидат „згрижени”, кои со непоткрепени одлуки се де-факто дискриминирани, затоа што секој има свои потреби и желби, како се мери чии се поважни?
Всушност сето ова има „вкус на популизам”, односно „мириса” на класично партократско инстант решавање на проблемите, која државата ја гледа од својата партиска визура, во која таа одлучува, дека на пример проблемот со националната МРТ ќе остане нерешен, како и состојбата со Агенцијата за аудиовизуелните и медиумски услуги. Па, така во тој „пазар” проблемите останаа „да висат”, па мора да се бајпасираат, меѓу кои очигледно спаѓа и џез оркестарот, со тоа што „социјално” ќе биде вклопен во надлежност на Министерството за култура. Без било каква грижа за последиците.
И затоа главното прашање на кое треба да се даде одговор е врз основа на што се носат одлуките, а кога тоа ќе се одговори, ќе го добиеме и одговорот зошто Филхармонијата е сведена само на зграда?