Европската Унија не треба да се откаже од Балканот, а неисполнетите ветувања за членство би можеле да ги ослабат умерените и реформски струи во регионот, пишува „Фајненшал Тајмс“.
Европската унија е опасно блиску да направи уште една историска грешка на Балканот, пишува уште вестникот. „Владите на членките на ЕУ треба да донесат одлука на самит во јуни дали ќе одобрат отворање на преговори за членство со Албанија и Северна Македонија. Одлуката треба да биде донесена едногласно за да биде спроведена. Неколку влади, меѓу кои на чело се Франција и Холандија, покажуваат неволност кон следната фаза од проширувањето на ЕУ. Тоа го прават, во голема мера, за да се заштитат себеси од критиките на противниците во нивните земји“.
Франција бара од ЕУ да се фокусира на внатрешни реформи и на зајакнување на еврозоната и притоа да избегне чекори кои би можеле да ја зголемат поддршката во Европа на десничарите и на популисите кои се борат против естаблишменот. Но, доколку противниците успеат во нивните намери, тогаш се јавува ризик за поттикнување на тензии за кои ЕУ вели дека сака да ги држи на страна на Балканот.
„Овој аргумент е особено изразен во Северна Македонија. Премиерот Зоран Заев и неговите колеги го отфрлија ултранационализмот на нивните претходници. Покажаа огромна храброст за да најдат решение за спорот во врска со името на земјата, кој ги отежнуваше односите со соседна Грција уште од почетокот на деведесеттите. На Балканот, кој има озлогласена репутација уште од времето пред Првата светска војна поради тешките етнички, верски и територијални спорови, решението претставува навистина редок пример на разумен компромис, кој бил направен по мирен пат“.