Сана Марин, 36-годишната премиерка на Финска, ја предводи владината коалиција од пет политички партии – сите предводени од жени и речиси сите на возраст од 30 години. Тоа е нација во голема мерка управувана од жени.
НАОМИ И МИРИЈАМ НОРИЈАМА
Ова е кулминација на националниот притисок за родова еднаквост што започна уште пред независноста на Финска во 1917 година. Во 1906 година Финска, тогаш војводство на Русија, беше првата земја што им даде на жените целосни политички права и да гласаат и да се кандидираат за функцијата. Една година подоцна 19. жени избрани во финскиот парламент беа првите парламентарки во светот.
Денес, приближно половина од законодавните и министерските позиции во нацијата им припаѓаат на жени. Навистина, Финска може да се гордее со овој Меѓународен ден на жената, рангирана е на второто место во минатогодишниот извештај на Светскиот економски форум „Глобалниот родовиот јаз“, веднаш зад Исланд. Во истиот извештај САД и Јапонија се најдоа на 30. и 120. место, од вкупно 156 земји.
Во Финска најдовме жестоко егалитарно и скромно општество кое е сосема спротивно од она на што бевме навикнати во САД. Учениците учат преку игра и истражување, уживаат во повеќекратни дневни одмори на отворено и имаат високо почитувани наставници и прилично финансирани јавни училишта. Родителското отсуство е великодушно, државните болници се од прва класа, а целосното учество на жените во политичкото раководство и многу професии е прифатено како рутина.
Откривме дека родовиот напредок во Финска е една од најинспиративните карактеристики на оваа нација и сакавме да откриеме како се случи тоа. Така, ја прашавме лидерката што беше прогласена за најинспиративна жена во анкетата од 2021 година на јавниот радиодифузен сервис: 77-годишна баба која игра кошарка, сака мачки, по име Тарја Халонен, која служеше како прва жена претседател на нацијата од 2000 до 2012 година.
– Финска е мала нација – ни објасни минатата година поранешната претседателка Халонен од нејзиниот дом во работничката област на Хелсинки, каде што пораснала.
– 700 години бевме дел од нашиот западен сосед (Шведска). Тогаш шведскиот крал започна војна против Русија и ја загуби. Потоа бевме 100 години дел од Русија – за среќа како автономен дел. Сега независноста трае нешто повеќе од 100 години. За тоа време имавме една граѓанска војна и две војни и многу тешкотии – вели таа.
– Научивме да бидеме многу независни, тврдоглави и вредни. Можеби некако ни беше полесно да сфатиме дека на требаат и мажи и жени за општеството да функционира 100 отсто. Овде на север (од Земјината топка) имаме долга традиција на силни жени во општеството. Жените мора да бидат силни за да преживеат и за да им помогнат на своите семејства и на своите сограѓани – вели Халонен.
Родовиот напредок во Финска беше создаден од женските и работничките организации и од многу просветлени жени и мажи. Еден таков пионер беше Мина Силанпа, детски работник и слугинка која беше избрана во парламентот во 1907 година и служеше таму 38 години.
Таа стана првиот член на владата во 1926 година и го водеше националното здружение на службеници и работници во домаќинството 50 години. Мина помогна да се започне организацијата на засолништа за самохрани жени и нивните деца и се бореше за подобрување на животот на постарите и обесправените.
Еднаквоста е таа што е културно вградена во нацијата. Халонен објаснува дека ова се случува во основните социјални услуги, како што се здравствената заштита и висококвалитетното образование, кои им се нудат на сите граѓани како суштинска основа за родова еднаквост во едно општество.
Тоа не значи дека Финска нема социјални проблеми, вклучувајќи алкохолизам и сексуално вознемирување. Во Финска има семејно насилство, при што 23 отсто од жените на возраст од 15 до 49 години доживеале насилство од интимниот партнер во текот на нивниот живот, според податоците на Обединетите нации. За споредба, 26 отсто од жените во САД доживеале насилство од партнерот, 24 отсто во Обединетото Кралство, 22 отсто во Франција, 21 отсто во Шведска, 16 отсто во Италија и 15 отсто во Шпанија.
Но, Финска е еден од светските лидери во стремежот да постигне подобар живот за сите нејзини граѓани. Нејзините јавни услуги и училишта се меѓу најдобрите на светот.
Силното учество на жените во одлучувањето помогна да се изгради нација која е рангирана на прво место меѓу 193 нации во светот во одржливиот развој, според извештајот на Обединетите нации од 2021 година, кој покажа дека Финска ги постигнала или речиси ги постигнала целите на ОН за подобрување на здравјето и образованието, вода, енергија и мир, ублажување на сиромаштијата и намалување на нееднаквоста.
Финска е просперитетна економија на слободен пазар која може да се пофали и со најдоброто деловно опкружување во светот и со најсилното владеење на правото, според Глобалниот индекс на иновации за 2021 година.
– Целосното и еднакво учество на жените во општеството го овозможи развојот на Финска – изјави премиерката Марин во говорот на минатогодишниот Форум за еднаквост на генерациите.
– Пред сто години Финска беше сиромашно и разорено општество. Не беше можно да го игнорираме потенцијалот на половина од нашето население – додаде таа.
Колку повеќе зборуваме со Финците, толку повеќе ја нагласуваат идејата за партнерство меѓу жените и мажите наместо конкуренција на „жени наспроти мажи“. Често слушаме за колективната желба да се грижат за секој член на општеството.
Автор: Наоми и Вилијам Моријама