ФАТМИР БЕСИМИ
Стабилни финансии, одговорна локална самоуправа, подобри услуги за граѓаните – реформа за унапредување на фискалната децентрализација. Повеќе пари и нови фондови за распределба на средствата за општините
МФ во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. Реформата која се состои од три столба: (1) зголемување на фискалниот капацитет на општините и зголемување на приходите на општините; (2) зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење и (3) зголемена транспарентност и отчетност, ја преточивме во законско решение кое веќе ја помина владината процедура. Активностите предвидени со Предлог-законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, се во насока на обезбедување дополнителна демократизација на општеството, поефикасно и поекономично обезбедување и испорачување на услугите, но и засилен локален развој.
Градењето добро поставен систем на јавни финансии е обемен процес, којшто се состои од повеќе сегменти, меѓу кои е и фискалната децентрализација и е основа за одржлив економски систем. Унапредувањето на фискалната децентрализација е во целосна согласност и со Европската повелба за локална самоуправа на Советот на Европа (1985) која е прифатена со Декларација и ратификувана и во нашето Собрание во 1997 година.
Локалните власти се најблиску до граѓаните и пренесувањето повеќе надлежности на локално ниво и обезбедување повеќе средства е придонес кон функционални општини и кон поефикасно извршување на услугите. Тие се грижат за многу важни области кои директно влијаат врз животот на граѓаните. Надлежни се за образование, социјална заштита, заштита на животната средина, комунални услуги, спорт и рекреација, противпожарна заштита…, и затоа е важно да имаат стабилни финансии.
Податоците упатуваат дека од 2005 година до 2019 година средствата за општините се зголемени од 5,9 милијарди денари на 37 милијарди денари. Општините сега согласно закон добиваат 2,8 милијарди денари преку дотација од ДДВ и данокот на личен доход, а со реформата предвидени се овие средства да се искачат на износ од 5,2 милијарди денари во 2024 година. Тоа се постигнува со зголемување на сегашните 3% предвидени приходи за општините од данокот на личен доход на 6% и стапката на дотација од ДДВ од 4,5 % на 6 %, кои ќе се применуваат од 2024 година. До 2024 година предвидено е постепено зголемување на приходите од личниот данок на доход. Така што процентот за 2022 година ќе изнесува 4%, за 2023 година 5% и ќе достигне 6 % во 2024 година. Овој приход општините го добиваат од приходот од данок на личен доход од плати од физички лица наплатен во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште. Исто така, преодно зголемување ќе има и кај стапката на дотација од ДДВ така што таа во 2022 година ќе изнесува 5% и во 2023 година 5,5%.
Средствата од дополнителното зголемување на процентот на ДДВ за општините ќе се распределуваат во два нови фонда – Фонд за перформанси (успешност) и Фонд за изедначување.
Фондот за перформанси ќе ги награди општините што имаат подобра наплата на локалните приходи, додека Фондот за изедначување ќе делува во насока на намалување на разликите согласно фискалниот капацитет на општините. Имено, општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи ќе добијат повеќе средства од Фондот за перформанси, а од Фондот за изедначување општините коишто имаат пониски приходи поради ограничен капацитет на ресурси, но истите покажале фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи. Притоа, во Основниот фонд за распределба на средствата од ДДВ ќе се зголеми критериумот по глава на жител од 65% на 80%, имајќи го предвид фактот дека во приходите од ДДВ придонесуваат граѓаните преку потрошувачката, а исто така бројот на жители е релевантен индикатор за утврдување на потребата од јавни услуги што општините треба да ги обезбедат за своите граѓани.
Во Фондот за перформанси и Фондот за изедначување од 2024 година ќе се распределуваат по 0,75 % од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година, а 4,5% ќе одат во Основниот фонд.
Во наредната 2022 година, откако ќе почне постепеното зголемување на средствата предвидени за општините, во Основниот фонд и Фондот за изедначување ќе се распределат по 0,25%, соодветно, додека во Основниот фонд 4,5%. Наредната 2023 година кога приходите од ДДВ се искачуваат на 5,5 % од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година во Фондот за перформанси и Фондот за изедначување ќе се распределат по 0,5 %, соодветно, додека во основниот 4,5%.
Со реформата покрај подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините ќе се дејствува и во насока на подобрување на ефикасноста на администрацијата и кон изнаоѓање нови локални приходи според најдобрите практики од ЕУ за квалитет на услугите и подобрување на критериумите за распределба на доделените средства за пренесените надлежности.