ФАТМИР БЕСИМИ
Ја затворивме финансиската конструкција за Буџетот за 2022 година, додека во следните седум дена Министерството за финансии ќе го поднесе предлог-буџетот за следната, 2023 година, до Владата. Оттаму, ова е вистинско време да се зборува на овие теми
Во 2020 година, како резултат на ефектите од ковид-19 пандемијата, светот го забележа најголемиот едногодишен пораст на долгот од Втората светска војна наваму. Според податоците на ММФ глобалниот долг (приватен и јавен) порасна за 28 процентни поени на 256 отсто од светскиот БДП, во 2020 година. Значаен дел од ова зголемување е поради јавниот долг. Глобалниот јавен долг порасна на дотогаш највисоки 99 отсто од БДП, односно во 2020 година се зголеми за 19 процентни поени од БДП. За една година за време на пандемијата, јавниот долг е покачен како за две години за време на глобалната финансиска криза (2008 и 2009 година). Сепак, растот на јавниот долг беше оправдан, со цел да се заштитат животите на луѓето, зачуваат работните места и избегне бранот на затворање на бизниси. Доколку владите не преземеа мерки за време на ковид-19 кризата, социјалните и економските последици ќе беа поразителни.
ШТЕДЕЊЕ И ЕКОНОМСКИ РАСТ Прекумерниот долг ги засилува ранливостите на економиите. Сега, кога светот се соочува со нова криза, во која цената на капиталот станува сѐ повисока, потребата од фискална консолидација е поголема од кога и да било, особено за земјите во развој кои имаат ограничен фискален простор. Фискалната консолидација значи конкретни политики насочени кон намалување на буџетскиот дефицит и долгот. Kога се говори за план за фискална консолидација, се мисли за мерки кои се однесуваат на намалување јазот помеѓу приходите и расходите, преку кратење на расходите и/или зголемување на наплатата на приходите. Буџетскиот дефицит може да се намали и преку засилен економски раст, кој ќе придонесе кон поголеми приходи во буџетот и помалку расходи (на пример, помалку трошоци за социјална грижа, како резултат на намалување на стапката на невработеност).
Помеѓу економистите отсекогаш постоела дискусија за ефектите од фискалната консолидација – за интервенциите на расходната и приходната страна, како и динамиката и соодветното време за спроведување на истата. Кејнзијански ориентираните критичари сметаат дека штедењето може да има големи негативни последици, особено врз краткорочниот раст, бидејќи првично води кон негативни ефекти на домашната побарувачка. Сосема спротивна перспектива има хипотезата за експанзивна фискална контракција (на пр., Giavazzi and Pagano, 1990), која вели дека со остро кратење на владините трошоци ќе се зајакне приватната потрошувачка, како резултат на намаленото владино трошење и позитивни очекувања од аспект на даночната политика во иднина. Односно, Паметна (Smart) фискална консолидација се смета кога просечниот реален раст на економијата во годината на усогласување и во следните две години е повисок отколку што бил две години пред консолидацијата.
Во услови на енергетска криза и инфлација во која се наоѓа Европа денес, а со тоа и ние, фискалната консолидација е правиот одговор во смисла на контролирање на побарувачката со цел да не се предизвика инфлаторна спирала со натамошно зголемување на очекувањата за раст на цени, а со тоа и затегнување на монетарната политика, која ќе значи повисоки каматни стапки и забавување на економскиот раст.
КОНЦЕПТОТ НА СМАРТ ФИНАНСИСКА КОНСОЛИДАЦИЈА Во време кога глобалната економска активност забавува, а истовремено инфлацијата е на децениски највисоко ниво и централните банки ги покачуваат основните каматни стапки, при спроведувањето на фискалната консолидација мора да се земат предвид сите фактори. Паметната фискална консолидација идентификува мерки кои го поттикнуваат растот, или барем помалку влијаат на негово забавување. Како што посочив и погоре, напредокот во намалување на буџетскиот дефицит и државниот долг е под директно влијание на растот на БДП, бидејќи тие се изразуваат како процент од бруто-домашниот производ. Исто така, економскиот раст може да придонесе за консолидација преку зголемување на државните приходи. СМАРТ фискална консолидацијата претпочита кредибилни детални среднорочни програми, како и програми кои би се активирале во случај на влошување на состојбите, како и широк процес на реформи, вклучително и структурни реформи за подобрување на конкурентноста и потенцијалот за раст. Таа вклучува и подобрување на ефикасноста на владините расходи, како и на даночниот систем.
Јавните расходи може да се поделат на јавни инвестиции, тековни и социјални расходи. Консолидацијата не значи само кратење на трошоците, туку и насочување на средствата кон вистински цели кои ќе го поттикнат економскиот раст. Така на пример, субвенциите кон областите кои ќе дадат додадена вредност, се трошоци кои ја поддржуваат консолидацијата. Акцент се става на инвестициите во човечкиот капитал, образованието, а во поново време и на дигитализацијата. Дополнително, кратењето на расходите не мора да значи и кратење на јавните инвестиции, доколку се изнајдат нови начини на финансирање кои нема да го оптоварат буџетот.
СМАРТ консолидацијата е претпазлива во однос на висината на даночните стапки, бидејќи тие може да го забавуваат растот. Наместо тоа, пристапот кој се предлага е проширување на даночната основа преку укинување на ослободувањата кои најчесто се однесуваат на субјекти со високи приходи.
За да биде фискалната консолидација ефективна и за да го поддржи економскиот раст, од клучно значење е динамиката и миксот на мерки кои ќе бидат применети. Соодветната пропорција помеѓу намалувањето на расходите и даночните реформи е едно од клучните прашања во СМАРТ фискална консолидацијата. Исто така, динамиката на консолидацијата е важна. Во литературата e познат концепт на поагресивна консолидација (front-loaded) каде 50% од кратењето на буџетскиот дефицит е во првата половина од предвидениот период, и постепено фискално прилагодување (back-loaded). Кој пристап ќе се примени зависи од специфичноста на економијата и нејзината структура, но постепениот пристап е препознаен во економската литература како поодржлив.
( во следните продолженија ќе објавиме две други теми на министерот за финансии)