Макрон зборуваше за потребата да се сменат правилата во ЕУ, да биде полесно да се владее во ЕУ. А потоа треба да им објасниме на нашите граѓани дека проширувањето не е добротворна акција, туку дека сите имаме корист од тоа. Нашата стабилност е во прашање, имаме и економски бенефит од тоа – вели еропратеникот
Европратеникот Кнут Флекенштајн изразува задоволство што Европската Комисија даде јасна препорака за преговори со Македонија и вели дека ист сигнал ќе дојде и од Европскиот Парламент. Ова тој го рече тоj во интервју за МИА: „Мислам дека Парламентот, исто така, многу јасно ќе поддржи старт на преговори за членство со Македонија. Особено со оглед на работата на власта и на министерот за надворешни работи и конструктивните обиди да се дојде до заедничко решение со Грција, слушам дека се блиску до решение. Тоа е обид што треба да го поддржиме и да кажеме јасно „да“, вели Флекенштајн.
Дали Грција би можела повторно да блокира ваква одлука во Советот на министри на ЕУ? Европратеникот одговара: „Теоретски можеби, но за сега гледам дека премиерот Ципрас прави големи напори, исто како и вашата влада да најдат заеднички пат. Така што не би дискутирал сега за теоретски можности, но за сега сум голем оптимист. Не сум дел од тие преговори, но она што го слушам од двете страни е дека има сериозна волја да се пронајде решение. Тоа не беше секогаш случај. Потребна е храброст од двете страни за да се дојде до добар резултат“.
„Колку повеќе луѓето коментираат, толку е потешко за преговорите. Но би можел да замислам некаков принципиелен договор што би требал да се конкретизира во иднина. Можеби е тоа можност, но навистина не знам. Тешко е за вашата влада, тешко е за вашата земја, за вашите граѓани, тешко е тоа да се разбере од далеку, и кога ги гледате стотиците илјади луѓе кои протестираат во Солун и тоа не го разбирате како Германец. Јас се уште сум убеден дека ќе најдат решение или излез. Но на самиот крај секогаш има можност за Грција да каже „не“, вели Флекештајн, коj не верува дека во ЕУ постои „замор од проширувањето“, туку дека ЕУ има свои домашни задачи кои треба да ги заврши од институционална гледна точка за да може Унијата да функционира со повеќе од 28 земји членки.
„Францускиот претседател Емануел Макрон зборуваше за потребата да се сменат правилата во ЕУ, да биде полесно да се владее во ЕУ. А потоа треба да им објасниме на нашите граѓани дека проширувањето не е добротворна акција, туку дека сите имаме корист од тоа. Нашата стабилност е во прашање, имаме и економски бенефит од тоа. Така што не е дека сме ние фини, па еве ќе им дадеме нешто на Македонците, тоа е тотален нонсенс. Но, најважно е дека треба да им покажеме на нашите граѓани дека сме подготвени и способни да владееме Европска Унија со 33 членки. Имаме и ние наши домашни задачи“.
„Процесот Жан Моне се уште е жив и дека нова рунда преговори ќе се одржи на 17 мај во Охрид“, рече Флекештајн.