Ако Македонија ги исполни сите барања, ќе изгледа многу лошо за Грција ако таа не ги исполни своите обврски: тогаш целиот притисок ќе биде врз Грција- смета австрискиот професор
Процесот околу имплементација на Договорот од Преспа, се чини, ќе биде успешен, а позитивни се и сигналите за тоа во Грција. Ако Македонија ги исполни сите барања, ќе изгледа многу лошо за Грција ако таа не ги исполни своите обврски, тогаш целиот притисок ќе биде врз Грција, вели во интервју за МИА Флоријан Бибер од Универзитетот во Грац Австрија.
– Секогаш е тешко да се предвиди неочекуваното. Но, сите сигнали се многу позитивни. Како прво, актуелната грчка Влада е посветена на Договорот и сака да помине. Се чини дека има поддршка и од одредени опозициски партии во Парламентот. Исто така, искрено верувам дека Нова демократија, која формално е против Договорот, не би била несреќна ако Договорот помине пред да дојдат на власт следната година. Бидејќи ако Македонија ги исполни сите барања, ќе изгледа многу лошо за Грција ако таа не ги исполни своите обврски; тогаш целиот притисок ќе биде врз Грција. Затоа постои добра основа да веруваме дека сите значајни партии ќе ја одиграат својата улога и или ќе го прифатат договорот или барем нема да го бојкотираат до степен да пропадне. Со Грците не се знае, но сигналите од нивна страна се позитивни и оптимист сум дека договорот ќе добие поддршка во парламентите на обете земји во следниве неколку месеци – посочува Бибер кој важи за голем познавач на состојбите на Балканот.
Во меѓувреме Русија пак реагираше дека е загрижена од се поголемите напори на НАТО и Европската Унија да го „развијат“ Балканот, бидејќи тоа води до појава на нови линии на разделба и дестабилизација на Европа. Ова го изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, за грчкиот весник Ефимерида.
„Состојбата на Балканот предизвикува немир. Гледаме дека НАТО и ЕУ ги засилуваат напорите за „развој“ на регионот, а земјите се приморани да направат лажен избор: или со Москва или со Вашингтон и Брисел. Ова доведува до дестабилизација на Европа и зголемување на тензиите“, додаде Лавров.
Има жестоко и системско мешање на САД и ЕУ во внатрешните работи на Македонија, а секојдневно граѓаните на земјата беа повикувани да гласаат на референдумот на 30 септември, за преименување на балканската држава и имплементирање на Договорот од Преспа. Референдумот, како што знаеме, не успеа, кажа рускиот шеф на дипломатија.
Според него, во Собранието на Македонија, уставните измени биле започнати, со вршење притисок и поткупување на пратеници од опозицијата, а странски дипломати, вклучително и на САД, зеле директно учество во овој процес.
„САД и сега настојуваат да ја финализираат Спогодбата. Треба да се потенцира, дека брзината на процесот соодветствува на желбата на Вашингтон за насилно внесување на Македонија во НАТО. Гласините дека ќе биде забрзана интеграцијата во Европската Унија, не подлежат на критики, иако процесот на присоединување на Македонија во Унијата може да трае и повеќе од една декада“, заклучи Лавров.
Според Бибер очекувано е од Русија, која се противи на интеграцијата на Македонија во ЕУ и особено во НАТО, да создава проблеми, а обвинувањата за мешање на САД и ЕУ во процесите во Македонија ги оцени за смешни.
– Таа нема стратешка определба во врска со регионот освен да настојува да го попречи напредокот и да ги блокира интеграциите на регионот во ЕУ и НАТО. Идејата зад обвинувањата на Лавров за вмешување на ЕУ и НАТО е смешна. Македонија се изјасни дека сака да им се приклучи на двете организации, а тоа е однос што бара заемни дискусии и поврзување, што секако е некаква интервенција, но во смисла дека е дел од самиот процес. Така што, да се обвинуваат НАТО и ЕУ за тоа што го прават за своите идни земји членки е чудно. Но, се разбира, Русија ги обвинува останатите за тоа што таа самата им го прави на други земји – вели Бибер.