Во овие тешки времиња мораме да мислиме на своите соседи – им порача претседателката на ЕК на бугарските политичари
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, при денешната посета на Софија побара Бугарија да помогне да се реализира одлуката на Европскиот совет за почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија. Ваквата одлука Европскиот совет ја донесе уште во 2020 година.
На заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер, Кирил Петков, Фон дер Лајен рече дека правата на малцинствата се во основата на европските договори и вредности и дека заштитата на малцинските права е основна вредност и тие се во фокусот на вниманието. „Многу е важно ЕУ да го исполни своето ветување во овие тешки времиња кон своите соседи“, е пораката на високата претставничка на Унијата, која оцени дека времињата се многу бурни и ќе ја одредат иднината на Европа.
РАЗМЕНА НА ИДЕИ Премиерот Димитар Ковачевски вели дека во моментов се работи на размена на идеи по отворените политички прашања меѓу Скопје и Софија. Што се однесува на ветото, тој потенцира дека не сака да се врзува за датуми. „Секогаш кажував дека нам ни треба брзо, но не избрзано решение. Штом ќе има решение прифатливо за двете страни, тоа ќе биде соопштено како на институциите во Република Бугарија, така и кај нас. Во моментов такво решение не постои“, рече премиерот во четвртокот, на 7 април, кога одговори на новинарско прашање.
Тој потсети дека се направени одредени чекори во областа на економијата и работните групи меѓу двете земји, коишто беа формирани пред неколку месеци. „МНР работи на политичките прашања и ги разговараат на средби според стандардите на меѓународните односи“, вели Ковачевски.
НЕМА ТАЈНИ ПРЕГОВОРИ Тој е дециден дека нема никакви тајни преговори со Бугарија околу спорот. Но, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски бара од премиерот Ковачевски во текот на април да се појави пред Комисијата за надворешна политика и да ги достави нацрт-документите за кои што Владата на Македонија ги договара со официјална Софија.
„За да можеме во еден заеднички и инклузивен процес да ги разгледаме овие прашања кои се важни во македонско-бугарските односи, а исто така се важни и за евроинтеграциите. Ова го баравме од премиерот Ковачевски, бидејќи самите по кодексот на Владата напоменуваа во членот 1 дека носителите на извршни функции редовно ќе даваат отчет пред Собранието, но исто така и го бараме врз основа на членот 68 од Уставот каде што Собранието има уставна надлежност да врши политичка контрола над извршната власт“, изјави Милошоски на прес-конференција.
Македонската држава никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на закедонската државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност кон несогледливи последици. Обврските кои С. Македонија ќе ги преземе неповратно ќе ја определат иднината на земјата и улогата во ЕУ. Со прифаќањето на бугарските барања, тие стануваат дел од пристапниот договор на државата со ЕУ, ако и кога ќе дојде тој момент. Ова се укажувањата во најновата анализа на Институтот за европска политика – Скопје и Институт за демократија „Социетас Цивилис“, кои ги анализираат црвените линии кои не смеат да се преминат во преговорите со Софија.
Во анализата се потенцира дека пристапниот процес и членството во ЕУне се цел сами по себе, туку реформска алатка за С. Македонија да стане силна демократска и просперитетна држава во која владее правото. Брзината на трансформација не зависи само од пристапниот процес туку, пред сè, од волјата на домашните политички субјекти. Тоа најдобро го покажуваат примерите на Црна Гора и на Србија, кои преговараат 10, односно 8 години. Но, кои се „ситници“ и суптилностите на кои посочуваат политиколозите за евентуалниот компромис со Бугарија мора да ги земе предвид?
МАКЕДОНСКИ ПОЗИЦИИ Според анализата, повикувањето на ЕУ за „заемно прифатливо решение“ меѓу двете држави е неприфатливо. Станува збор за проблем на ЕУ (и нејзина земја членка) кон една држава кандидат. Суштината е злоупотреба на процесот на проширување за политика на менување идентитет, што ЕУ мора да го спречи и да го реши без да ја префрла одговорноста преку повици за решавање на „билатералното прашање“. Таквата политика е спротивна на европските вредности, меѓународното право и на Стратегијата за проширување.
„Преговарачкиот процес мора да европеизира, а не да бугаризира. Сите барања на Бугарија се меѓусебно поврзани и сите го загрозуваат македонскиот идентитет. Оттука, тие не смее да се гледаат и да се третираат засебно.За какво и да е решение треба да има легитимитет, Владата мора да се потпре на широка политичка и граѓанска поддршка. Основа за тоа е Резолуцијата на Собранието за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, донесена со висока согласност на политичките субјекти“, се наведува во анализата.
„Бугарија треба да се обврзе темите за етнојазичната генеза на Македонците да не бидат услов во европската интеграција, во спротивност, таа ни дава „отровно црвено јаболко“, а интеграциите ги прави антиевропски“, посочуваат од ЕПИ и од Институтот за демократија.
Понатаму се вели дека С. Македонија треба да се воздржи од започнување преговори со ЕУ по секоја цена, позиција што остава простор за преговарачкиот процес, што е алатка за идентитетски и историски ревизии.
„Во моментов, нема никаква гаранција дека и покрај веќе направените и најавените концесии, државата ќе стане членка на ЕУ. Меѓу државите членки на ЕУ, нема реален консензус за зачленувањето на шесте држави од Западниот Балкан, додека не заврши или барем паралелно не се одвива и внатрешната реформа во Унијата“, се вели во документот.
Какво и да е решението со Бугарија, тоа мора да биде врзано исклучително со крајот на пристапниот процес, по ратификацијата на пристапниот договор меѓу ЕУ и Северна Македонија од сите субјекти, вклучувајќи го и евентуалното внесување бугарско малцинство во Уставот. Решението, исто така, треба да спречи можност за нови блокади на преговорите од страна на Бугарија врз основа на нејзиното толкување на Договорот. Тоа треба да има и широка поддршка од јавноста и политичките субјекти и да ги гарантира придобивките од Преспанскиот договор.
ЦРВЕНИ ЛИНИИ Во анализата се укажува дека е недозволиво внесување механизам за следење или спроведување на Договорот во преговорите (преку Преговарачката рамка). Исто така се бара Бугарија да се обврзе дека нема дополнително да отвора нови прашања и да не се дозволат измени на предложениот текст на Преговарачката рамка во која стои македонскиот јазик.
„Не смее да се прифати менување на Уставот како услов за почеток и текот на преговорите. Апсурдно е признавањето на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија во услови кога Бугарија го негира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик. Треба да се спречи и злоупотреба на историското минато за етнополитички цели, како и говорот на омраза од двете страни гарантирајќи ја слободата на изразување“, се вели во анализата.
Во пресрет на новите средби на историската комисија, во анализата се посочува дека работата на оваа комисија треба да биде ослободена од диктат и без ограничување со рокови.