И претседателот на Европскиот совет – Шарл Мишел призна дека ЕУ во сегашната положба не би била во состојба да прима нови членки, пред се мислејќи на 40-милионски народ како Украина. Затоа на самитот на 27-членки на ЕУ во Гранада, се дискутираше за нужните реформски процеси на носење одлуки и буџетските прашања. Овој заклучок значи уште поголема одговорност врз кочничарот Мицковски по ова прашање
Проширувањето претставува геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот и е двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани, за намалување на разликите меѓу земјите и мора да ги поттикнува вредностите на кои е основана Унијата, се наведува во завршната Декларација усвоена на денешниот неформален Самит во шпанскиот град Гранада.
Како што информира претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на прес-конференцијата по Самитот, лидерите на Самитот ја реафирмирале посветеноста на проширувањето, но и го потврдиле ставот дека тој процес ќе се врши според принципот на заслуги.
– Нема да има „скратени патеки“, нема автоматизам за членство во ЕУ. Тоа мора да е базирано на заслуги. Кога велиме базирано на заслуги, тоа не значи дека само земјите кандидати мора да ги исполнат своите обврски, туку и ние мора да ја завршиме својата домашна задача за да бидеме подготвени, доколу земјите кандидат бидат подготвени за членство, да можеме да ги примиме, изјави Фон дер Лајен.
Според неа, процесот на зачленување ќе се базира исклучиво на индивидуални заслуги и почитување на Копенхашките критериуми.
Фон дер Лајен најави дека на почетокот на ноември Европската комисија ќе го објави извештајот за напредокот на земјите кандидати за членство, кој ќе се разгледува на Самитот на ЕУ во декември.
Иако во завршната Декларација не се споменува 2030 како датум за прием на нови членки, според претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, тој останува како цел за проширувањето, но и земјите кандидати за членство мора да покажат јасен напредок во остварувањето на реформите.
Тој потенцира дека процесот на проширува мора да се забрза, бидејќи земјите кандидати, пред сè оние од Западен Балкан, премногу долго чекаат на членство.
Во делот на идното проширување во Декларацијата од Гранада се нагласува дека гледајќи во иднината кон перспективата за понатамошна проширена Унија, и ЕУ и идните земји членки треба да бидат подготвени за членство.
– Претендентите за членки треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на зачленување заснована на заслуги и со помош на ЕУ. Паралелно, Унијата треба да ги постави потребните внатрешни основи и реформи. Ќе ги поставиме нашите долгорочни амбиции и начините за нивно остварување. Ќе одговориме на клучните прашања поврзани со нашите приоритети и политики, како и со нашиот капацитет да дејствуваме. Ова ќе ја направи ЕУ посилна и ќе го зајакне европскиот суверенитет, се додава во Декларацијата.
И на треттата средба на Европската политичка заедница (ЕПЗ), создадена пред една година во Прага, доминираше една тема, барем според официјалните изјави: одбранбената борба на Украина против руската агресија, која трае повеќе 18 месеци. Најбаран соговорник за кратки билатерални средби и овојпат беше украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Фактичката суштина на ЕПЗ не се состои во носење формални заклучоци и декларации, туку во еден вид дипломатски „саем“. Тука треба да подискутираат меѓусебно шефови на држави и влади кои инаку не се гледаат често. Затоа во ЕПЗ, не припаѓаат само 27-те членки на ЕУ, туку и десет кандидати за прием во Унијата, како и десет држави кои не сакаат да влезат во ЕУ. Освен Русија и Белорусија, во неа се претставени речиси сите европски држави. Јасниот сигнал на овој формат гласи: ова е антируска коалиција.
Во Гранада меѓутоа се насетуваше загриженост што коалицијата почнува да напукнува. Од Унгарија, Полска и можеби наскоро и од Словачка, се слушаат критички тонови за опсегот на поддршката за Украина. Одделни ЕУ-дипломати, кои сакаат да останат анонимни, сметаат дека расположението може наскоро да се промени не само во источна и централна Европа. И во Шпанија, домаќин на самитот, во населението се слушаат критички тонови, прашања кога и како треба да заврши војната во Украина.
Големо мнозинство од ЕПЗ е за единственост и победа на Украина против Русија. Одделни држави ветија повеќе оружје и опрема за претстојната зима. Украинскиот претседател Володимир Зеленски употреби претпазлива формулација: „Најголем предизвик гледаме во зачувувањето на единството во Европа, заради обезбедување на сигурноста и стабилноста во нашиот заеднички европски дом.“ Зеленски зборува речиси како шеф на земја од ЕУ. Од војната исцрпената Украина сака што поскоро да се приклучи на ЕУ. Украинскиот претседател пред патувањето во Гранада изрази увереност дека наскоро ќе можат да започнат пристапни преговори со Брисел.
Покрај многуте неформални разговори во Гранада, внимание предизвика неодржувањето на две средби. Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, не се појави. Неговите трупи пред две недели ја нападнаа енклавата Нагорно-Карабах, населена со Ерменци и предизвикаа масовно бегство на 120.000 Ерменци. Во Гранада всушност беше предвидена средба на Алиев со ерменскиот претседател Никол Пашинјан, со посредство на Франција, Германија и ЕУ, заради преземање мировни чекори. Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел изрази шокираност од агресијата на Азербејџан и вети поголема поддршка на Ерменија, вклучувајќи и при згрижувањето на бегалците. ЕУ се стреми поблиску да ја врзе за себе Ерманија, која е блиска на Русија.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган исто така не се појави на самитот во Гранада. Наводно, бил навреден што ЕУ не сакала да го вклучи во разговорите со Азербејџан и Ерменија околу конфликтот во Нагорно-Карабах. Такво барање имаше Азербејџан, кој има традиционална блискот со Турција.
Друг разговор во еден акутен конфликт кој требаше да биде воден во Шпанија е меѓу Србија и Косово, двете земји беа претставени од своите претседатели во Гранада. Но, косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека Косово е жртва на српски напади, нема никаков смисол за среќавање со „агресорот“ Александар Вучиќ. Прво треба ЕУ да воведе санкции против Србија. Вучиќ пак лаконски изјави дека кризата ќе биде решена, но сака да преговара само со косовскиот премиер Албин Курти.
Бз оглед на непостоењето опипливи резултати, политикологот Стивен Блокманс од тинк-тенкот Центар за европски политички студии во Брисел, смета дека форматот на лабаво поврзаната Европска политичка заедница има смисол. „Самиот факт што постојат натамошни средби, што е отворена можноста за разговори и евентуаелни конструктивни предлози, е позитивен. Без вакви средби не би ни постоеле такви можности. Тоа е она што би го рекле приврзаниците на ЕПЗ“, смета Стивен Блокманс.
Претседателот на Владата ,Димитар Ковачевски, на третиот самит на Европската политичка заедница во Гранада,ја истакна важноста на оваа средгба во однос на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија и регионот
„Тука се практично претставниците на сите земји од Европа, без Русија и Белорусија. Една од главните теми што е од најголемо значење за нас е и проширувањето на ЕУ. Вие знаете дека по долго време, на агендата на ЕУ е проширувањето. Ќе разговараме нормално и на теми што се однесуваат на дигитализацијата и на воведувањето на вештачката интелигенција сè со цел да се подобрат услугите за граѓаните и тоа ќе биде една од работните средби на кои јас ќе учествувам заедно со премиерите на Франција, на Италија, на Обединетото Кралство, на низа други, на претставникот на Европскиот парламент, на Европската комисија.
Мислам дека се наоѓаме во одлична позиција со оглед на тоа дека минатата година ги почнавме преговорите со ЕУ. Од друга страна, ЕУ има стратешки интерес и веќе отворен процес за свое приспособување, кое е паралелен процес во однос на тоа дека ќе треба да функционира во иднина со земји што имаат поголем број од сегашниот, што значи дека ќе постои динамика и на страната на земјите кандидати за членство, пред сè, мислам на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија, меѓутоа и динамика внатре во ЕУ во однос на приспособување на функционирањето на повеќе земји членки.
Веќе им е јасно на сите дека Германија и Франција имаат изработено работен документ, кој се однесува на тие стратешки промени што треба да се направат. Јас тоа не можам да го коментирам во моментот бидејќи се работи за работен документ што не е финален и затоа ќе оставам тие разговараат за него иако го имам видено и сметам дека тоа што стои во самиот работен документ е позитивно за нашата држава и за земјите во регионот.