Нема вонредна состојба во Франција, владата ќе разговара со „Жолтите елеци“.Министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер наведе дека во Париз се собрале околу 8.000 демонстранти, а околу 23.000 во целата земја. Тоа е многу помал број отколку минатата сабота, кога во првиот протест поради високите цени на гориво на улица излегоа 124.000 луѓе.
ЕКИПА НА ГЛОБУС
По најголемите безредија што во Франција се случиле во последните неколку децении, француската влада има намера да најде заеднички јазик со демонстрантите и не воведува вонредна состојба.
Францускиот претседател Емануел Макрон од министерот за внатрешни работи побарал подготовка на безбедносните сили за нови протести, соопшти Елисејската палата. Сепак, премиерот Едуард Филип треба да започне разговори со претставници на протестното движење. Од кругови на Макрон се вели дека не се дискутирало за воведување вонредна состојба. Портпарол на француската влада претходно соопшти дека се разгледуваат сите опции за спречување на натамошни судири и безредија.
Министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер наведе дека во Париз се собрале околу 8.000 демонстранти, а околу 23.000 во целата земја.
Тоа е многу помал број отколку минатата сабота, кога во првиот протест поради високите цени на гориво на улица излегоа 124.000 луѓе.
На Фејсбук 36.000 лица го најавија своето учество на големиот собир на плоштадот Конкорд. Властите го забранија овој собир. До инциденти дојде на Елисејските полиња, каде според Кастанер се наоѓаат и симпатизерите на „екстремната десница“ кои сакаат да ги „нападнат институциите“. Тој ја обвини лидерката на екстремната десница, Марин Ле Пен, оти ги повикала своите поддржувачи да учествуваат во протестите и да предизвикаат „безредија“, што таа го негираше.
Полицијата соопшти дека се уапсени 8 лица, „главно поради фрлање на различни предмети“.
Повеќе групи демонстранти утринава се обидоа од разни страни да и’ пријдат на Елисејската палата, но полицијата не им го дозволи тоа.
Во Париз во текот на викендот беа уапсени повеќе од 400 луѓе, а повредени беа 133. Макрон, веднаш по враќањето од самитот на Г20 во Буенос Аирес, побрза кон Триумфалната капија во Париз, која беше оштетена од страна на демонстрантите и испишана со антикапиталистички пароли и барања за оставка на Макрон. Претседателот разговараше со полицајци и пожарникари.
Полицијата во текот на викендот употреби солзавец, заслепувачки гранати и водени топови за да ги растера насилните демонстранти. Властите тврдат дека меѓу демонстрантите има насилнички групи од екстремната левица и екстремната десница.
Маскирани лица во саботата со метални шипки и секири бенееја на улиците на Париз, беа запалени автомобили и објекти, а беа и ограбувани продавници. Во главниот град на Франција протестираа околу 10.000 луѓе. Протести имаше и во Нант и Марсеј. На улична блокада на југозапад на земјата, поставена од страна на „Жолтите елеци“, според полицијата, загинал еден возач на автомобил. Тоа е трета жртва од почетокот на протестите.
Протестите се насочени против реформската политика на економски либералниот претседател на Франција, односно против зголемувањето на цените на бензинот и животните трошоци.
Навитина, не само климатски, слаткото, летаргично лето измина. Французите се вратија одамна од годишни одмори. Помина и политичката толеранција со која Французите се однесуваа кон својата влада. Тие со нова енергија и острина сега ја следат политиката на Елисејската палата. Тоа најмногу на своја кожа го чувствува претседателот Емануел Макрон. Неговото лето не беше слатко и летаргично- туку бурно. Се започна со аферата со неговиот телохранител Александар Бенал. Французите беа вознемирени од тоа што еден службеник на Елисејската палата може да примени сила на улица без последици.
Според политологот Жером Сен-Мари од парискиот Институт за истражување на јавното мислење „ПолингВокс“, тоа уште еднаш го покажува авторитарниот стил на Макрон поради кој тој ја губи популарноста во испитувањата на јавното мислење. „Убавите времиња поминаа. Многу гласачи сега со недоверба гледаат во својот претседател. Тоа е новина“, вели Сен-Мари.
Според тие испитувања, дури 59 отсто од Французите се незадоволни од својот претседател. Она што треба да го загрижи Макрон е дека критиките не доаѓаат само од неговите политички противници. Три четвртини од неговите гласачи се незадоволни и тоа поради: цврстата рака во политиката кон синдикатите, намалувањето на субвенциите за домување, намалување на бројот на вработени во железницата.
Претседателот потоа доживеа дополнителен удар и од Никола Ило, министерот за животна средина, кого Макрон го претставуваше како ѕвезда.
Има и отпор кон полиичките амбиции на макрон на европско ниво – тој веќе посети 16 земји-членки на ЕУ. Последни меѓу нив беа Данска и Финска. Целта на сеопфатната европска турнеја беше придобивање на гласачите за европските избори кои се одржуваат во мај следната година. Политичката амбиција на Макрон е да ги сведе гласачите на два табора: националисти и прогресивци.
Според аналитичарот Бруно Котре од центарот „Цевипоф“, Макрон сака да ги подели европските десничари и на крајот со својата партијата Републиката напред да се појави како единствена алтернарива и својот успех да го повтори на европско ниво.
Но, францускиот претседател ни оддалеку не поминува во Европа онака како што посакува. Напротив, експертите, меѓу нив и Оливие де Франс од аналитичкиот центар ИРИС, забележуваат силен отпор кон Макрон на европско ниво. Покрај Чешка и Австрија, и Унгарија на Орбан веќе подолго време негуваат остар евроскептичен тон.
Дополнителен ветар в грб на унгарскиот премиер му дава и фактот дека со него е и Италија, една од земјите основачи на ЕУ. Дури може да се прогнозира дека и либерална Шведска на претстојните избори јасно ќе сврти кон десно. „Емануел Макрон не се соочува само со неколку проблематични земји, туку со комплетно нов став во Европа“, вели Котре. Аналитичарот е уверен дека изборите за Европскиот парламент ќе ги одлучува прашањето за миграциите. Затоа, смета овој аналитичар, Европа не треба да биде изненадена доколку партијата на Макрон не мине добро на европските избори, туку- за разлика од претседателските избори во Франција- многу добар резултат да забележи неодамна преименуваниот Национален фронт. Доколку тоа се случи, тоа ќе биде преран крај на француското и макроновото лето.
Во Франција се протестира од средината на ноември – се блокираа улици, трговски центри и фабрики. Притоа, симбол на отпорот станаа жолтите елеци, какви што возачите се должни да носат во својот автомобил.