ДЕНКО МАЛЕСКИ
Грција го држеше ветото 25 години, и не „давеше како змија жаба“, како што ми рече претседателот Глигоров уште по прогласувањето на независноста. Моето читање на меѓународните односи е дека заедничката акција на Брисел и Вашингтон, со „францускиот предлог“, се’ уште може да не спаси од таа судбина
Да го повториме Преспанскиот договор, кој од вас е оценет како брилијантен, и со договорот со Бугарија , предлага премиерот.Иронијата за брилијантноста е јасна а желбата е искрена во делот на неговата примена со одложено дејство
Но, новата власт треба да внимава што посакува зашто тоа може и да и се оствари: да ни се повтори целото грчко сценарио а не само финалниот дел со одложено дејство.Имено, Грција го држеше ветото 25 години, и не „давеше како змија жаба“, како што ми рече претседателот Глигоров уште по прогласувањето на независноста. Моето читање на меѓународните односи е дека заедничката акција на Брисел и Вашингтон, со „францускиот предлог“, се’ уште може да не спаси од таа судбина.
Зашто, тоа е решението кое не и дозволува на Бугарија да не закочи во преговарачкиот процес, како што тоа го стори Грција. Евидентно е дека Бугарија попушти под притисок на Париз и Вашингтон а политичарите кои беа на власт во тоа време покажаа зрелост каква ретко се среќава на Балканот. За прифаќањето на „францускиот предлог“ од страна на бугарската влада и гласањето во парламентот од водечките партии требаше да се плати цена која безмалку никој не сака да ја плати во политиката: губење на власта.
Падна владата на Петков но тој не дозволи државата да се конфронтира со главните сојузници во ЕУ и со Америка или да се руга со Макрон и водството на Унијата како што правевме ние. Разбирливо, за да спаси образ пред народот, претседателот на Бугарија побрза да прогласи победа на својата земја со образложение дека темите од македонско-бугарските односи сега се издигнати на ниво на ЕУ како дел од пристапните преговори. Следеше промената на тактиката: Бугарите во Уставот. Но, останува фактот дека ветото врз почетокот на преговорите на Македонија со Унијата беше симнато.
И нашата тогашна власт на СДСМ и ДУИ прогласи дипломатска победа со „францускиот предлог“, но темата стана предмет на изборни националистичко наддавање во кое победникот се знаеше однапред – ВМРО-ДПМНЕ.
Нејзините челници, во жарот на предизборната (за малку ќе напишев „нефер“) битка, влегоа во конфронтација не само со тогашната власт туку и со претставниците на ЕУ и на Америка. Што се однесува со терање инает со нив, тие паметат и еден ден ќе и вратат на новата власт. Всушност, партијата на македонските националисти ја примени универзалната формула за успех, толку пати докажана на избори во светот: што поголем отпорот кон притисокот од надвор, тоа посилен аплаузот дома.
Партијата доби големи аплаузи и победи, ама државата загуби зашто сега самата се блокира. Префрлање на вината на претходната власт, дека опозицијата требала да биде консултирана на време за да се изгради единство, е нивна измислица која ја повторуваат и новинари вклучени во кампањата, и после изборната победа, да се дотепа претходната политика. Во идеалниот свет единството би било нормата, но во реалниот свет на демократиите, извршната власт ги склучува меѓународните договори кои дури потоа одат на одобрување од парламентите. Тука, во македонскиот парламент,целосно легитимната а не „предавничка“ политика на претходната влада беше отфрлена и процесот беше блокиран.
Одговорноста за таа блокада е на новата власт а не на старата која пропуштила да изгради (неостварливо) единство и која вели дека има нови решенија со кои ќе се одбрани достоинството на македонскиот народ. Каде точно беше погазено тоа достоинство не ми е јасно до ден денешен а мислам дека, со време и јавноста ќе се отрезни. Да се разговата и преговара е услов без кој не се може во дипломатијата.Ако го нема тоа, тогаш има конфликт. Влезете во процесот на преговори, искористете ги парите и искуството на ЕУ да ја трансформирате Македонија во Швајцарија и на крај одбијте да влезете во ЕУ, ни порача своевремено холандскиот амбасадор Коп. „Недостоинствениот“ предлог беше отфрлен зашто тоа го налагаше партискиот интерес со кревање на анти-бугарски чувства, да се победи на изборите.
И еве не сега, пет години после ветото на Бугарија, повторно сме на почетокот. Се е како патот Кичево-Охрид. Најновиот извештај на ЕУ инсистира на спроведување на Договорот за добрососедство и на неговата операционализација преку „францускиот предлог“. Да, постојат некакви шанси за негова модификација, но само ако се согласи Бугарија. Да се надеваме повторно во зрелоста на нејзините политичари да направат отстапка како она со ветото. На пример, да се согласат со одложено дејство за примена на уставните промени и да го признаат македонскиот јазик, битка која и онака ја изгубија на меѓународен план. Но тоа нема да ја излечи нашата голема болка.
Имено, во основата на нашето одбивање на „францускиот предлог“ е обврската од протоколите да влеземе во дебата со Бугарија за историските и идентитетските теми. Зарем политичарите од Западот, кои толку силно ја поддржуваат македонската нација и нејзиниот јазик, не знаат дека во Договорот стои дека имаме и заедничка историја со Бугарија. Знаат. Токму затоа и инсиситираат.
Новата власт сега повикува на единство во решавање на проблемот. Вистински чекор кон тоа замислено единство е премиерот Мицковски да повтори пред нашата јавност она што го кажа при посетата на Брисел: дека со бројните отстапки, како држава, сме ја покажале на дело нашата посветеност кон Унијата и нејзините вредности. Да им одаде признание на оние кои ги направиле тие отстапки и да се извини за поведението на својата партија. Во спротивно, кажаното надвор е китење со туѓи пердуви, а дома, не само што нема да ја добие очекуваната поддршка од опозицијата, туку ќе добие реприза на сопствената политика.