Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ФРИДОМ ХАУС: СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е ДЕЛУМНО СЛОБОДНА ЗЕМЈА, ПРОДОЛЖУВА ДА СЕ СООЧУВА СО КОРУПЦИЈАТА

March 9, 2021 Filed Under: Македонија

Со три поени, што е за еден поен повеќе од лани, е оценето прашањето дали изборите биле фер и слободни. Причина за подобрата оценка, како што се вели, се редуцираните обиди за купување гласови и за заплашување на гласачите

КОЈ ДОБИ, КОЈ ИЗГУБИ Демократијата во земјата сепак забележа еден плус

Во извештајот „Слободата во светот 2021“, земјата доби 66 поени од можни сто, што е за три поени напредок во однос на минатата година

Северна Македонија продолжува да се бори со корупцијата и додека медиумите и граѓанското општество се вклучени во интензивниот јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисоци и заплашувања.

Ова се дел од оценките во најновиот извештај на меѓународната организација, Фридом хаус „Слободата во светот 2021 година: Демократијата под опсада“, а во кој Северна Македонија е оценета како делумно слободна земја.

Годинашната оценка за државата е 66 од можни сто поени, што е за три поени напредок од лани.

Во повеќето сегменти, како што се транспарентноста, слободата на изразување, корупцијата Северна Македонија ги задржува ланските средишни оценки. Напредокот, пак, од по некој поен, е во делот за изборите, за формирањето на владата и за, како што се истакнува, намалените опструкции во работењето на парламентот.

Клучен настан е блокадата за почеток на преговорите со ЕУ

КРИЗА Фридом хаус заклучува дека деморкатијата во светот е во криза

Како главни настани во 2020 година се издвоени ланските парламентарни избори, кои се оценуваат како кредибилни и без поголеми инциденти. Нагласени се и измените во Законот за јавното обвинителство, при што се вели дека биле проследени со контроверзии околу промени на законските одредби во последен миг.

Како клучен настан се спомнува и блокадата од бугарската влада со која е стопиран почетокот на преговорите со ЕУ.

Во извештајот се спомнува и пандемијата, при што се објаснува дека се предвидени казни за прекршителите на мерките за заштита од Ковид-19, како и дека против нив не е применето насилство, ниту прекумерна сила.

Напредок по еден поен во три сегменти

Во делот за изборите и формирањето на Владата, има напредок од еден поен. Годинава оценката е 3 поени (од максимални 4), а како причина за напредокот се истакнува дека, иако изборните резултати биле речиси изедначени, формирањето на владата на Зоран Заев поминало регуларно, без позначајни опструкции од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Со три поени, што е за еден поен повеќе од лани, е оценето прашањето дали изборите биле фер и слободни. Причина за подобрата оценка, како што се вели, се редуцираните обиди за купување гласови и за заплашување на гласачите.

Во извештајот се посочува дека има напредок и во функционирањето на законодавните и владините тела. Така, од ланските два, годинава земјата е оценета со три поени (од максимални 4) и тоа поради, како што стои, стабилниот повеќегодишен пад во опструкциите на парламентот.

Двојка за борбата со корупцијата

За состојбата со корупцијата, земјата е оценета со двојка (од максимални четири поени). Во извештајот се нагласува дека корупцијата и натаму е сериозен проблем, со потсетување дека е широко распространета неказнивоста на корумпирани владини службеници, вклучително и членови на парламентот и судството.

Се додава и дека и покрај пофалбите од ЕУ за стабилниот напредок во реформите, продолжува да се појавува сериозна корупција и скандали во јавните набавки.

Останува загриженоста и за ефикасноста и независноста на судството, кое е оценето со два поени, од можни четири. Се вели дека во судството не се спроведени сите реформи ветени од владата.

Поларизирани медиуми – новинарите под закани

Состојбата со слободата на медиумите е оценета со три поени, од можни четири. За новинарите се вели дека и натаму се изложени на политички притисок и вознемирување, како и дека и сè уште има пријави за физички напади врз нив.

За медиумите, пак, се вели дека се длабоко политички поларизирани и дека содржината на приватните медиумски куќи е под силно влијание од политички или бизнис интереси.

Дискриминација и мали можности за индивидуален напредок

Во однос на човековите права, дискриминацијата, заштитата од сексуално вознемирување се вели дека и покрај постоечката легислатива, проблемот и натаму постои.

За правната заштита против овие појави, земјата е оценета со два поени. Притоа се истакнува дека особено е дискриминирана ромската популација и тоа најчесто на полето на вработувањата.

Во делот со економските слободи и можности, пак, се вели дека поради неконтролирана корупција, намалена е можноста за напредок на индивидуата кон подобро платени позиции. Како проблем се нагласува и трговијата со луѓе и се додава дека се намалила владината поддршка за невладините организации што се грижат за жртвите од трговија со луѓе.

Filed Under: Македонија

ПОРАНЕШЕН ЈУГО-ПАЗАР НА ТРУДОТ: УСЛОВИ, ВРАБОТЕНОСТ, ПЛАТИ….
КАЛАЈЏИЕВ ЗА ТРИЛИНГ: ВЛАСТА НЕМА ИНТЕРЕС ДА ОБЗНАНИ КОИ КОМУНИКАЦИИ СЕ СЛЕДЕНИ КАЈ МИЦКОВСКИ
ОРБАН СО КОМПЛИКУВАН ИЗБОРЕН СИСТЕМ ПРОТИВ УНГАРЦИТЕ
АЛШАР КАКО РУДНИК ОД КАДЕ СЕ ГЛЕДА СОНЦЕТО
КАКО ГИ ЛАЖАТ ЛУЃЕТО ВО СЕВЕРНА КОРЕЈА ЗА УБИЕНИТЕ ВОЈНИЦИ ВО УКРАИНА

Најново

  • ПОРАНЕШЕН ЈУГО-ПАЗАР НА ТРУДОТ: УСЛОВИ, ВРАБОТЕНОСТ, ПЛАТИ….
  • КАЛАЈЏИЕВ ЗА ТРИЛИНГ: ВЛАСТА НЕМА ИНТЕРЕС ДА ОБЗНАНИ КОИ КОМУНИКАЦИИ СЕ СЛЕДЕНИ КАЈ МИЦКОВСКИ
  • ОРБАН СО КОМПЛИКУВАН ИЗБОРЕН СИСТЕМ ПРОТИВ УНГАРЦИТЕ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet