Дали по 20 години, се распаѓа имиџот на недопирлив на Владимир Путин?
ЕМИЛИ ШЕРВИН
Во двете децении на власт на Владимир Путин, Русите во анкетите за нивните проблеми почесто ја обвинуваа владата отколку претседателот. Но, во светло на најновите тензии во земјата ова конечно може и да се промени.
Владимир Путин го започна искачувањето на врвот на руската политика на 9 август, 1999 година кога ја презема премиерската позиција. Во тоа време, човекот кој ќе стане наследник на Борис Јелцин, беше релативно непознат. Сега, во четвртиот претседателски мандат (со еден премиерски меѓу) Путин долго време се сметаше за политички недопирлив – вклучително и во однос на јавното мислење.
КОЈ Е ДОБАР А КОЈ ЛОШ? „Царот е добар, благородништвото е лошо”, вели една руска поговорка која често се цитира за да се објасни феноменот зошто рејтингот на претседателот е секогаш подобар од оној на неговата влада. Дури и самиот Путин се обиде да го отфрли овој мит на недопирливост. „Постои оваа вечна руска идеа дека царот е добар, а сите други се лоши. Но, можам да ви кажам дека кога нешто не оди добро (во државата) тогаш тоа е вина на сите, ” рече тој зборувајќи за разликите во платите на годишната прес конференција во декември 2018 година. Тој исто така ја истакна неговата лична одговорност за домашни теми на последното јавно појавување во јуни.
Неговите изјави звучат како предвидување, со оглед дека анкетите покажуваат дека неговата популарност веќе не е недопирлива. На крајот на неговиот втор мандат во 2008 година, рејтингот му беше 35% повисок од оној на владата. Сега јазот се намали на 23%, според државната рејтинг агенција ВТСИОМ. Нивните анкети исто така покажуваат дека нивото на доверба на Путин неодамна падна на нешто над 30%, што е најниското ниво од 2006 досега.
„РУСИЈА СУПЕРМОЌНА ДРЖАВА” Традиционално, популарноста на Путин се поврзува со обновувањето на руското чуство за национална гордост. Путин дојде на власт на крајот на 90те по бурната деценија за земјата. Кога Советскиот сојуз колабираше, се создаде огромен економски хаос и социјален пресврт кој кај многу луѓе остави чувство дека го изгубиле националниот идентитет.
Според Лев Гудков, директор на независниот центар за испитување на јавното мислење Левада, целта на Путин беше да „го врати имиџот на Русија како супермоќна држава, најмалку во очите на Русите, и да го врати авторитетот што го имал Советскиот сојуз.” Неговиот рејтинг, на пример, беше највисок во 2014 по анексијата на Крим. Додека овој потег беше осуден од Западот, имаше исклучителна поддршка од Русите.
ОТФРЛАЊЕ МА ОДГОВОРНОСТ Но, промената на политичката атмосфера во Русија значи дека Путин нема да може веќе да ја избегнува и намалува домашната одговорност фокусирајќи се на надворешни работи. Извесно време, вели Гудков „ функционираше механизмот на отфрлање на одговорност за домашната ситуација. Но, откако Путин го потпиша законот за пензиска реформа, тој ја презема одговорноста и за ситуацијата во земјата. Законот за пензиска реформа во Русија помина во Думата во септември 2018 година, а Путин го потпиша на почетокот на октомври.
Овој потег предизвика протести низ земјата. Во последниве месеци има и други форми на растечкиот гнев на јавноста. Имаше протести против планираните депонии за ѓубре во северна Русија и московскиот регион, како и против обвинувањата за изборна измама на регионални избори на истокот на земјата. Изминатиов месец луѓето протестираат на улица со цел да извршат притисок да се дозволи пријава на независни кандидати за претстојните избори за градското собрание во Москва.
РАСТЕЧКИ ФРУСТРАЦИИ Според Гудков намалената популарност на Путин се должи на повеќе фактори. Економска стагнација и падот на платите се првиот проблем, вели тој. „Втор фактор е растечкото чувство на неправда, корупција, како и впечаток дека горните ешалони на моќ крадат од обичните луѓе.”
„Постои општо чувство за морален распад на владата,” објаснува Гудков и додава „секоја надеж дека Путин би можел да се справи со корупцијата и да почне да обрнува повеќе внимание на социјалната политика со цел да ги задоволи потребите на граѓаните, се намалува.”
Политологот Алексеј Куртов верува дека зголемената јавна одговорност на Путин за „овие точки на напнатост” во руското општество делумно се должи и на фактот дека медиумите се повеќе пишуваат за нив. Претходно „Путин можеше да одлучи да не реагира на одредена тема или да ја препише одговорноста за неа на некој друг”, појаснува Куртов. „Сега бидејќи има повеќе горливи теми и нема некој кој би можел да биде посочен како одговорен за сите нив, одговорноста за овие проблеми автоматски се префрла на Путин.”
СЕ УШТЕ ПОЛИТИЧАР БРОЈ ЕДЕН Валери Фјодоров, директорот на државната рејтинг агенција ВТСИОМ, се согласува дека главна причина за јавното незадоволство е влошената економија, наведувајќи ја здравствената заштита и желбата за подобри плати. Сепак, Фјодоров тврди дека падот на довербата во Путин не е толку значаен. Тој исто така верува дека разликата која луѓето традиционално ја прават меѓу претседателот и влада е поедноставување. „Путин е број еден политичар,” вели тој. „Путин е одговорен за државата. Сите го знаат тоа.”
Фјодоров тврди дека политиката на Путин веќе зема нов социоекономски пресврт. Неговите „Национални цели” претворени во закон откако го започна последниот претседателски мандат во мај 2018 година треба да донесат подобрување на животниот стандард и да внесат нов ветар во руската стагнирачка економија. „Луѓето му се благодарни на Путин, го почитуваат и сета надеж им е во него,” тврди Фјодоров. „Зборувам за мнозинството граѓани. Секако дека има луѓе кои се незадоволни од неговата работа, и дека има луѓе кои сакаат алтернативи. Но тие се во мал број.”