Прашање на факти, а не на политички изјави е дали постои или не одредено малцинство. Важно е што во извештаите на Обединетите нации (ОН) постои македонско малцинство во Бугарија
Според Фрчкоски, главната линија за признавање на малцинствата и борбата за нивните права оди преку стандардите на ЕУ и пресудите на Стразбур, оти постапката во ОН е „многу подолга, многу покомплицирана и многу поблага во однос на резултатот“. Но, битно е, додава тој, што во ОН се регистрирани поплаки во однос на правата на македонското малцинство во Бугарија
Прашање на факти, а не на политички изјави е дали постои или не одредено малцинство. Важно е што во извештаите на Обединетите нации (ОН) постои македонско малцинство во Бугарија, вели македонскиот амбасадор во ОН, Љубомир Фрчкоски, за „Гласот на Америка“ на македонски јазик.
„Тоа е прашање на факти кои се утврдуваат со меѓународни извештаи и фактографско пишување на меѓународни организации. А фактите се дека дел од извештаите на ОН евидентираат оти ова малцинство постои, дел од извештаите на Стејт департментот, дел од извештаите на групите за права на малцинствата и сите извештаи од Европската Унија. Тоа е прво, и второ се пресудите на Судот во Стразбур“, изјави Фрчкоски.
На прашањето дали како амбасадор во ОН ќе покрене иницијатива за осуда на Бугарија оти не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права да дозволи регистрација на здруженија коишто имаат за цел признавање на македонското малцинство, Фрчкоски вели дека кога ќе дојде моментот за тоа државата ќе има јасен став.
„Такви резолуции околу малцинските права не се дојдени сега на третиот комитет, но кога ќе дојдат ние ќе имаме јасен став околу постоењето на тие малцинства и почитувањето на нивните права, со една посебна тежина како земја која тоа го прави во својата држава. Во таа смисла, кога ќе дојде моментот и местото за тоа, ние ќе бидеме навистина за правата на малцинствата и посебно за нашето во соседните земји“, рече Фрчкоски
Според него, главната линија за признавање на малцинствата и борбата за нивните права оди преку стандардите на ЕУ и пресудите на Стразбур, оти постапката во ОН е „многу подолга, многу покомплицирана и многу поблага во однос на резултатот“. Но, битно е, додава тој, што во ОН се регистрирани поплаки во однос на правата на македонското малцинство во Бугарија.
„Ние сме на страната на земјите кои ги почитуваат стандардите, кои успеале да направат дури неверојатни договори кај идентитетските прашања. Од таа страна и од таа позиција нашиот збор тежи, нашите збор и влијание имаат сосема друга улога отколку како земја која не може да си ги реши проблемите. Она што мислиме да го направиме е да одржиме едно ниво на присутност и јасност кое историски дефинитивно има право и на краток рок да ја освои својата вистина. Конечно да победи“, рече Фрчкоски.
Од Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации, на барањето да го искоментираат условот на Бугарија да се впишат Бугарите во македонскиот Устав, додека против неа постојат 14 пресуди на Судот во Стразбур за прекршување на правата на македонското малцинство на нејзина територија, за „Гласот на Америка“ соопштија дека Бугарија има обврска да ги почитува правата на малцинствата и да осигура дека никој нема да биде дискриминиран врз основа на нивниот слободно избран идентитет.
Канцеларијата за човекови права на ОН го посочи извештајот што независен експерт на ОН за малцински прашања го претставил до Советот за човекови права во јули 2011 година, согласно кој, Владата на Бугарија се повикува да ги заштити слободата на изразување и здружување на припадниците на македонското малцинство.
„Извештајот ја повикува бугарската Влада да ги обезбеди и заштити правата загарантирани во уставните одредби на земјата за почитување на правото на етничко самоопределување, вклучително и правата на слободата на изразување и слободата на здружување на припадниците на македонското малцинство. Извештајот, исто така, нагласува дека политиките што се однесуваат на признавањето и правата на малцинските групи мора да се проценат во однос на обврските на државата, согласно меѓународниот закон за човекови права“,
изјавија од Канцеларијата за човекови права на ОН.