Професорот Љубомир Фрчкоски смета дека не треба жестоко да реагираме на изјавите на Ципрас и дека терминот „ерга омнес“ е термин од меѓународното право. Андов вели дека во досегашните преговори кои резултирале со други документи и светските авторите и преговарачите се согласиле дека резултатот на преговорите е билатерален и на омностран
Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, неодамна на состанок со пратеничката група на неговата партија Сириза, меѓу другото, говореше и за преговорите за името. Тој изјави дека предуслов, за да важи името за севкупна употреба, односно „ерга омнес“, е промена на Уставот на Република Македонија.
Овој став на Ципрас директно се коси со ставовите на македонскиот премиер, Зоран Заев, кој неодамна изјави дека не гледа потреба од промена на Уставот.
Професорот Љубомир Фрчкоски смета дека не треба жестоко да реагираме на изјавите на Ципрас и дека терминот „ерга омнес“ е термин од меѓународното право.
– Ципрас го разбира и внатрешно и надворешно терминот, а ерга омнес е термин од меѓународното право кој се однесува во меѓународното право, значи кон сите други држави – вели Фрчковски.
Професорот коментира дека Грција постојано го проширува терминот „ерга омнес“.
– Прво беше промена на референцата ФИРОМ само во меѓународните организации, каде што ние сме членки. Потоа новото име не ја заменува референцата ФИРОМ само во меѓународните организации, туку се однесува и со сите други држави, и оние што не признале под уставното име. Тоа е повторно проширување на „ерга омнес“ но сепак во меѓународните односи и во меѓународното право, со договор. Тука „ерга омнес“ треба да застане, за внатрешна употреба не треба да ги интересира – објаснува Фрчковски.
Тој додава дека за постигнување на „ерга омнес“ употреба доволен е меѓународен договор.
– За да се постигне „ерга омнес“ може и со меѓународен договор, кој во овој случај е посилен од Уставот, иако не е формално-правно посилен, меѓутоа во овој случај тој се јавува како посилен затоа што не може да се промени ако еднаш веќе го направиме. Ние Уставот утре можеме да си го промениме ако си направиме мнозинство и можеме да го менуваме колку сакаме, Уставот нив не им е гаранција, нив гаранција им е меѓународниот договор кој е потпишан со гарантори како Обединетите Нации. Тогаш проблемот се затвора – завршува професорот Фрчковски.
Универзитетскиот професор неодамна гостуваше во емисијата „Топ тема“ на Телма телевизија, каде зборуваше во врска со преговорите на Македонија и Грција и ја допре и темата на примената на евентуалниот договор меѓу Скопје и Атина „ерга омнес“.
Најпрвин тој забележа дека кај нас приоритет е идентитетот, името е второстепено, и според него за тој пакет е постигната некаква согласност.
– Кај нас приоритет е пред сè националниот идентитет и јазикот да бидат македонски и да се обезбедат. Името, иако изгледа прво прашање, всушност е второ прашање. Ние сме биле социјалистичка, федеративна, народна, ваква и онаква и можеби може да издржиме Македонија со некаков префикс северна, горна итн. Она што е важно, ние сме Македонци и тоа нас нѐ дефинира. Тука мислам дека е постигнат некаков пакет и нервозата со јавни собири во Грција го покажува тоа – изјави Фрчкоски за емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“.
Според него, две работи се отворени за расправа.
– Кај ерга омнес има однос кон надвор и кон внатре. Што значи односот кон внатре – дали тоа имплицира промена на Уставот, тоа е едно прашање. Ерга омнес досега во меѓународното право е само спрема надвор, бидејќи е меѓународен договор, меѓутоа тие велат ерга омнес и кон надвор и кон внатре. Тоа може да е преговарачка позиција, но може и да не е, тоа ќе го видиме – вели Фрчкоски.
На прашањето каде Грција гледа иредентизам, Фрчкоски рече дека, тука проблемот малку ќе биде искомплициран и таа точка не е јасно како во преговорите ќе се развива, посочувајќи дека во Грција се слушаат две споменувања на иредентизмот, едно од грчката опозиција и едно од Ципрас.
– Кај Ципрас иредентизмот не се квалификува и не се поврзува со Уставот, а кај Мицотакис помладиот се поврзува со Уставот. Тој вика, не требал Ципрас да влезе во преговори за името, прво требал да бара отстранување на иредентизмот и промена на уставот на соседната држава. Тоа имплицира следно. Во варијантата на Ципрас под иредентизам го сметаат менувањето на некои од главните споменици, но ако мислат дека иредентизмот значи промена на член 49 од Уставот на РМ (за малцинствата), кој ние веќе еднаш сме го менувале, тогаш тоа е проблем. Мислам дека е невозможен проблем и нема да влеземе во таа приказна – рече Фрчкоски.
Според него, Грците чувствуваат дека решението ќе оди на поделба на името Македонија и тоа е главната причина за нервозата кај нив, а второ е што не им се дели кругот на профитирање на културата поврзана со тоа.
Во оваа дискусија во печатен медиум („Фокус“) се вклучи и поранешниот претседател на Собранието на РМ – Стојан Андов. Тој потсети дека барањето за „ерга омнес“ беше одбиено од Советот за безбедност во 1993 година
Ако не се почитува она што досега е договарано, туку се измислуваат нови барања, тогаш дали има смисла да се водат преговори со Грција, ако секој иден премиер на Грција си земе за право она што е договорено и завршено, пак да го отвора како тема за нови договори – е неговата клучна теза.
„Можеби денес во Виена меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас навистина ќе почнат веќе долго најавуваните преговори за решавање на спорот во врска со името на нашата земја (тесктот е објавен во тоа време – н.з.). Во овој досегашен период, и покрај средбата на двата премиери во Давос, немало елементи на преговарање, туку сите настапи и поединечни изјави и реакции на политичари од двете земји, имаа за цел да се создаде поволна клима за решавањето на спорот или, пак, да се оневозможи создавање поволна клима за таа цел“ – пишува Андов..
При проценка на преговорите Андов нагласува дека од наша страна настапи од квалификувани поединци со цел да се расипе климата, немало. Од грчка страна, таквите настапи пак биле мошне чести. „Да не ги спомнувам владиките и славните пејачи, во тој правец дејствуваа зачестените изјави на претседателот на Р. Грција Прокопис Павлопулос и поединци од редот на грчката опозиција. Некои двосмислени изјави на Коѕиас беа брзо релативизирани со дополнителни негови изјави“.
Андов нагласува дека најпозитивно се држел во таа фаза од грчка страна, премиерот Алексис Ципрас. Но, неговиот последен настап пред пратеничката група на Сириза е нешто ново. Тој ги обновил црвените линии на Самарас и на Коста Караманлис, велејќи „Сложено име што ќе важи за сите, предуслов е промена на Уставот“. Таа изјава сигурно не го јакне убедувањето во јавноста и во нашата и во грчката дека ќе послужи за создавање поволна клима за решение на спорот, туку создава нови забуни, смета авторот на текстот.
„Ако навистина Ципрас има намера да го оконча овој спор, тогаш тој треба прво да проучи и да се увери како точно течел досегашниот процес на решавање на спорот и да види што во тој спор е веќе договорено, решено и потпишано од двете страни, за појасно да согледа што е тоа што останува да се реши. Инаку ако не постапи така, тогаш ќе му овозможи на секој иден грчи премиер да измислува нови услови и да не го признава тоа што е веќе решено. Во такви услови навистина е бесмислено некој да се надева дека овој спор може да биде решен кога и да е“.
Андов потсетува дека Андонис Самарас како министер за надворешни работи на Грција, налутен од идеите на Робер Бадентер, при крајот на 1991 година, меѓу другото, барал земјава да го смени Уставот. На 6 јануари 1992 година тоа се случило – сменет е Уставот, со носење на два амандмани, чиј текст е усогласен и во консултации и со Робер Бадентер. Тогаш во Македонија имало идеја да оствари консултации со грчката власт, но таа намера беше неостварлива поради грчкиот став да одбие каков било контакт со македонските власти.
Во неколку следни години, грчката страна во пропагандата остана на барањето да се елиминира можниот „иредентизам“, кој би се засновал на некои одредби во нашиот Устав. Во преговорите во септември 1995 година, грчката влада прифати од Уставот да се елиминира какво било сомневање за иредентизам од наша страна, така што се согласи во Привремената спогодба да влезе став за грчкиот однос кон нашиот Устав со кој Грција не бара промени во нашиот Устав, туку инсистира да се даде свечено толкување на членовите во нашиот Устав за кои тие мислеа дека можат да бидат основа за иредентизам.
Така, во Привремената спогодба дадено е толкување на тие два члена од нашиот Устав дека од нив нема и не смее да се извлекуваат некои други права и барања на Македонија и дека двете страни се согласија со свеченото толкување на тие два члена во нашиот Устав. Друго барање во однос на нашиот Устав немаше, и со тоа прашањето на Уставот на нашата земја дефинитивно се решило и никој нема право да го покрева, доколку се држи до одредбите на Привремената спогодба, констатира Андов.
Барањето да се решава проблемот во врска со името на нашата земја така што договореното име ќе се употребува за сите намени (ерга омнес) е сосема во спротивност со Резолуцијата 817 на СБ, констатира Андов. Во таа Резолуција, страните во рамките на ОН и нивните афилијации ќе ѝ се обраќаат на нашата земја со референцата „поранешна југословенска Република Македонија“, надвор од тие граници никој не е должен на нашата земја да ѝ се обраќа на тој начин. Затоа денес, 140 земји во светот во билатералните односи со нас го користат нашето уставно име.
Во првата фаза на преговорите во ОН, при крајот на март и првите денови на април 1993 година, имало обиди од грчка страна референцата „поранешна југословенска Република Македонија“ да ни се наметне како име на нашата земја, но тоа македонските власти го одбиле и во тие преговори ја добиле поддршка од Советот за безбедност на ОН и од „главните играчи“ во светската политика. Затоа Грција се согласила со нашиот став и гласала за Резолуцијата 817 што била донесена во Генералното собрание на ОН.
Дека Грција го прифатила решението на ОН доказ е и Привремената спогодба. Во неа навистина не се именуваа договорните страни, туку се користат обележувања како прва и втора страна, но придружен документ на Привремената спогодба, исто така, усогласен, како и текстот на Спогодбата, а тоа е Меморандумот за конкретните мерки за спроведување на одредбите од Привремената спогодба, потпишан од Љупчо Арсовски во име на македонската страна и Димитрис Кипреос од грчката страна, покажува дека Грција го прифаќа користењето на референцата „поранешна југословенска Република Македонија“ во согласност со Резолуцијата 817. Таа Резолуција не допушта примена на „ерга омнес“ како што сега тоа го бара и премиерот Ципрас, констаир Андов.
Токму затоа кога грчките граѓани влегуваа и сега влегуваат во Република Македонија на нивниот пасош стои печат (документ Виза), која од наша страна гласи „ лицето влегло во Република Македонија“, а кога наши граѓани влегуваат во Грција со македонски пасош, тогаш грчките власти според Привремената спогодба ставаат посебен лист во македонскиот пасош на кој пишува „личноста сопственик на овој пасош доаѓа од „поранешна југословенска Република Македонија““. Тој лист важи само на територијата на Грција. Ниту една друга земја не го оспорува нашиот пасош, ниту го оспорувала.
Според тоа, сите спорни прашања што се решени досега нема основа одново да бидат отворани. А во согласност со тоа ниту во документите на ОН, ниту во практичната примена досега не е воведен и нема основа да биде воведен принципот „ерга омнес“, така што ако се договориме референцата да биде сменета и Македонија прифати име со додавка или без додавка, за тоа нема основа тоа име да важи и во употреба внатре во земјата и да влегува во документите на граѓаните.