Загуби за германската економија поради елиминацијата на репрезентацијата од СП. МОже ли пиењето на пиво заради разочараност да надомести за она што се губи во форма на пиње на пиво заради радост?
ЈЕНС ТУРАУ
Убаво летно време и светско фудбалско првенство – идеална комбинација за пивниците, гастрономите, трговците. Но германската репрезентација, како и многу други силни имиња се елиминирана уште во групната фаза. Вистинска катастрофа за многу стопанственици
Пивниците, кафулињата, рестораните во минатата среда вечерта насекаде во Германија, на пример, беа преполни со навивачи на германскиот национален тим, полни со очекувања. Вечерта пак, по завршниот свиреж на загубениот натпревар против Јужна Кореја и со тоа елиминацијата на репрезентацијата уште во групната фаза на Мундијалот – големо отрезнување.
Кај навивачите, но и кај организаторите на јавно следење на фудбалски мечеви, сопствениците на пивници и кафулиња. Сите тие инвестираа големи пари, на пример во нови телевизори, во изнајмување гигантски мобилни екрани, што не е евтино, посебно во време на Светско првенство, кога побарувачката е исклучително голема. Сите тие мора да сметаат на големи загуби.
Првпат во историјата, откако Германците учествуваат на турнирот, германскиот тим е елиминиран во почетната фаза. „Кој уште би сакал да носи Адидас, ако тие отпаднат уште во почетокот?“, праша Роберт Халфер, експерт за стратешки акциски влогови во Бадер банката, во разговор за Дојче веле, непосредно по почетниот загубен натпревар на германската национална фудбалска екипа против Мексико. Сега се случи токму тоа. Производителот на спортска опрема, гигантот Адидас, уште сега треба да ги приземји своите амбициозни очекувања од висок обрт, иако, за волја на вистината, на турнирот остануваат сѐ уште тимови со негова опрема, како Шведска и Мексико.. Во секој случај, акцијата на Адидас забележа пад.
И на германските производители на пиво, кои годинава досега беа задоволни со зголемување на продажбата од 0,7 проценти во првиот квартал, елиминацијата на безволните момчиња на Јоги Лев ќе им го расипе расположението. Во 2006. година, пред и за време на СП во Германија, тие продадоа пет проценти повеќе пиво, а за време на светските првенства во 2010. и во 2014. година – околу четири проценти. Некои пиварници организираа вонредни работни смени за да можат да ја задоволат зголемената побарувачка.
Бидејќи уште во мај владееше топло време кое мамеше на седење во кафулињата, магацините на пиварниците се наполнети до врв, се вели од пиварницата „Велтинс“. Во мај тие продале 315.000 хектолитри пиво, десет проценти повеќе отколку во претходниот месец. Конкурентот „Кромбахер“, најголемиот германски производител на пиво, продал 650.000 хектолитри пиво, рекорд за оваа година. Но, со оглед на тоа што човек не може да испие толку многу пиво за утеха, изгледите за остатокот од годината се сѐ освен розови.
Друг проблем: реклами на телевизијата, во дневните весници, на интернет-порталите. Кој уште ќе сака да го гледа Томас Милер кој рекламира купување кај супермаркетот Реве? Или Јоахим Лев во рекламниот спот за производителот на прозорци Шико? Тоа е осудено на неуспех. Но, Шико не сака да се откаже од Јоги Лев. И Мерцедес бенц, до крајот на годината е генерален спонзор на Германскиот фудбалски сојуз, може да ги уништи или сторнира снимените реклами со репрезентацијата. Никој веќе не сака да ги гледа. Од 2019. година, патем, спонзорската улога ја презема концернот Фолксваген, кој е во потрага по нов почеток, што е можеби среќна околност.
И за Германскиот фудбалски сојуз, СП 2018 е зделка со загуби. Според проценките, можен е минус од 1,7 милиони евра, зашто наспроти приходите од 9,1 милион евра стојат трошоци од речиси 11 милиони евра за мисијата одбрана на титулата светски првак. За да се оствари добивка, милионски вредните ѕвезди ќе требаше да стигнат најмалку до полуфиналето. Дали од нив ќе се бара надомест? Секако не.
Освен тоа, надежта на трговијата на мало како синџирите супермаркети Реве, Едека или Реал, да профитираат од доброто расположение за време на Мундијалот, може исто така да се распрсне во воздух, исто како и надежта на електромаркетите како Сатурн или Медиа маркт да продадат некој телевизор повеќе. Меѓутоа, Ролф Бирки од Нирнбершкото друштво за истражување на потрошувачката е сигурен дека елиминацијата на германскиот тим на СП 2018 во Русија нема трајно да го закочи потрошувачкото расположение на Германците. Сепак, тој признава: „За жал или за среќа, немаме никакви искуства со вакво рано испаѓање од едно СП.“
Тони Крос, „уметничкиот“ стрелец од претходната сабота, тивкиот и кул светски граѓанин од Мадрид и Грајфсвалд, по натпреварот со Шведска изјави: „Имам чувство дека многумина во Германија ќе се радуваа ако ние денеска отпадневме од натамошно учество“. Тоа звучи како отворен предизвик.
Но, пред сѐ, ова едноставно претставува реално набљудување. Зашто, земјата е толку поделена, што Германците не можат да се усогласат дури ни околу својата репрезентација. За десничарските популисти од АфД, во неа играат премногу муслимани и луѓе со друга боја на кожата, а играчите со турски корени, свесно или несакано, вршат изборна реклама за автоктратот Ердоган. И со тоа против себе ги свртуваат и добронамерните. Тоа е Германија во 2018. година.
Репрезентацијата и земјата отсекогаш се отсликувале меѓусебно. Во 1954.година Германија беше аутсајдер, исто како и целата земја. Тим од воени деца и повратници во крајниот меч во Берн ја победи Унгарија, големиот тим на оваа епоха. Во сеќавањата остана сликата на капитенот Фриц Валтер, како понизно и полн стравопочит го прима победничкиот покал. Ние сме повторно тука, но тивки и мирољубиви. Лекцијата е научена – никогаш повеќе војна. Можеби поврзаноста меѓу репрезентациата и народот никогаш не беше потесна од тогаш.
Потоа, во 70-те години: еден блескав Европски првак во 1972. година, симбол на подемот од овие години. Гинтер Нецер со полетни чекори, со развеана коса. Храбро кон поголема демократија. Но, веќе две години подоцна, тимот се мачеше кон титулата светски првак во сопствената земја. По подготовките во знакот на левичарскиот терор, затворен во спортскиот тренинг-логор во Шлезвиг-Холштајн. Нетцер свиткан на клупата. Во преднатпреварите – пораз против екипата на Германската Демократска Република. Револуцијата заврши.
А потоа дојде Летната бајка 2006. година. Светско фудбалско првенство во сопствената земја. Вистински добри и млади стрелци. Опуштено-радосно расположение, сосема нормално и дозволено стана веењето германски знамиња и гласно пеење на химната. Во тимот беа играчи со потекло од многу земји. Новата, свежа Германија, економијата зема залет. Недостигаше само една титула. Крунисувањето стигна осум години подоцна: со играчите со имиња Боатенг, Кедира и Езил успеа мајсторството: 7:1 против Бразил во полуфиналето. Интеграцијата е можна и успешна. Селфи-снимки во играчката кабина на фудбалерите со канцеларката. Новата Германија му се презентираше на светот, Берлин стана туристички магнет. Светските прваци триумфално беа дочекани во престолнината, авионот со нив кружеше над градот. До она што денес го нарекуваме „бегалска криза“, имаше уште една година. А уште двеипол години додека Доналд Трамп стана претседател на САД.
По бегалската криза – фудбалската репрезентација е под притисок
А сега? Среде турнирот, тимот доживува пресврти, се повеќе се доведува во прашање светскиот првак од 2014. година. Во Берлин канцеларката е под досега невиден притисок, против неа се дигаат нејзините сопствени луѓе. Опуштен и задоволен како во Бразил не изгледа ни нациналниот фудбалски тим, очигледно и тој е под притисок. Но, копнежот на Германците кон јасност, кон ориентација во еден непрегледен свет, јасно го отсликува ерупцијата предизвикана од голот на Крос против Шведска: постигнат во последна секунда, по грешки и неуспеси. Со помал број играчи. И против секоја веројатност.
Политиката и општеството токму тоа го загубија – желбата работите да се свртат кон добро, наспроти сите сомнежи, стравови и двоумења. Владејачкото расположение е агресивно. Можеби земјата и владата овојпат треба да земат пример од фудбалската репрезентација.