БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Негирањето на геноцидот во Сребреница и високиот интелектуален сервис што им го пружаше на Милошевиќ и на Караџиќ додека нивната воена машинерија сееше смрт во Хрватска, во Босна и Херцеговина и на Косово, за Хандке беше начин да се биде оригинален, да се биде на спротивната страна од модерниот свет
Не знам зошто се смета дека наградата на Хандке ја проблематизира само личноста на писателот. Јас мислам дека овој врвен автор од втор ред (Гомбрович) не ја заслужува наградата дури и да можеле со некаква грандиозна гума, времето и историјата, скроз да му го исчистат досието на човечноста пред да го пратат во Стокхолм.
Негирањето на геноцидот во Сребреница и високиот интелектуален сервис што им го пружаше на Милошевиќ и на Караџиќ додека нивната воена машинерија сееше смрт во Хрватска, во Босна и Херцеговина и на Косово, за Хандке беше начин да се биде оригинален, да се биде на спротивната страна од модерниот свет, можеби и протест пред постојниот ред на нештата во кој Србите беа лошите момчиња, но тој момент ја крева неговата морална изопаченост на квадрат и ја прави апсолутно неподнослива.
Затоа што неговиот однос не беше негирачки однос кон жртвите ниту солидарен однос кон Србите, туку исклучиво користољубив однос кон себе. Чист воен профитер.
Освен тоа неприсуството на македонскиот амбасадор на свеченоста на доделувањето не беше негација на литературната димензија на наградата, туку негација на парадата на Хандке и на Нобел, која, пак, литературата на Хандке неизбежно ја врзува со неговата личност. Што ја замачкува и литературата и наградата и церемонијата и оние кои морализираат над решението на министерот Димитров и нему му префрлаат работи што требаше да му ги префрлаат на Хандке и на Нобеловиот комитет.
Поради сиве овие причини официјалниот став на Македонија ги заслужува сите адмирации.