За некои пратеници како што се овие од ДУИ, и тој Закон не би можел да помогне за тоа каде ќе одат по истекот на мандатот, затоа што тие никогаш ништо во животот и не работеле пред да станат пратеници
МАЈА ИВАНОВСКА
За изјавата на претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, околу пратеничките привилегии, зборувавме со Џевдет Хајредни, кој вели дека Џафери „погрешно се изрази кога рече дека обидот, како што бевме сведоци изминатите денови, пратениците на Собранието на Република Македонија, самите да предложат закон со кој ќе се обезбедат привилегии, по истекот на мандатот, да бидат вработени, па дури и на раководни места, значи дека, ако не постои овој закон, тие ќе завршат пред контејнери“.
„За некои пратеници како што се овие од ДУИ, и тој Закон не би можел да помогне за тоа каде ќе одат по истекот на мандатот, затоа што тие никогаш ништо во животот и не работеле пред да станат пратеници. Ниту пак имаат стручни, интелектуални и образовни предуслови.
Тоа се луѓе за кои, самиот лидер на ДУИ, на прашањето на една граѓанка, зошто тој и тој човек, по трет пат, повторно се предлага за пратеник, рече: „Јас немам што да му правам, тој не може да биде ни молер!“ Демек, тој решава социјални проблеми со тоа што ги предлага за пратеници?
И навистина, заслужува ли, на пример, да се загрижиш каде ќе биде по истекот на мандатот човек којшто скоро 20 години во Парламентот не барал збор? Самиот збор Парламент, доаѓа од латински – parla – збори. И не само што не барал збор, туку во една прилика, без да знае што е Деловник на работа на Собранието, побара збор и сите зинаа да видат што ќе каже. Тој излезе на говорница и му реплицираше на еден човек кој ниту беше присутен во салата, ниту беше пратеник.
И сега некој се обидува да се грижи за тоа што ќе работат кога ќе им истече мандатот. Па што работел пред мандатот? Што работел во текот на мандатот, за да се загрижиме каде ќе работи после мандатот?“, вели Хајредини.
(civilmedia)