Поранешниот заменик- помошник државен секретар на САД очекува Бугарија и остатокот од ЕУ да најдат начин да ги надминат проблемите, за да може Северна Македонија да ги почне преговорите што е можно побрзо
Ако Џо Бајден биде избран за претседател на САД, тој цврсто ќе ја поддржи интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија, вели за Гласот на Америка на македонски јазик, поранешниот заменик-помошник државен секретар на САД, Хојт Ји.
„Јас цврсто верувам дека Бајден ќе се залага за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Ова секако е одлука што треба да ја направи ЕУ, САД не можат да ја наметнат нивната волја, но, веруваме дека ги делиме истите цели со повеќето европски држави. Сакаме да ја видиме Северна Македонија интегрирана во европските институции. Очекувам Бугарија и остатокот од ЕУ да најдат начин да ги надминат проблемите, за да може Северна Македонија да ги почне преговорите што е можно побрзо“, вели Хојт Ји, кој го поддржува Бајден за иден претседател на САД.
Тој најавува дека идната администрација на Бајден ќе бара и одговорност од македонските политичари да ја средат корупцијата во државата, нагласувајќи дека има уште многу работа да се достигнат стандардите за ЕУ.
Во интервјуто за Гласот на Америка на македонски јазик, Хојт Ји вели дека е загрижен оти американската репутација на Балканот доживеала иста штета како и во целиот свет, поради, како што рече тој, пристапот на актуелната администрација кон надворешната и домашната политика.
Најавува дека администрацијата на Бајден би се вклучила во борбата против лажни вести во Северна Македонија, помогнати како што вели, од Русија и Кина.
„Има многу работи што би можеле да ги правиме, дури и да осигураме Русија да плати вистинска цена за тоа што го прави на Балканот, во Европа и во САД. Тоа бара глобален напор за изградба на алијанси и зацврстување на институциите во Европа. Заеднички ќе бидеме во можност да се спротивставиме на Путин и руските тролови. Тие напори сега е јасно дека се заглавени“,
изјави Хојт Ји.
За нашата земја вели дека веќе е важен сојузник и партнер на САД, нешто што треба да продолжи да се развива, а односите да стануваат поцврст, и поинтензивна и поблиска соработка на сите нивоа.