Релативизирањето на руската агресија врз Украина за мене во моментот е најеклатантен пример. Без разлика дали доаѓа од разни интелектуалци т.е. квази-интелектуалци или доаѓа од политички партии кои се влијателни
БИЉАНА ЈОРДАНОВСКА
Руското влијание на Западен Балкан се забележува некаде од 2008 година. Една од теориите е дека кога Македонија во 2008 година не влезе во НАТО како членка, на Самитот во Букурешт, дека всушност грчкото вето, било руско вето, вели Џелал Хочиќ во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.
Релативизирањето на руската агресија врз Украина за мене во моментот е најеклатантен пример. Без разлика дали доаѓа од разни интелектуалци т.е. квази-интелектуалци или доаѓа од политички партии кои се влијателни“, вели Џелал Хоџиќ, претседател на СДА Македонија во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.
Со Хоџиќ разговаравме за руското влијание на Западен Балкан и во Северна Македонија, колку тоа се одразува на евроатланските аспирации на земјата, како може да се надмине руското мешање во демократските процеси и што прават македoнските институции, граѓанското општество и медиумите во надминување на руското влијание и хибридните напади.
Во интервју за турската новинска агенција Анадолија велите дека по поразот на Русија ќе се забрзаат евроатлантските процеси на Балканот. На што ги темелите тие ставови? Кои се показателите?
Хоџиќ: Русија долго време имаше јасно искажан став и заложба да ги сопрат евроатланските аспирации на државите од Западен Балкан. Русија е веќе политички поразена во конфликтот и во нивната агресија врз Украина. Поразена е зошто не успеа да направи своја влада во Кијив. Второ, поразена е политички затоа што се обиде и во западниот блок во Европа да направи раздор по прашањето за Украина, што не се случи. Напротив, видовме дека ЕУ заедно со партнерите САД и Велика Британија имаше јасен став и изрекоа сериозни санкции кон Русија. Третиот политички пораз е кога се обидоа да направат проблем на Западен Балкан кој не успеа, во дворот на Европа, со што ќе направија одредена дестабилизација-тие планови пропаднаа. Гледаме дека и Северна Македонија и Албанија ги почнаа преговорите за влез во ЕУ. Босна и Херцеговина влезе во планот за членство во НАТО, во очекување е и Косово, по потпишувањето на договорот за стабилизација и асоцијација за членството за ЕУ ќе добијат визна либерализација. Ова јасно покажува дека Западен Балкан е повторно на траките на евроатланските интеграции.
Во војниот дел, гледаме дека Русија, во оние делови кои се окупирани од Русија, гледаме дека украинската армија добро напредува. Јас не сум воен аналитичар, но не треба да се биде многу паметен да се види дека руската војска во Украина e расфрлана, дека украинската војска брзо напредува кон границите на Русија. Впрочем и вчерашното излагање на Путин на оваа тема, покажува дека тој е во паника и со неговата мобилизација на преку 300.000 војници и неговите закани за употреба на нуклеарно оружје, го покажува целиот пораз на Русија со плановите кои ги има од почетокот на воената агресија врз Украина.
Со тоа, Западен Балкан ќе биде отсечен од Русија и негативното влијание кое го има и повторно ќе се врати на оптимизмот и евроатланските интеграции.
Како ги оценувате досегашните последици од руските хибридни напади на Балканот? Какви штети трпи Северна Македонија од хибридните напади на Русија во Македонија?
Хоџиќ: Руското влијание на Западен Балкан се забележува некаде од 2008 година. Една од теориите е дека кога Македонија во 2008 година не влезе во НАТО како членка, на Самитот во Букурешт, дека всушност грчкото вето, било руско вето. Тоа е една од теориите. Но, влијанието на Балканот Русија го враќа некаде по нивната агресија врз Грузија, некаде во 2008 година. Од тогаш до денеска има сериозни напори да се сопрат евроатланските интеграции на државите од Западен Балкан, да се наруши довербата во демократијата како процес, во институциите и да се сопрат реформите кои дополнително ги демократизираат овие општества кои се во една транзициска ситуација.
По овој пораз кој е евидентен на Русија, се очекува дека таа ќе нема енергија во дворот на ЕУ да прави конфликти и дека со тоа ќе престане порастот на национализмот и дека повторно енергијата ќе биде свртена кон реформите и кон забрзување на интеграциските процеси на Западен Балкан без разлика дали тоа е во НАТО или ЕУ.
Што треба, а не преземаат македонските институции, граѓанското општество и медиумите за да се справат со руското влијание?
Хоџиќ: Ако видиме од еден друг агол овде демократските општества поранливи од авторитарните режими и општата слика затоа што во демократијата има правила кои важат еднакво за сите и за политичарите и за граѓаните. Во демократските општества има слобода на говор, слобода на размислување… додека во авторитарните режими не се премногу по закони, устави итн. Одговорот кон ова треба да биде мора да е комплексен. Прво враќање на довербата во демократијата. Тоа се прави така што државите стануваат уште повеќе транспарентни и уште повеќе приврзани кон демократијата, владеење на правото. Она што е една од карактеристиките на хибридните напади се лажните вести и подигнувањето на етнички и националистички тензии. Одговорот на тоа е повторно повеќе вистина, повеќе транспарентност и казнување на говорот на омраза, нешто што многу му фали на македонското општество. Третата работа е борбата против корупција. Корупцијата е детектирана како еден од моментите преку кои политичарите и други структури се корумпираат за да се намали довербата во демократските процеси. Јас да имам поголемо влијание, би бил доста повеќе внимателен на сите инвестиции кои доаѓаат од Русија и од Кина.
Ние како општество сме зрели за уште една сериозна голема кампања која ќе ни ги покаже вредностите на демократијата како процес, но и вредностите на нашето членство во НАТО и нашите аспирации, зошто ние сакаме да станеме членка на ЕУ. Од 2008 година ние имаме константен пад, меѓу другото благодарение на некои медиуми, не на сите, кои се обидуваат да направат перцепција вредностите за кои ние се демократија, ЕУ и НАТО не се нешто што нас ни треба како општество.
Јас мислам дека нашето општество е зрело за една кампања и како граѓанско општество, но не би ги исклучил дури ни политичките партии, сите оние кои се ориентирани за повеќе демократија, за членство во ЕУ на Македонија, да направат една заедничка кампања да ги спротивставиме аргументите и бенефитите и вредности за кои се залагаме.
Во Македонија општеството има вистинска поделба по една основа, дали сме за про-ЕУ и про-НАТО или не сме. Сите други поделби етнички, верски, политички паѓаат во вода. Кога нашата земја се осамостојуваше поддршката за ЕУ и НАТО и кога го немаше ова руско влијание беше над 90%. Денеска се тие паднати под 70% и тенденцијата е константно кон опаѓање. Но, тоа не значи дека немаме капацитети и во овој момент мнозинството граѓани се и за НАТО и за ЕУ. Тој потенцијал ќе треба да се искористи во една таква кампања со цел повторно да ги реафирмираме позитивните вредности од сите овие политички и демократски процеси.
Може ли да ни наброите три најочигледни примери за руско мешање во земјава?
Хоџиќ: Првото е некаде 2014 година, Лавров, министерот за надворешни работи на Русија, излезе со една изјава дека влегувањето на Црна Гора, која не беше тогаш во НАТО, Македонија и Босна и Херцеговина во НАТО, е непријателски чин кон Русија. Тоа беше една сериозна закана и еден обид да се спречи таа политичка волја.
Вториот пример е кога по изборите во 2016 година се конституираше Собранието и се направи едно ново мнозинство во нашиот Парламент и кога настана криза која кулминираше со 27 април 2017. Ако ги видите соопштенијата на руската амбасада од тој период и на руското МНР, вие ќе видите дека даваа целосна поддршка на политичките на Груевски кои во тој момент беа јасен показател на суспензирање на демократијата. Врз основа на разни митови, национализам и лажни вести, дадоа сериозна поддршка на политиката на Груевски во неговиот обид да стопира трансфер на власта.
Третото е едно истражување во еден угледен хрватски весник во кој се зборува дека Русија до 20014/2015 година финансирала политичари во Европа и на западен Балкан кои работеле во корист на руските политики наспроти стратешките интереси на државите.
Релативизирањето на руската агресија врз Украина за мене во моментот е најеклатантен пример. Без разлика дали доаѓа од разни интелектуалци т.е. квази-интелектуалци или доаѓа од политички партии кои се влијателни. Од оваа гледна точка, како граѓанин, сум задоволен бидејќи ние имавме претседател на држава, премиер и министер за надворешни работи и кои со своите изјави нашата заедничка држава Северна Македонија ја ставија на страната на цивилизациските вредности. И тоа е едно задоволство. Но, гледаме дека во опозицијата, посебно во две партии, ВМРО-ДПМНЕ и Левица, отсуствува јасна осуда на руската агресија врз Украина и јасна осуда на политиките на Путин.
(civilmedia.mk)