По едногодишна работа, Советот за соочување со минатото во Хрватска конечно изнедри свои заклучоци и предлози. Но со нив, засега, е задоволен само премиерот Андреј Пленковиќ. Критиките стигнуваат и од лево од десно
ДЕНИС РОМАЦ
На ден пред истекот на едногодишниот рок, Советот за соочување со последиците од владеењето на недемократските режими ги објави своите заклучоци и препораки. Тие се еднакво контроверзни како и самиот Совет, составен од 17 експерти од различни профили и вредносни убедувања. Советот заклучи дека усташтвото и усташкиот поздрав „За дом спремни“ е неуставен и забранет, освен во „исклучителни ситуации“- и тоа во случајот на усташкиот поздрав кој се наоѓа на грбот на Хрватските одбранбени сили (ХОС).
„Грбот на ХОС може исклучително да се користи во ситуации кога се одбележува погибија на припадник на ХОС. Таа дозвола не го менува ставот дека тој поздрав е противуставен“, објаснуваше претседателот на Советот, академик Звонко Кусиќ.
Советот изработи два документа. Првиот се занимава со историјата и карактерот на тоталитарните режими, а вториот со нормативните акти кои ја регулираат таа проблематика. Премиерот Пленковиќ е задоволен со заклучоците и препораките, и ветува дека „детално ќе ги анализира и ќе види како тие можат да помогнат“.
Но, историчарите со кои разговаравме не го делат задоволството на премиерот. Твртко Јаковина, експерт за историјата на 20. век, кој често во јавноста ги брани антифашистичките вредности, разговорот го започнува со прашањето: дали заклучоците на Советот можат да значат дека таблата со усташкиот поздрав „За дом спремни“ може да се врати во Јасеновац?
„Доколку одговорот е потврден, и доколку таблата, со посебни дозволи, може да се врати во Јасеновац, тогаш Советот не сторил ништо, бидејќи сме повторно на почеток“, вели Јаковина.
„Во однос на минатиот период, кога се исцртани патеките на усташизацијата, бидејќи за користење на усташките обележја е потребно да се бара дозвола и се однесува само на ХОС – иако не е јасно кој ќе одлучува за тоа и кој ќе ги издава тие дозволи. Со тоа всушност кажуваме дека имаме закони кои воглавно се почитуваат, но постојат случаи кога и не мораме да ги почитуваме“, вели Јаковина.
Во однос на ѕвездата петокрака и комунистичките симболи, истиот Совет, оцени дека „не се спорни во контекст на антифашистичката борба, но се во контекст на кршењето на човековите права и масовните злосторства“.
Незадоволен од одлуките на Советот е и историчарот Иво Банац. Тој вели дека начелно е против било какви забрани. Во овој случај, вели Банац, „дојде до рехабилитација на некои комунистички симболи и природата на комунистичката држава, како и целосна забрана – со еден мал исклучок- на поздравот „За дом спремни’“. Затоа, вели тој, во Хрватска повторно ќе уследат истите судири од кои таа се ослободи на извесно време.
Сега сето тоа повторно ќе се врати и тоа ќе потрае сѐ додека не биде донесена сериозна одлука од сериозна влада– за разлика од оваа на Пленковиќ. Влада која ќе сфати дека решението е во слободата, а не во забраната, и во отворена расправа, а не во наметнатите толкувања на минатото“, вели хрватскиот историчар.
Банац е потписник на „превентивниот апел“, кој беше потпишан од група претежно десно ориентирани историчари во октомври минатата година, противејќи се на било какво пропишување на „историски вистини“ и забрани. „Ние имаме наша историја која е оптоварена со проблеми и затоа во тој контекст единствено решение е да се дозволи слобода на сѐ, па во догледно време она што е спорно ќе исчезне. Убеден сум во тоа. Штом нешто забраните, и го продолжувате животот на таквата појава. Забрануваа и во комунизмот, па што направија со тоа? Дали успеаја тоа да го искоренат?“, прашува Банац.