Едно брутално убиство од користољубие го разоткри покровот од уште една екстремистичка група која била вклучена во обидот за насилно рушење на уставниот поредок во април 2017 година

Деновиве се дозна за уште едно грозоморно и подло убиство од лице кое секојдневно има допир со пациентите во скопски Карил и кое инаку има зад себе практика на насилно решавање на политичките дилеми кај одреден слој на населението. Како лидер на органзација која си се претставува како „хуманитарно, аполитичко и патриотско здружение“, дури и како братство што има „верници, а не членови“. Деновиве масовно се бришат постовите или да речеме појасно – трагите на оваа организација која претходно е позната по своите дејствувања а и сликања со водачи на други слични „групировки“ како што е позната „Десна“ која со својот лидер и обвинет за свирепо убиство Палчевски се покажа дека не се разликува од најтемните по методите криминални групи што ова поднебје ги познава. На тие фотографии се и членови на групи кои се идеолошки блиски, но и тие просто како со „гумичка“ се бришат од социјалните медиуми, доста се зафатени деновиве; по првичното одлучно бранење на својот лидер од страна на другите активисти на Братството слдбениците нешто се замолкнаа.
Овој настан секако, најнапред укажува дека пред наши очи, паралелно со државно-правосудната активност за реставрација на ситуацијата од пред изборите во декември 2016 година, што означија пресврт во враќање кон демократските вредности на Македонија, се враќаат контурите на сето она што се случувало пред и за време на обидот за пуч на 27 април 2017 година!
Што го привлече вниманието кон Братството? Да се потпреме на охридските медиуми и соопштенијата на тамошната полиција. Според „Охридњуз“ зад убиството на 76-годишниот Климе Митрески, што ја вознемири јавноста во Охрид, стои 53-годишниот анестезиолошки техничар од Брвеница, тетовско, вработен во јавното здравство, Жарко Грозданоски. Тој бил уапсен набргу по настанот во неговото родно место, во локална меана. Во описите кои дојдоа и на малите екрани Гроздановски добил од својот „брат“ Митревски право на имот вреден над еден милион евра за обврска за негова „грижа“ . Сега покојникот, се дознава имал деца, но од некоја причина (можеби и под принуда) се потпрел на Гроздановски, но за кусо, според охридски извори, посакал договорот да го раскине. Накусо дошло до контакт на обвинетиот за убиство и оној за кого требал да се грижи и првиот, не знајеќи за ефикасното покривање со безбедносни камери со раце го задушил човекот за кого требал да се грижи.
Некои наши вредни колеги понавреме стигнаа да разоткријат кое е „Христијанско братство“, пред да започне брзата акција на бришење на трагите. На страницата на „Рацин“ можевме да прочитаме дека на нивниот YouTube-канал имало видеа како „Говор избори (2020 год.)“ и „Цели на Х.Б. во Собрание на Р.М.“, што значи дека политичкото дејствување не е спореден елемент, туку дел од идентитетот што самите го градат. Авторот на текстот нагласува дека проблемот не е во религиозната симболика сама по себе, туку во нејзината политичка употреба. Понатаму се укажува на истражувањето на Institute for Strategic Dialogue и Strong Cities Network за онлајн екстремизмот во Северна Македонија, каде се опишува групата како христијанска етно-националистичка структура, која православниот идентитет го користи како клучен маркер за „внатрешната“ група, а јавниот настап ѝ е врзан за Фејсбук и Јутјуб. Во истиот извештај, нагласува „Рацин“ се наведува дека „Христијанско братство“ ги означувало двете најголеми македонски партии и нивните раководства како „предавници“, учествувало во анти-владини мобилизации, барало правда за осудените „бранители на Уставот“ од 27 април и паралелно ја истакнувало својата хуманитарна работа како контрапункт на обвинувањата дека станува збор за насилна организација.
На фотографијата која беше изложена на Фејбук челникот на оваа групација се сликал со споменатиот Палчевски, но и со лидерот на една партија позната по своето русофилство, но и еден поранешен виден член на ВМРО ДПМНЕ кој често се појавува на политички емисии од разни поткасти а се позиционира себе си како дисидент на својата партија.

Во меѓувреме МПЦ-ОА јавно се дистанцираше од „Хриситјанско братство“ во смисол дека не е никаков основач на истата организација ама не чувме од оние други субјекти (политички) како тие се позиционираат во однос на она што ова Братство го работело во својата куса историја.
Секако, кога „Христијанско братство“ било дел од кампањата за бојкот на референдумот во 2018 година, членови на организацијата, меѓу нив и лидерот Жарко Гроздановски, биле присутни и на протестите што кулминираа со упадот во Собранието на 27 април 2017 година, како и на собирите против уставните измени. На дел од страниците што го носат истото име се појавуваат и лозунзи како „Нема назад! Нема повлекување! Нема предавство по никоја цена!“ и „Само со Македонци, Македонија ќе биде на Македонците“, што ја открива линијата на етничка исклучивост под превез на патриотизам.
Низ социјалните мрежи се откриваат нивните активности а тие покажуваат микс од православна симболика, националистичка мобилизација и теории на заговор. ISD забележил дека членови и профили поврзани со „Христијанско братство“ ширеле и ковид-заговори, вклучително и пораки дека вирусот „постои само во вашите глави“, како и повици луѓето да одат во црква и покрај владините ограничувања за собири за време на пандемијата. Тоа покажува матрица што не се исцрпува со „традиционални вредности“, туку навлегува во антисистемски наратив, недоверба кон институциите и постојано производство на „предавници“ и „душмани“.
Името на организацијата деновиве повторно влезе во фокус откако Основното јавно обвинителство во Охридо полициските наоди, отвори истрага против 53-годишен маж од Брвеница, осомничен дека од користољубие го убил Климе Митрески за да спречи раскинување на договор за доживотна издршка. Обвинителството не го именуваше, но „360 степени“ и други медиуми го идентификуваа осомничениот како Жарко Гроздановски, лидер на „Христијанско братство“. Важно е тука да се остане во рамка на фактите: тој е осомничен, не осуден. Но е исто така факт е дека по апсењето, членови на организацијата јавно порачаа дека „цврсто стојат зад братот Жаре“ и бараа јавноста да не го осудува предвреме.
Контроверзиите околу Гроздановски, сепак, не почнуваат со охридскиот случај. Според МВР, во нивните евиденции против него претходно било заведено едно кривично дело за загрозување на сигурноста преку компјутерски систем, поврзано со закани кон тогашниот премиер Зоран Заев во 2019 година. „360 степени“ објави и судски документ од 2012 година во кој се гледа приватна тужба за оштетување туѓи предмети, навреда и загрозување на сигурноста, завршена со договор да плати 23.000 денари за штета и трошоци, по што тужбата била повлечена. Со други зборови, јавниот запис за него не е празен, но ниту државата досега јавно не го третирала како профил со долга низа правосилни пресуди.

Тука се отвора прашањето што го поставува и овој случај: дали државата воопшто следи вакви групи? Формално, одговорот е да. Владата има Национална стратегија за спречување насилен екстремизам 2023–2027, Национален комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, а МВР има сектор и единици што експлицитно работат на тероризам, насилен екстремизам и радикализација. Во 2025 година Министерството потпиша и нов регионален акциски план за спречување и борба против насилен екстремизам. Но експерти и истражувачки медиуми со години предупредуваат дека крајната десница и десничарските маргинални групи не биле третирани со истата сериозност како другите облици на радикализација.
Случајот со Љупчо Палевски и неговата партија Десна е важен токму како потсетник на таа матрица. Meta во 2023 година ја опиша Десна како радикално десничарска и про-Кремљ ориентирана партија, со слоган „чист, модерен македонски национализам“, со силно присутни заговорни, антиглобалистички и идентитетски наративи. Во таа смисла, „Христијанско братство“ и круговите околу Палевски не се исто, но припаѓаат на сличен идеолошки пејзаж: спој од православна симболика, етно-национализам, постојано именување „предавници“, антиплурализам и претворање на политичкиот конфликт во морална и цивилизациска војна.
Затоа главното прашање не е дали „Христијанско братство“ јавно се нарекува хуманитарно или патриотско, туку што покажува неговата трајна јавна пракса. А таа пракса, заклучува „Рацин“ ако се следи без романтизирање и без паника, покажува структура што религијата не ја користи за духовна работа, туку за политичка мобилизација; што хуманитарноста ја става паралелно со радикална реторика; и што постојано ја поместува границата на прифатливото кон простор во кој заканата, исклучувањето и култот кон „одбрана на нацијата“ стануваат нормализирани. Формални механизми за надзор државата има; јавно видливата и навремена реакција, барем кога станува збор за вакви десничарски и етно-религиски мрежи, и натаму изгледа селективна и доцнежна.
(користени се повеќе извори на јавно објавени текстови и анализи)




