БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Каков препарат за хигиена (вениш, мистер мусколо, пулирапид, солна киселина) треба да сипеме низ оџаците на МАНУ и на оние на Штабквартирата на злото, за да ги измиеме првите луѓе на македонскиот патриотизам од глупоста на која ги лепат пердувите на ресентиманот како политичка доктрина
Ниче сметал дека успешното цивилизирање може да се оствари со хигиенска програма која на дневен ред ќе го стави ослободувањето од духот на ресентиманот.
Тој се грижел за замена на токсичната фигура на „осветољубивата понизност” со интелигенција која секогаш одново се уверува во своите тимотички мотиви.
Значи се борел да се делегитимира наследената фатална врска меѓу интелигенцијата и ресентиманот (љубов која што ги обдари Македонците со самоомраза, презир и суицидални мотиви) за да се направи место за идните парадигми на детоксинизираната животна мудрост.
Тоа пред мене го поставува прашањето: каков препарат за хигиена (вениш, мистер мусколо, пулирапид, солна киселина) треба да сипеме низ оџаците на МАНУ и на оние на Штабквартирата на злото, за да ги измиеме првите луѓе на македонскиот патриотизам од глупоста на која ги лепат пердувите на ресентиманот како политичка доктрина.
Да ги ослободиме од „токсичната фигура на осветољубивата понизност”). Таа токсична фигура на интелектуалната и патриотска елита нè заглавува на самиот влез во преговарачката рамка со што го загрозува нашиот живот и го остава празно местото за Македонија на ѕидот во европската галерија.
Рамка без слика.
Во Брисел.
Тука имаме глупост без рамка.
Ако таа токсичност не отпадне од препаратите за хигиена, ќе мораме да ја отсечеме како физички вишок.
Со моторна пила или со рачна бичкија.
Освен хигиената потребна е и културна амбиција, да не речам револуција, која наполно ќе ја напушти фикцијата на метафизичката одмазда и нејзините политички рефлекси.
Освен тоа кои и какви и што сме ние за да претендираме на некаква одмазда. Па ако треба на некого да му се одмаздуваме тоа сме ние.
Без остаток.
Целта е, според Слотердијк, меритократија која ќе го урамнотежи антиавторитарно опуштениот морал и свеста и почитувањето на неотуѓивите лични права. Авантурата на моралот мора да се одвива со паралелограм на елитните и егалитарните сили. Не против елитата. Како што некои муви им зујат во главите на не мал број шашардисани вморони и кај главарите од линке тинке раја.
Високата политика се случува само во модусот на вежби за рамнотежата. Увежбувањето на рамнотежата не значи избегнување на нужната борба туку значи избегнување на одвишните судири. Како што Македонија направи на темата за уставните промени.
Само културата може да ја сопре малигната наивност на поврзувањето на желбата за уважување со авторелативизацијата. Од малигнитетот за кој пишува Слотердијк, Македонија ја разболе вмро.
И други фактори, но туморот од кој се раширија метастазите, се вика вмро.
Единствено во тие рамка може да се замисли преместувањето на нагласката од нагонот за присвојување кон
доблеста на давањето.
Некогаш.