Првите денови на октомври 1014 година позлатената кочија на балканскиот Цар Самоил, по поминатото лето на постела во Прилеп по ужасната битка на Беласица, за последен пат поминала низ Претор, а на шестиот ден од месецот листопад тој почина во дворецот на островот Свети Ахил
МЕТОДИЈА ЈОНОВСКИ
Во урнатините на базиликата изградена во чест на Свети Ахил на истоимениот остров во Малото Преспанско Езеро, грчките археолози тврдат дека во 1969 година откриле четири гробници односно почивалиштата на тројцата цареви на Самоиловата држава – на самиот Цар Самоил, на неговиот син Гаврил Радомир и на неговиот внук од брат му Арон, Иван Владислав, како и гробницата на зетот на Цар Самоил за керката Косара, кнезот на Дукља Јован Владимир. Посмртните останки од веќе ограбениот гроб на Цар Самоил биле однесени и денес се чуваат во Музејот на византиската уметност во Солун.
Првите денови на октомври 1014 година позлатената кочија на балканскиот Цар Самоил, по поминатото лето на постела во Прилеп по ужасната битка на Беласица, за последен пат поминала низ Претор, а на шестиот ден од месецот листопад тој почина во дворецот на островот Свети Ахил. Го погребале во базиликата што тој кон крајот на десеттиот век ја изградил во чест на Свети Ахил чиј мошти во 982 година, по заземањето на Лариса, ги пренесол на островот во Малото Преспанско Езеро.
Целото царство тогаш паднало во длабока ск’рб, цела недела биеле преторските камбани, поданиците се завиле во црнина затоа и ден денес носијата на старите во Долна Преспа е во црна боја и старите жени носат црни шамии.
Не случајно царот посакал, претчувствувајќи ја блиската смрт, неговото вечно почивалиште да биде токму на островот Свети Ахил. Да биде што поблиску до гробот на неговите родители Никола и Рипсимија, која била со ерменско потекло и брат му Давид, кај селото Герман, кое се наоѓа на самиот источен брег на езерото, а најверојатно и до својата сопруга, византиската благородничка од Драч, Агата која починала на самиот крај на десеттиот век односно 998 година.
Надгробната плоча поставена од Самоил на гробот на неговите родители и брат му Давид во Герман е од 992 или 993 година а, пак, неа, околу илјада години подоцна, во 1915 година, непосредно спроти отворањето на македонско-солунскиот фронт, кога и селото Герман за време на Првата светска војна се најде на самата линија на фронот, постоеше опасност таа да се уништи во виорот на војната, Панде Јонов од Претор, кој по војната, во тогашното Кралство на Југославија, во три мандати беше биран за претседател на овдешната општина, со коњска запрега ја пренесол до Битола, а оттаму била однесена во Софија.
Веројатно гробот на цар Самоил низ десетте векови бил ограбуван повеќе пати, но првото растурање и ограбување, четири години по неговата смрт, сигурно било, лично од византискиот император Василиј Втори, кој, на крајот на летото 1018 година, по освојувањето на Охрид и ограбувањето на царското азно и 55 дневниот престој во тврдината Константион (денешното „Шурленско кале“ на северниот брег на Преспанското Езеро), тргнал, преку Царев Двор и Претор, „да му згазне на гробот на Цар Самоил и да го докрајчи неговото царство,,.“. Имено, едно предание за византискиот император, пред да тргне од крепоста Константион кон Свети Ахил, вели :: ,,Ако жив не го заробив на Беласица, сега сакам да му згазнам на неговиот гроб,,.
По смртта на Цар Самоил круната ја презеде син му Гаврил Радомир, но беше цар нецела година. Во август или септември 1015 година, при заеднички лов, беше убиен од својот братучед Иван Владислав, кому на времето му го спасил животот кога Самоил ја погубил целата негова фамилија. И Гаврила го погребале на островот Свети Ахил, но овде набрзо, односно во фебруари 1018 година, му се придружил и самиот Иван Владислав, последниот цар на Самоиловата држава, кога кај Драч го убил негов поданик.
Чевртата гробница на островот Свети Ахил, како што тврдат грчките археолози, му припаѓала на зетот на Цар Самоил, дукљанскиот кнез Јован Владимир. Него на 22.мај 1016 година го убил Иван Владислав, откако на измама го поканил да го посети новиот цар. Во едно предание се вели дека тој му ја пресекол главата со сабјата која на времето зетот за прва братучетка нему му ја имал подарено.Тој сигурно првобитно бил погребан на островот, а по извесно време на братучетка му Косара, Иван Владислав и дозволил да го откопа телото на својот сопруг и да го пренесе во манастирот Пречиста Краинска, во јужниот дел на Дукља или Зета. Меѓутоа, се чини дека заради далечниот пат, телото на кнезот некое време останало во близина на Елбасан кај селото Брадашеш каде што се наоѓа манастир на албанската православна црква, посветен на Свети Јован Владимир. Сепак Јован Владимир не бил закопан кај Крани, според некои мислења, туку всушност станува збор за „манастир у Краини (во Краина“, кој се наоѓал во Дукља кај Скадарското Езеро.
За погубувањето на Јован Владимир на Островот пишуваат Скилица и Поп Дукљанин, додека според еден друг извор, грчкото житие на Јован Владимир од 14 век, прв пат печатено во Венеција во 1690 година, а во 1741 година и во влашкиот центар Москополе, дукљанскиот кнез бил убиен од Иван Владислав на патот Охрид – Битола. Имено, познатиот хрватски историчар од 19 век Фрањо Рачки смета дека тој бил убиен кај „Турново“ на патот Виа Ингациа.
Кирил Јоновски во својата книга „Преспа – историска енигма“, во врска со ова пишува дека има совпаѓање со месноста Трново, јужно од сегашното село Сопотско, кај некогашното село Белица каде што постои и топоним „Гробот на светецот“, така што можно е убиството на Јован Владимир да било таму, а не на островот Свети Ахил, дотолку повеќе што престолнината пред повеќе години од Преспа веќе била преместена во Охрид, па немало причина зошто Јован Владимир да оди на островот Свети Ахил, пишува Кирил Јоновски, според неговите долгогодишни теренски испитувања на топонимите во Горна Преспа и проучувањето на историските извори.
.