БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Секако дека мора да градат битангиве од инвеститори, оние цареви кули над нашите глави, да не офнеме кога ќе натежнат, за да можеме зградите да им ги држиме над нашите раменици. Само така тие ќе можат се одржат и да не надживеат, додека ние сме премалеле одамна
Случајот со рушењето на дивоградбата кај Мавровка, после неколку месеци барање на почитуваниот господин инвеститор е навистина неверојатен чин, во кој правдата победува, но за да дојдеме до таа тешко освоена правда, мораме да се вратиме на самиот почеток. Ако ги погледнете реакциите на граѓаните, главната поента се состои во една одлично срочена реченица – „Најдоброто нешто е што битангата што градеше пред “Мавровка”, го викаат инвеститорот”.
Овој став ја содржи сржта на целото наше општество, целиот смисол на постоењето на една распадната, пред нашите очи, правда, тоа е нашата тага и сета иронија.
Нашата почитувана мафија ја создала таа пајакова мрежа на политичарите, инспекторите, обвинителството, судството, полицијата- тоа се вистинските битанги- инвеститори кои ја градат секоја пора од државата, која се претворила во една голема дивоградба, едно царство на насилство и беззаконие.
На таа мафија никој не и го знае трагот, ниту почетокот, најмалку како стигнала до сиот тој крај во кој државата ја слави, затоа што таа низ времето станала нејзиното алтер его. Стануваат тие крволочно алчни, насилни и дрски шерифи, овој свет е нивен, за нив изграден и ним им припаѓа.
Секако дека мора да градат битангиве од инвеститори, оние цареви кули над нашите глави, да не офнеме кога ќе натежнат, за да можеме зградите да им ги држиме над нашите раменици. Само така тие ќе можат се одржат и да не надживеат, додека ние сме премалеле одамна.
Слично ги носиме на грб и нашите мали, кутри пратеници, таа стара, нам добро позната, почитувана мафија. Што се не помина низ годиниве низ Собранието, кого се не згазија, понижија и осиромашија, кој на тоа да се сеќава. Веројатно Силвана Бонева и Мира Дизел се симболот на тоа царство кое се градело до небеса, нивните злоупотреби на патарините, изживувањето кое низ годините поминуваше неказниво. Тоа расипништво секогаш доаѓа право пропорционално со почитта која се добива, заслугите кои не им припаѓаат, честа која се стекнала само со функцијата, но тоа е се што таа поседуваат, а ништо од тоа не заслужиле.
Но, Заев има поинаков план со заслужните пратеници- неговата најава дека ќе добијат понуда лично од него за нови функционерски места, подразбира дека не ја научил досегашната лекција- наместо да се ослободува од товарот на прегломазната администрација, која лакомо исцицува пари, ресурси и злоупотреба на моќ, тој натоварува нови планини, нови кули од карти, нови јалови поминати години.
Еднакво поразително е последното истражување на Сабина Факиќ и Герман Филков од нивниот Центар за граѓански комуникации, за безмилосното и безобразно купување на автомобили на функционерите низ последниве години. За нови возила за само две и пол години, државата потрошила 8 милиони евра, и тоа станувало збор за само една или две понуди на тендерите, во 90 проценти од случаите.
Којзнае дали некој ќе се замисли, засрами, наведне и, дали е можно, да се извини некогаш, и потоа да одговара за сите потрошени наши денови, најмногу за тоа. Никој не верува во тоа, во таков исход, во таков пресврт. Но, останува на Заев да ги натера, еден по еден- да го сторат она што досега беше невозможно за нив, но и за него.